Ресен: Дводневна манифестација „Запознај ја Преспа“

Ресен: Дводневна манифестација „Запознај ја Преспа“

Општина Ресен, заедно со невладината организација „Рурални жени од Преспа“ и Планинарското друштво „Prespa bike” за време на викендот, (15 и 16 јуни) во преспанскиот регион  организираат Манифестација „Запознај ја Преспа“, настан кој има за цел преку дружење, спортски активности, трибини и промоции да ги поттикне и сплоти младите од регионот, пред сè од нашата земја и Грција и Албанија.

Проектот, кој за прв пат се одржува во нашата држава, ја има поддршката од Агенцијата за млади и спорт (АМС) и е дел од активностите за кампањата „ЕУ за тебе“. Како партнери на настанот се и фармата „Духот на Преспа“ и НВО „ Преспа ГРАД“ и „Еко Герила Ресен“.

Манифестацијата, во сабота почнува во 18:00 часот во Отешево, во хотелот „Lake view“ со  одржување на Панел дискусија на тема: „Европски придобивки за регионот Преспа- искуства и можности“, во организација на Агенцијата за млади и спорт (АМС).

На панел-дискусијата ќе учествуваат директорот на АМС, Дарко Каевски, Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, Михалис Петракос, советникот на градоначалникот на Општина Преспа, Лемос, Етлева Тимо, регионалнa координаторка за прекуграничен регион, Корча, Албанија и Димитар Низамовски, извршен директор на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Програмата за дружење и обединување на младите продолжува со концерт од 20:00 часот,  на кој ќе настапат музичките групи, домашниот „Нокаут“, албанската рок група „Бла, бла, бла“, грчкиот реге бенд „Anima Nation“, како и локалните групи „Инстикт“, „Реприза“ и Екстраваганца“ започнува во 20 часот.

Активностите, в недела (16.6) започнуваат од 10:00 часот, со велосипедска и планинарска тура на планината Галичица.

Со акција за садење дрвја, во која ќе учествуваат стотина млади од нашата земја, заедно со млади од Грција и Албанија, ќе биде обележана првата годишнина од Преспанскиот Договор, кој Северна Македонија и Грција го потпишаа на 17 јуни 2018 година, со кој беше надминат речиси тридеценискиот спор за името.

Дел од организираните активности наменети за младите од регионот е и еколошката акција за чистење на околината на Преспанското езеро.

Во недела, на плажата „Дупени Бич“ во селото Долно Дупени, од 12:00 до 17:00 часот ќе биде организиран Фестивал на храна, со дегустација на традиционална храна подготвена од „Рурални жени од Преспа“ и презентација на локални органски производи  и јаболка организирани од фармата „Духот на Преспа“ и Општината Ресен.

Во рамки на активностите за претставување на преспанските уникатни убавини и културното богатство на нашата земја, од 12:00 часот ќе биде организиран и фолклорен настап, како и претставување на локални старт-ап компании и ќе биде организиран турнир во одбојка, како и друга забава за најмладите.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …