Реставрацијата и вториот атентат на СЈО

Реставрацијата и вториот атентат на СЈО

Пишува: Љупчо Поповски

Римскиот писател Гај Светониј Транквил во неговата многу позната книга „Дванаесетте римски цареви“ го опишува владеењето и личните карактеристики на дванаесетмина цезари – Од Јулиј Цезар до Домитијан. Пишувајќи за озлогласениот Нерон и неговите наследници, Светониј наведува дека по неговата смрт во во 68 година од н.е. римскиот Сенат го прогласил за јавен непријател, поведувајќи damnatio memoriae за да го избрише неговото наследство. Ова вклучувало уривање на неговите статуи, оштетување на натписите и демонтирање на неговата огромна „Златна куќа“ (Domus Aurea), иако некои споменици, како што се неговите монети, биле тешки за отстранување.

По големиот пожар од 64 година од н.е., Нерон изгради масивен комплекс на палати, Domus Aurea, кој покриваше значителен дел од градот. По неговата смрт, подоцнежните цареви се обиделе да го избришат овој споменик на неговото его со враќање на земјиштето за јавна употреба, вклучително и изградба на Колосеумот над местото на неговото приватно езеро.

Одлуката значеше дека Сенатот повеќе не го признаваше за цар, сметајќи го за закана за државата поради тиранија, нестабилност и губење на поддршката. Јавните записи и почестите што му биле доделени беа одземени за да го означат неговиот срам. Требало да се исфрлат сите споменувања во јавното паметење на неговото 14-годишно владеење.

Еден сличен процес се одвива сега во Македонија со поранешното Специјално јавно обвинителство, чија работа почна со фанфари за ослободување во заробената држава во септември 2015, а заврши осрамотено и исцедено од партиско менгеме во јуни 2020.

Конечна егзекуција

Партиски и други ешалони се впрегнати да се изврши конечната егзекуција на СЈО кое пропадна не само поради наивната вклученост на Катица Јанева во корумпирани дејанија, туку и затоа што партиите што го формираа правеа тоа да го снема, затоа што веќе им претставуваше товар. Па од опскурност се појави поранешната јавна обвинителка Лејла Кадриу, која беше само два месеци во СЈО и потоа отстранета од Јанева, да дава дефинитивни оценки за неговата работа. И да зборува во многу негативно светло за обвинителите Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски, а тие нејзини оценки да ги презема со сите можни раце централата на ВМРО-ДПМНЕ.

Нападите врз Ленче Ристоска не се од вчера. Таа е трн в око за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи го води случајот наречен „Талир“ за финансирањето на партијата. И затоа што изгледа нескршлива, смирена и разложна, објаснувајќи зошто нема да потклекне пред нападите на партијата и нејзиниот лидер. Таа поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ, објаснувајќи дека е недозволиво кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, особено од позиција на моќ.

„Поднесов и тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и за премиерот, како што е јавно објавено известувањето до Советот на јавни обвинители, како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави Ристоска.

Обвинителката Ленче Ристоска дава изјава опкружена од новинари со микрофони
Обвинителката Ленче Ристоска е трн в око за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи го води случајот наречен „Талир“ за финансирањето на партијата

Претходно таа побара и јавно извинување од премиерот Христијан Мицкоски поради навреди и дисквалификации и нагласи дека не се откажува од предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, каде го застапува обвиненето и кои се одложуваат по којзнае кој пат по ред од 2019 година. Ристоска е и кандидат за нов државен обвинител.

Сето тоа ја „квалификува“ да биде неофицијално прогласена за „јавен непријател“ на ВМРО-ДПМНЕ, па мора да се врпегнат сите сили таа да се дисквалификува и со неа да се запрета и последното оганче на СЈО.

Еве само една од рундите напади на ВМРО-ДПМНЕ од 9 февруари:

„Згаснатото СЈО работеше на раб на законот, најчести гости биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска, советници на Оливер Спасовски, главна обвинителска двојка била Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски, буџетот се трошел за кафиња, лешници, за договори на роднини и пријатели на обвинителите од СЈО, како и на лица од СДС.

Овие информации во јавноста ги пренесе Лејла Кадриу, поранешна обвинителка од згаснатото СЈО, актуелен адвокат која пред СЈО работела во јавното обвинителство во Тетово. Деталите говорат за тоа дека СЈО непотребно трошело милиони евра на граѓаните. За само два месеци во 2015 година биле потрошени милион евра. Главни во СЈО, според сведоштвото на Кадриу, биле Ленче Ристоска, претендент за државен јавен обвинител, и Гаврил Бубевски кој сакаше уште еден мандат во скопското јавно обвинителство. Ристоска и Бубевски во СЈО биле познати како лица кои не го почитуваат законот“. И така натаму и така натаму. Нема врска што податоците за трошењето на парите се невистинити.

Во оваа вмровска артилериска канонада се вклучи и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски. Тој во еден огромен текст на Фејсбук од 480 реда тврди дека „СЈО беше вистинско злосторничко здружение“. Па раскажува за тоа како биле злоупотребувани сведоците во неговите процеси, за наводни заканувања, за „исплашени адвокати“. И дека „таму имаше сѐ освен правда. А неправдата не е отстранета ни денес“. Па потоа да се фати во детално прераскажување на интервјуто на Кадриу на Алфа.

Сентенцата на Груевски дека неправдата не е отстранета ни денес треба да се исправи со вториот атентат врз Специјалното јавно обвинителство и тоа да се запише во црната меморија и по можност, како со наследството на Нерон, целосно да се избрише од сеќавањето, а сите оние кои доведоа до оценката на ЕУ за „заробена држава“ да бидат претставени за народни трибуни.

Извор: DW
Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

рек битола ЕСМ

СДСМ: Новиот директор на РЕК Битола – уште една алка од бизнис шемата на Мицкоски

Соопштение за јавност на СДСМ Назначувањето на пензионерот Иван Куковски за директор на РЕК Битола …