Ревизија: Бум на фотоволтаици, слабости со дозволите

Ревизија: Бум на фотоволтаици, слабости со дозволите

Додека Северна Македонија бележи историски раст на производството на струја од сонце и невиден бум на инвестиции во фотоволтаици,Државниот завод за ревизија (ДЗР) предупредува дека институциите не успеале да изградат ефикасен, координиран и целосно законски усогласен систем за издавање дозволи.

Во Конечниот извештај за успешност, објавен во јули 2026 година, ревизорите идентификуваат сериозни системски слабости, недоволна координација меѓу институциите, недостаток на надзор и случаи на незаконско постапување при одобрувањето на проекти за фотоволтаични електроцентрали (ФЕЦ). Извештајот доаѓа во период кога енергетската транзиција се забрзува, а струјата од сонце зазема сѐ позначајно место во домашниот енергетски микс.

РКЕ: Обновливите извори доминираат во енергетскиот систем

Податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) покажуваат дека во периодот од 2022 до 2025 година земјата поминала низ најголемата зелена трансформација. Во 2025 година, обновливите извори на енергија за првпат станаа доминантни според инсталираниот капацитет, достигнувајќи удел од 58 проценти или вкупно 1.842 мегавати распределени во 1.606 централи.

Во вкупното производство на електрична енергија, обновливите извори учествувале со 46 проценти, додека термоелектроцентралите и комбинираните постројки обезбедиле 54 проценти од произведената струја.

Најголемиот раст е регистриран кај фотоволтаиците. Производството на струја од сонце во 2025 година било 15 пати поголемо во споредба со 2022 година и за 38 проценти повисоко во однос на 2024 година.

Иако хидроцентралите и понатаму имаат значајна улога, фотоволтаиците се двигател на новите инвестиции. Тие сочинуваат 81 процент од сите објекти од обновливи извори на енергија, а нивната инсталирана моќност учествува со 48 проценти во вкупната моќност на ОИЕ. Покрај сонцето, во енергетските планови сѐ поголемо внимание добиваат и проектите за производство на струја од ветер.

Фотоволтаици во Германија
Производството на струја од сонце во 2025 година било 15 пати поголемо во споредба со 2022 година и за 38 проценти повисоко во однос на 2024 година

Ревизија: Системот за дозволи не бил целосно законски усогласен

Ревизијата ја анализирала ефикасноста на институциите во процесот на издавање дозволи за обновливи извори на енергија во периодот од 2022 до мај 2025 година.

Наодите покажуваат дека системот не обезбедил целосна законска усогласеност, навремено планирање и координирано постапување на институциите. Ревизорите оценуваат дека дел од процедурите не биле спроведувани доволно ефикасно, што создало правна несигурност за инвеститорите и можност за различно толкување на прописите.

Иако новиот Закон за енергетика, донесен во мај 2025 година, вовел подобрувања во планирањето на новите капацитети, ревизорите предупредуваат дека доцнењето на подзаконските акти и недостигот од надзор претставуваат сериозен ризик за неговата ефикасна примена.

Фотоволтаици без стратешко планирање

Еден од главните наоди е дека до мај 2025 година изградбата на фотоволтаици се одвивала без донесен Индикативен план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.

Овој документ требало да биде основа за утврдување на потребите на електроенергетскиот систем и можностите за приклучување на нови производители. Поради неговото недонесување, надлежните институции не можеле да ги спроведуваат сите процедури предвидени со Законот за енергетика. Резултатот бил ситуација во која дел од одобренијата за градење биле издавани единствено врз основа на Законот за градење, без предвидените согласности согласно енергетската регулатива.

Спорни дозволи за централи од стотици мегавати

Најсериозните забелешки на ревизорите се однесуваат на три големи фотонапонски централи со моќност од 19 MW, 174 MW и 337 MW. Според ревизорскиот извештај, овие објекти се градби од прва категорија и имаат државно значење. Надлежноста за издавање дозволи во такви случаи ја има Министерството за транспорт, а потребна е и соодветна одлука од Владата.

Сепак, одобренијата биле издадени на локално ниво, што ревизорите го оценуваат како постапување спротивно на позитивните законски прописи. Дополнително, инвеститорот платил над 112 милиони денари комуналии, а подоцна Владата го отфрлила неговото барање за овластување за изградба. Ревизорите предупредуваат дека ваквите случаи можат да создадат сериозни правни и финансиски последици за државата.

Огромен интерес за лиценци и приклучување на мрежата

Резизорскиот извештај покажува дека пазарот на фотоволтаици бележи силен раст. Во периодот од 2022 до 2025 година, РКЕ издала 19 привремени и 937 трајни лиценци за производство на струја од фотоволтаични електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност од 682 мегавати.

Истовремено, дел од инвеститорите се соочиле со проблеми при приклучување на електроенергетската мрежа. До РКЕ биле доставени 106 приговори против одлуките на мрежните оператори, а половина од нив биле уважени. Ревизорите предупредуваат дека во одредени случаи биле издавани формални мислења за можност за приклучување, без целосно да бидат анализирани техничките услови на терен.

Слабости во регистрите и институционалната координација

Дополнителен проблем, на кој посочуваат ревизорите, претставува нецелосниот Регистар на електроцентрали. Податоците покажуваат дека лиценци за работа добиле повеќе од 1.040 производители на електрична енергија од фотоволтаици, додека во официјалниот регистар биле заведени само околу 525.

Според ревизорите, ваквата состојба создава проблеми во планирањето, мониторингот и контролата на секторот. Проблем претставува и недоволната интероперабилност меѓу институциите, што го забавува процесот на прибирање документација и издавање дозволи.

Недостиг од кадар и инспекциски надзор

Ревизијата утврдила и сериозен недостаток на стручен кадар во институциите. Во периодот 2022-2023 година, Секторот за енергетика во тогашното Министерство за економија бил пополнет со само 34 проценти од предвидените работни места, додека соодветниот сектор во Министерството за транспорт функционирал со 42 проценти пополнетост.

Состојбата на локално ниво е уште посериозна. Во Демир Капија и Илинден воопшто немало градежен инспектор во периодот од 2022 до 2025 година. Во Илинден оваа позиција е непополнета уште од 2017 година.

Во Свети Николе, пак, по март 2025 година немало ниту еден градежен инспектор, поради што не бил спроведен ниту еден инспекциски надзор согласно Законот за градење. На централно ниво биле спроведени само 47 контроли на техничката опрема инсталирана во фотоволтаичните централи, бројка што ревизорите ја оценуваат како недоволна ако се има предвид брзиот раст на секторот.

Еколошки ризици: Што по истекот на животниот век на панелите?

Ревизорите предупредуваат и на потенцијален еколошки проблем поврзан со отпадот од фотоволтаиците.

Сончевите панели имаат животен век од 15 до 30 години, по што стануваат електронски отпад кој мора соодветно да се третира. Иако во државата веќе се инсталирани значителни капацитети, сѐ уште не е воспоставен целосно регулиран систем за управување со овој вид отпад.

Министерството за животна средина и просторно планирање сѐ уште нема донесено конечна категоризација за отпадот од фотоволтаичните панели и батериските системи за складирање електрична енергија.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Мицкоски Кочоска јавниот долг

СДСМ: Кочовска и Мицкоски незаконски го фингираат јавниот долг

Откако Социјалдемократскиот сојуз на Македонија јавно објави документ за ново планирано задолжување од 1,3 милијарди …