Врховен суд

ДЗР објави ревизија на Врховен суд: Уредни финансии, но сериозен недостиг на буџет и кадар

Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави конечниот извештај за извршената ревизија на Врховен суд на Република Северна Македонија за 2024 година.

Државните ревизори изразија мислење без резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.

Сепак, во делот на нагласување на прашања, ревизијата нотира неколку сериозни системски слабости кои се однесуваат на финансирањето на судството и кадровската екипираност.

Судскиот буџет е драстично помал од законскиот минимум

Една од клучните забелешки на ДЗР се однесува на висината на средствата наменети за судската власт. Одобрените средства за судската власт за 2024 година изнесувале 2.647.694 илјади денари.

  • Овој износ претставува само 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП).
  • Износот е за 63 отсто помал од законски утврдениот лимит, кој предвидува издвојување од 0,8 отсто од БДП за оваа намена.
  • Иако Законот за судскиот буџет забранува намалување на средствата при ребаланс, со ребалансот од август и одлуката од декември 2024 година, буџетот за судската власт бил дополнително намален за 42.639 илјади денари.

Според ревизорите, ваквата состојба создава ризик за стабилното финансирање, уставната независност и забавување на реформите во судството.

Недостиг на судии, судска полиција и администратор

Ревизијата утврдила и сериозен недостиг на човечки ресурси во рамките на највисокиот суд во државата.

  • На крајот на 2024 година биле пополнети само 11 судиски места, од вкупно предвидените 28, иако во мај 2025 година бројот се зголемил на 14 судии.
  • И покрај недостигот на судии, утврден е позитивен тренд и континуирано намалување на бројот на нерешени предмети на крајот на годината.
  • Во делот на судската полиција, предвидени се осум работни места, а пополнети се само пет.
  • Поради недоволниот број на судски полицајци, исплатени се 781 час за прекувремена работа над законски предвидениот годишен максимум од 190 часа по вработен.
  • Судот од септември 2023 година нема судски администратор поради пензионирање, што влијае на организирањето и функционирањето на институцијата.

Дополнително, ДЗР нотира дека во тек се 28 судски постапки во кои судот е тужена страна од страна на вработени, по основ на надоместоци и права од работен однос, во вкупен износ од 4.280 илјади денари. Конечниот исход на овие постапки е неизвесен и може да предизвика финансиски импликации врз буџетот на судот во иднина.

Следете ги најновите вести во рубриката „Македонија“ на Публикум.