Државниот завод за ревизија изрази двојно неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законите во работењето на „Железници на Република Северна Македонија Транспорт“ АД Скопје за 2024 година. Конечниот ревизорски извештај разоткрива длабока финансиска ерозија, фиктивно надуена актива, нефункционални внатрешни контроли и возен парк на работ на техничка употребливост.
Акумулирана загуба од речиси 110 милиони евра и сметководствени манипулации
Друштвото во континуитет подолго од 11 години работи со загуби. Само во 2024 година е остварена загуба од 331,8 милиони денари (околу 5,4 милиони евра), која заедно со пренесените загуби од претходните години достигнува вкупен акумулиран минус од 6,75 милијарди денари, односно 109,8 милиони евра.
Паралелно со реалните загуби, билансот на состојба со години вештачки се одржува преку неосновано признат гудвил од 2008 година во износ од 7,32 милијарди денари (околу 119 милиони евра). Оваа ставка била сметководствено вметната за да се прикрие негативната вредност на капиталот при поделбата на претпријатието во 2007 година, спротивно на меѓународните сметководствени стандарди.
Финансиската слика е дополнително искривена со следните пропусти:
- Не е извршено резервирање на средства за правосилно завршени судски спорови во износ од 260,9 милиони денари (4,24 милиони евра).
- Реконструираните работилници за одржување вредни 118,1 милиони денари со години се водат како „инвестиција во подготовка“ иако се користат од 2020 година, со што е избегнато пресметување амортизација од над 14,3 милиони денари.
- Кај 71 отсто од залихите (во вредност од 342,3 милиони денари) нема никакви промени од 2019 година, ниту е проценета нивната реална вредност и застареност.
- Друштвото не поседува имотни листови за сите градежни објекти проценети на 302,3 милиони денари, а постојните документи не се поврзани со книговодствената евиденција.
Колапс на возниот парк: Само 9 исправни локомотиви
Иако основна дејност на компанијата е железничкиот превоз, нејзините капацитети се со просечна старост над 40 години, а кај дел од дизел-локомотивите и над 60 години. Од вкупно 62 локомотиви, во функција се само 9. Од 1.382 товарни вагони, дури 1.004 се надвор од сообраќај поради истечена ревизија, додека во патничкиот сообраќај активни се само 5 од 16 гарнитури и само 2 од 47 патнички вагони.
Плати за затворени станици и мерење нафта со „тег на конец“
Ревизорите констатирале сериозно отсуство на контрола врз тековните трошоци и управувањето со човечките ресурси:
- Плати без сообраќај: На железничките станици во Гостивар, Тетово, Кочани, Кичево и Штип во 2024 година не поминал ниту еден патнички или товарен воз, но за 20 вработени на овие локации се исплатени 13,95 милиони денари (околу 227 илјади евра) за бруто-плати, плус додатоци за работа во недела и на празници.
- Неосновани надоместоци и хонорари: Исплатени се 17,7 милиони денари за 131 лице ангажирано преку авторска агенција без задолжителна согласност од Министерството за финансии, додека надоместокот за изминат километар (наменет за возниот персонал) неосновано им бил исплаќан и на магационери и финансиски референти.
- Импровизации со гориво и вода: Потрошени се над еден милион литри дизел-гориво вредни 64,6 милиони денари (над 1 милион евра), при што во резервоарот во Скопје количината се мерела со неверификувана направа – „тег врзан на конец“, а при приемот нафтата истекувала од цевките во стари буриња. Кај службените возила е утврдено точење гориво со картички без фискални сметки, вклучително и во нерегистрирани возила и автомобили кои не се во сопственост на компанијата. Дополнително, поради 28-годишен нерешен проблем со загуби во мрежата, само на еден водомер се потрошени 77.048 кубни метри вода во вредност од 5,3 милиони денари годишно.
Милионски тужби и прескапи заеми од МЕПСО
Ликвидноста на ЖРСМ Транспорт е под директна закана од 31 судски спор во кои друштвото е тужена страна, со вкупна вредност од 1,8 милијарди денари (над 29,2 милиони евра), претежно за неплатени фактури. Воедно, поради неможноста да ги врати трите заеми земени од државниот МЕПСО во периодот 2017–2023 година со висока камата од 6 отсто, долгот со камати пораснал на 238,5 милиони денари (3,88 милиони евра) и со нова спогодба е одложен за исплата до крајот на 2028 година.
Во својот одговор до ДЗР, актуелното раководство назначено во јули 2024 година посочува дека најголемиот дел од аномалиите се наследени децениски проблеми и дека веќе се преземени мерки за финансиска стабилизација, поправка на локомотивите и реформи преку Акцискиот план 2026–2027 година. Сепак, државните ревизори одбија поголем дел од приговорите поради отсуство на конкретни докази кои би ја промениле констатираната состојба.
Прочитајте повеќе финансиски анализи во рубриката „Пари“ на Публикум.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место