Ревизорите утврдија низа нерегуларности на Универзитетот „Мајка Тереза”

Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во текот на 2018 година немал податоци за критериумите за избор на вработените професори, биле доделувани надоместоци за работа надвор од работниот распоред без критериуми, не се прикажани правилно и објективно сите финансиски и материјални аспекти на работењето, а во текот на 2017 г. незаконски бил именуван еден продекан, или заменик директор без научен назив професор или доцент, односно бил асистент докторант. Ова се само дел од заклучоците кои Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги има наведено во извештајот за работењето на Универзитетот „Мајка Тереза” во текот на 2018 година, пишува „Порталб.мк“.

Негативно мислење од ревизорите

ДЗР даде негативно, односно неповолно мислење, за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2018 година, но и за усогласувањето на активностите, финансиските трансакции и информациите со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

“Финансиските извештаи не ги претставуваат вистински и објективно материјалните аспекти”, велат од ДЗР.

Ревизијата даде негативно мислење и во однос на мислењето за сообразноста со законите и одредбите, и според нив истите не се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Ревизијата утврдила дека Универзитетот нема податоци врз основа на кои критериуми се вработени професорите.

Во текот на увидот во досиејата на дел од научно-наставниот кадар, ревизијата не може да утврди исполнување на условите и критериумите за избор на академските називи, бидејќи истите не содржат целосна и веродостојна документација со која може да се докаже исполнување на условите.

“За изборот на наставниот кадар, ревизијата заклучила дека Наставниот Совет (кој ги бира професорите) нема податоци за начинот на проценка на образовната дејност, научна-истражувачката дејност, стручната уметност и применетата професионална дејност”, велат од ДЗР.

Додаваат дека недостасуваат податоци и за целосните научни, професионални, педагошки и други достигнувања на кандидатите од почетокот на кариерата, но и за начинот на оценување и бројот на објавени научни трудови, за што Ревизорот не можел да се увери за минималниот кумулативен број на бодови на кандидатите за селекција на наставно-научниот кадар, што е во спротивност со Правилникот за критериумите и постапката за избор на научно-наставниот, научниот, стручно-наставниот кадар, соработниците и асистентите докторанти.

“Неспроведувањето на интерните акти за избор на наставниот кадар може да влијае врз квалитетот на изборот на лицата во научно-наставните називи”, велат од ДРЗ.

Во Факултетите за информатички науки, за технолошки науки и за општествени науки ревизорот констатирал дека не е исполнет условот за обезбедување на потребниот број на лица со научно-наставни називи, кои треба да спроведат настава до 50 отсто и истите да имаат редовен работен однос со полн работен распоред.

Од Универзитетот се оправдале дека се млада институција, каде и покрај проблемите во врска со научно-наставниот кадар, има слаба инфраструктура на опрема, а воглавно нема доволно простории за спроведување на научно-наставниот процес, заради доцнењето со изградбата на новиот комплекс на Универзитетот.

“Во насока на екипирање на Универзитетот, по добивањето на согласноста од Министерствтот за финансии за вработување на административниот кадар, во текот на 2019 година се објавија огласи со кои до крајот на годината се остварени неколку вработувања со квалификуван кадар и како што може да се заклучи и од ситуацијата во 2019 година каде што поголемиот дел на пропустите кои биле воочени од ваша страна при увидот се надминати”, се вели во одговорот на Универзитетот доставен до Државниот завод за ревизија.

Ректоратот именувал продекан без научен назив

Ревизијата утврдила дека во 2017 година, во отсуство на деканот, Ректоратот незаконски избрал в.д. продекан на еден од факултетите. Покрај незаконската постапка, именуваниот продекан не ги исполнувал условите, бидејќи истиот во времето на именувањето бил асистент-докторант и немал академски назив – редовен професор, вонреден професор или доцент.

  • Според член 123 на Законот за високото образованиеасистентдокторант е лице кое завршило втор циклус (факултет и магистерски) студии со просек од најмалку 50 во првиот и вториот циклус и потоа се запишал во докторски студии, а трошоците за образование во овој циклус му ги покрива образовната институцијаво случајов универзитетот. Доколку асистентот не заврши во рокот за кој е определено (5-години), му се прекинува работниот однос.

Ова е во спротивност со членовите 175 и 176 од Статутот на Универзитетот.

Членовите 175, 176 од Статутот на Универзитетот “Мајка Тереза”

  • Продеканот се избира од редот на редовните и вонредните професори и доценти. Продеканите вршат работни задачи кои им ги доделува деканот од областа на дејноста на факултетот (високото образование, научно-истражувачка дејност, финансиска и слично). За нивното работење, продеканите одговараат пред Наставно-научниот совет и пред деканот”, се вели во член 176 од Статутот на Универзитетот.

Причината за овој избор, се вели во ревизијата, била недостатокот од кадар во редовите на вработените.

“Неспроведувањето на постојните законски одредби во врска со именувањето на раководните органи има влијание врз законитоста и работата според Статутот на факултетот”, велат од Државниот завод за ревизија.

Универзитетот без критериуми им исплаќал надоместоци на вработените

Во 2018 година Универзитетот без утврдени критериуми им доделувал надоместоци на вработените во вкупна вредност од 530.000 денари (8.600 евра), за вршење на задачи надвор од вобичаените обврски.

“Сенатот и Универзитетот усвоиле Правилник за основите за утврдување на плати и надоместоци на вработените во Универзитетот, кој предвидува и исплата на надоместоци по неколку основи. Во овој правилник не се опфатени критериумите/бодовите за доделување на средствата зависно од обемот и степенот на сложеност. Овој начин на доделување на пари според кој не постојат критериуми и нивна проценка, во текот на утврдување на вредноста на надоместокот на активностите, не влева доверба за објективност во текот на одредување на висината на надоместокот и овозможува да се решава на субјективен начин во текот на доделување на средствата за вработениот”, велат од ДЗР.

Ревизијата исто така утврдила дека Универзитетот „Мајка Тереза“, дел од јавните набавки ги има спроведено без постапка за јавни набавки.

Во 2018 година не постоела внатрешна ревизијаиако тоа е задолжително

Не била основана организациската единица за внатрешна ревизија со најмалку еден внатрешен ревизор и раководител на единицата за внатрешна ревизија, иако е предвидено со Статутот.

Член 191 од Статутот на Универзитетот “Мајка Тереза”

  • Внатрешна ревизија на Универзитетот врши Единицата за внатрешна ревизија, како независна организациона единица со нејзин состав, во согласност со законот, подзаконските акти и внатрешните акти.

Раководителот и вработените во Единицата за внатрешна ревизија одговараат пред ректорот на Универзитетот”, се пропишува во член 191 на Статутот на Универзитетот “Мајка Тереза”.

Ревизијата ги утврдила и овие прекршоци:

  • Не се донесени пропишани постапки за материјалното и финансиското работење и не е воспоставена ex-ante и ex-post контрола.
  • Не се спроведени навреме законските одредби за избор на претседател на Сенатот и не е основан Универзитетски Совет како надлежен орган за следење на спроведувањето на дејностите на Универзитетот.
  • Не се усогласени навреме Статутот и другите општи акти на универзитетот со законските одредби.
  • Запишувањето на средствата и изворите на средствата до 31 декември 2018 година не е направено на предвидениот начин според законската регулатива.
  • За примање и давање на материјалите не е извршена сметководствена евиденција, односно снабдените материјали не се евидентирани според сметките на стоковите резерви со што ќе се обезбеди точна евиденција за истите.
  • Не се евидентирани предметите-објекти, недвижнини, добиени со одлуката за давање за користење на недвижнините.

Азиз Положани продолжува да фигурира во веб-страницата на ДУИ

Универзитетот „Мајка Тереза” беше основан на 25 декември 2015 година, а првата генерација започна со предавања во 2016 година.

На 30 септември 2016 година, Азис Положани беше првично избран за 6 месеци и сè уште продолжува да биде на позиција на ректор, а е ветеран на партијата на власт ДУИ. Азиз Положани продолжува да фигурира на веб-страницата на партијата. Претходно, Положани бил пратеник и министер за образование и наука.

Универзитет на хартија, но без седиште

Универзитет постои на хартија, но е без седиште. Затоа било потребно студентите да се шетаат по различни згради за да ги следат предавањата. Имало ветувања дека ќе се изгради во 2017, 2018 и 2019 година, но истиот не е изграден. Со новиот буџет на Министерството за образование и наука во 2019 година, тие доделија средства за изградба на зградата, меѓутоа работните активности не се започнати поради застој на документацијата во институционалните лавиринти.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …