Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) немало целосна евиденција за приемот и потрошувачката на медицински материјали, ниту било извршено целосно усогласување на податоците од сметководствената и материјалната евиденција со физичкиот попис на потрошните материјали. Приемот и потрошувачката на вакцини воопшто не биле евидентирани во деловните книги, а ревизијата констатирала слабости и во управувањето со залихите, чија вредност на крајот од 2024 година изнесувала 39,3 милиони денари. Институтот немал донесено пишани процедури за прием, издавање, потрошувачка и евидентирање на медицински и немедицински материјали, а работењето во оваа област се одвивало според воспоставена практика.
Ова е наведено во конечниот ревизорски извештај за финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на ИЈЗ за 2024 година. Ревизорите утврдиле повеќе неправилности во евидентирањето на залихите, наплатата на побарувањата, реализацијата на програмските активности и управувањето со имотот. Финансиските извештаи за ревидираниот период биле под одговорност на тогашниот медицински директор, проф. д-р Шабан Мемети, кој ја извршуваше функцијата до 19 јули 2024 година, како и на актуелната в.д. директорка, научен соработник д-р Марија Андоновска, која ја презела функцијата од истиот датум.
Не била водена ажурна евиденција за приемот на материјалите во моментот на нивната испорака. Наместо тоа, стоките биле евидентирани дури по доставување на фактурите. Во текот на 2024 година бил евидентиран прием на стоки по фактури од 2023 година во вредност од 1,15 милиони денари, додека на почетокот на 2025 година бил евидентиран дополнителен прием од 1,64 милиони денари по фактури од претходната година.
Ревизорите утврдиле и разлика меѓу материјалната и финансиската евиденција. Состојбата на залихите во материјалната евиденција на 31 декември 2024 година била прикажана за 487 илјади денари пониско во однос на податоците во финансиската евиденција, што не е во согласност со законските одредби за сметководство.
Во извештајот се наведува дека пописот на побарувањата не бил извршен во целост, а за побарувања во износ од 18,2 милиони денари, постари од три години, не биле преземени активности за наплата. Дополнително, ревизијата предупредува и на ненаплатени побарувања од Министерството за здравство за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита во износ од 17,1 милион денари, чија наплата е оценета како неизвесна.
Покрај финансиските слабости, ревизорите утврдиле дека дел од активностите предвидени со Националната годишна програма за јавно здравје за 2024 година, не биле реализирани целосно. Констатирани биле и неправилности поврзани со ангажирањето лица со договор на дело, како и недоследности при издавањето под закуп на простор со кој располага Институтот.
За надминување на утврдените состојби, Државниот завод за ревизија дал препораки до надлежните лица и органи со цел подобрување на финансиското управување, евиденцијата и целокупното работење на Институтот за јавно здравје.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место