Ристо Пенов е нов министер за локална самоуправа, пратениците избраа и двајца уставни судии

Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов од денес е новиот министер за локална самоуправа. За него на 88 седница гласаа 63-ца пратеници, а 30 беа „против“. Пенов доаѓа на местото на неговиот сопартиец од ЛДП Горан Милевски, кој поднесе оставка на 20 септември „од лични причини“.  Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, пред три дена на седницата во Собранието за избор на член на Владата го претстави предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа.

По гласањето Пенов веднаш даде и потпиша и свечена изјава со што и официјално стапи на функцијата. А поранешниот министер Милевски му посака успешна работа.

„Денес извршивме примопредавање со новиот министер за локална самоуправа, Ристо Пенов. ЛДП продолжува да го води овој ресор важен за развојот на планските региони и општините. Посакувам успешна работа“, објави Милевски на Фејсбук.

За време на денешната дискусија, премиерот Ковачевски посочи дека Владата со Пенов како министер за локална самоуправа ќе направи многу повеќе во стратегиските политики на локално и централно ниво.

Опизициската ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа Пенов за министер велејќи дека тој не е добро решение, а неговиот избор е дефокус од енергетската криза.

Собранието денес ги избра и Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева за нови уставни судии. За нив гласаа 64 пратеници. Уставниот суд досега работеше со пет судии од предвидените девет. На гласањето за уставните судии не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте повеќе

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Таа напиша дека „пари од нечесник не сака“ и поради тоа се откажува од паричниот …