Поранешната обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска, која постапуваше во предметот „Талир 2“, преку опсежна анализа на Фејсбук остро реагираше на неодамна објавеното образложение на Апелациониот суд во Скопје.
Според Ристоска, ослободителната пресуда во „Талир 2“ не е донесена поради недостиг на докази, туку поради скандалозно толкување на судот кое воопшто не наоѓа правна поткрепа во македонските закони.
Десеткратно надмината пазарна вредност и зависност од државни тендери
Во својата реакција, Ристоска потсетува дека случајот докажува како политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, додека била на власт во 2013 година, на градежната компанија „Бетон“ ѝ пренела нецели 800 квадрати неизградено земјиште. За возврат, партијата добила изградба на партиско седиште и готовина во вкупна вредност од 9 милиони евра, што значи дека земјиштето било пресметано над 10.000 евра за квадрат, со што десеткратно е надмината неговата пазарна вредност утврдена со вештачење на околу 800.000 евра.
Обвинителката потенцира дека во тој период градежната компанија интензивно добивала тендери, а парите од државата претставувале дури 75 проценти од вкупните приходи на „Бетон“ на годишно ниво. Таа нагласува дека компанија во која толкав процент од приходот доаѓа од државата не може да биде слободен донатор, и токму таквиот однос Законот за финансирање на политичките партии го забранува.
Судот конструира дефиниции со енциклопедиски призвук
Според Ристоска, за Апелациониот суд не е спорен фактот дека компанијата добивала државни пари, го изградила седиштето и исплатила пари на партијата. Тоа што Апелација го спори е значењето на терминот „јавна услуга“, за што конструира дескриптивна дефиниција со енциклопедиски призвук, која нема законска поткрепа во македонското законодавство.
Судот оценил дека изградбата на објекти во сопственост на државата не претставува јавна услуга бидејќи не се однесува на здравство, образование или пошта, што според Ристоска е крајно паушално објаснување за прашање со долгорочни последици. Таа објаснува дека придавката „јавна“ во законот не ја означува природата на дејноста, туку сферата во која дејствува корисникот на услугата (државата), следејќи ја логиката на европските стандарди да се спречи буџетските пари кои ги добиваат приватните фирми да завршат во партиските каси.
На крајот, обвинителката предупредува дека доколку оваа аргументација на Апелација се прифати како стандард, државата влегува во апсурдна состојба на целосно легализирање на политичката корупција. Секоја компанија што ќе добие тендер слободно ќе може дел од профитот да го пренесе во политичките партии прикажувајќи го како донација, што суштински го уништува Законот за финансирање на политички партии.
Следете ги најновите политички и правосудни случувања во рубриката „Македонија“ на Публикум.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место