Поранешната обвинителка која го започна и седум и пол години го водеше предметот против беалецот од правдата Никола Груевски, посочува дека врз исти докази најпрво била донесена осудителна, а сега ослободителна пресуда. Таа смета дека временскиот распоред на постапката ја отежнува жалбата и понатамошната конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ и додава дека клучно прашање е дали обвинителството ќе поднесе жалба
Поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска смета дека предметот „Талир 2“ ѝ е одземен за да се избегне конфискацијата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како Белата палата, додека прашањето за ослободувањето на поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски, според нејзе било во втор план за владејачката партија. Како што додава таа, сега клучното прашање е дали обвинителството ќе поднесе жалба и дали ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во опширна реакција објавена на Фејсбук, по вчерашната ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и одбивањето на барањето за конфискација, Ристоска посочува низа околности што, според неа, не биле опфатени со јавно објавеното образложение на судот, поточно судијката што ја донесе пресудата, Даниела Алексовска-Стојановска.
Ристоска, потестува дека таа го започна предметот и го застапуваше седум и пол години, сè до април годинава кога државниот јавен обвинител Ненад Савески ѝ го повлече овластувањето за застапување. Набргу потоа таа поднесе оставка од обвинителската функција.
Како една од главните противречности, Ристоска го посочува фактот што судот, врз истиот доказен материјал, во првата постапка донесе осудителна, а во повтореното судење ослободителна пресуда.
„Во првата постапка, врз истиот доказен материјал, судот донесе осудителна пресуда за умислено дело — што подразбира дека доказите за целта и намерата со која обвинетите делувале беа дел од предметот и водеа до осуда“, пишува Ристоска.
Поради тоа, според неа, тешко може да се одржи сегашната констатација дека немало докази за намерата на обвинетите. Таа нагласува дека целта поради која биле преземени дејствијата и намерата со која обвинетите дејствувале биле опфатени уште во првичното обвинение.
Ристоска не спори дека измените на Кривичниот законик од 2023 година влијаеле врз предметот. Сепак, таа објаснува дека обвинителството не е врзано за првичната правна квалификација и дека во текот на постапката може да предложи друга квалификација и да го измени описот на обвинението во согласност со фактичката состојба што произлегува од доказите.
Токму поради тоа, вели Ристоска, обвинението во „Талир 2“ било изменето и во него било внесено дејствие што не било опфатено со првичната верзија. Станува збор за обврската на Груевски, како тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, да ги врати во Буџетот средствата добиени од компанијата „Бетон“ и да ја надомести разликата меѓу вредноста на изградениот објект и реалната вредност на земјиштето.
Според Ристоска, ваквото дејствие директно одговарало на изменетите одредби од Кривичниот законик бидејќи се однесувало на неизвршување обврска пропишана со Законот за финансирање на политичките партии. Таа тврди дека овој облик на делото не бил опфатен со декриминализацијата и дека кривичната одговорност по членот 353 од Кривичниот законик продолжила да постои, особено имајќи ги предвид доказите дека имотот и користа завршиле кај ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска посочува дека овој дел од изменетото обвинение воопшто не бил споменат во образложението што судот го објави во јавноста.
При изрекувањето на ослободителната пресуда, судијката Даниела Алексовска-Стојановска рече дека, иако обвинението било изменето, немало промени во доказите и во фактите изнесени пред судот. Според судот, обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека Груевски ги пречекорил своите службени овластувања.
Судијката истовремено нагласи дека анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците на судот останале непроменети во однос на првата постапка, иако исходот од повтореното судење е сосема спротивен.
За Ристоска, токму ваквото образложение отвора суштинска противречност.
„Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода“, пишува таа.
Објаснувањето дека различниот исход е последица исклучиво на измените на Кривичниот законик, според Ристоска, не ја отстранува противречноста, бидејќи измената на законскиот опис не го менува она што го докажуваат доказите.
Судијката Алексовска-Стојановска, пак, при изрекувањето на пресудата рече дека ослободувањето на Груевски е „исклучиво резултат“ на измените на Кривичниот законик од 2023 година. Таа оцени дека Апелацискиот суд правилно утврдил оти измените се поповолни за обвинетите.
Со пресудата, покрај тоа што Груевски беше ослободен, беше одбиен и предлогот на обвинителството за конфискација на партиското седиште. Пресудата сè уште не е правосилна и странките имаат право на жалба.
Ристоска предупредува дека предметот во август годинава навлегува во завршната фаза на застареност. Според нејзината процена, дури и ако обвинителството поднесе жалба, Апелацискиот суд реално нема да има доволно време мериторно да одлучи пред да настапи застареноста.
Таа објаснува дека конфискација на имот може да се изрече и кога кривичното гонење ќе застари, но не и по правосилна ослободителна пресуда. Поради тоа, смета дека сегашниот исход ја отежнува можноста обвинителството да бара конфискација во посебна постапка.
Како клучно го посочува прашањето дали обвинителството ќе поднесе жалба и дали во жалбената постапка ќе побара Апелацискиот суд да се произнесе за конфискацијата, дури и ако во меѓувреме кривичното дело застари.
Во реакцијата Ристоска наведува и процесен детаљ од едно од последните рочишта. Според неа, застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одложување поради нивно отсуство иако нивното присуство не било законски задолжително. Обвинителството не се спротивставило на барањето, а судот не реагирал по службена должност по што рочиштето било одложено.
Таа смета дека ваквите одложувања придонеле предметот да навлезе во период непосредно пред застарувањето и постапката да заврши само со првостепена одлука, без доволно време Апелацискиот суд да се произнесе за неа.
„Ваквата контекстуална состојба – пресуда спротивна на првичната, дел од обвинението кој не е адресиран во јавното соопштение на судот, временскиот интервал во кој се носи одлуката и времето кога истекува рокот на застареност – ме наведуваат на заклучок дека единствена цел на ваквото постапување е отежнување на понатамошната постапка за конфискација на имотот“, пишува Ристоска.
Според неа, евентуалната осуда на Груевски во овој предмет била од секундарен интерес за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи кривичното гонење во секој случај се приближувало до застарување. Како суштинско прашање таа ја посочува судбината на имотот што го стекнала партијата.
Ристоска тврди дека имотот е директна последица на дејствијата на Груевски утврдени во постапката, поради што кривичниот исход и конфискацијата не можат да се разгледуваат одвоено. Со ослободителната пресуда, нагласува таа, отпаѓа и основата за конфискација во кривичната постапка.
„Сите овие околности и ваквиот тек на работите, за мене како да го потврдуваат моето уверување дека овој предмет ми беше одземен за да можат заинтересираните страни да стасаат до посакуваниот исход, а тоа е избегнување на конфискацијата“, вели Ристоска.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со ослободителната пресуда правдата е задоволена во делот што се однесува на ВМРО-ДПМНЕ. За ослободувањето на Груевски тој ги обвини СДСМ и ДУИ и измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година.
Мицкоски ги оцени предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ како политички мотивирани и ги нарече „вид на агресија“ и „политички прогон“ врз ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска поднесе оставка од обвинителската функција на 2 април, откако државниот јавен обвинител Ненад Савески ги повлече нејзините овластувања за застапување во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“. Таа тогаш предупреди дека одлуките создаваат конкретни ризици за исходот на предметите што се однесуваат на висока корупција и криминал. „Талир 2“ потоа го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од ОЈО Скопје.
Во првата постапка, Кривичниот суд во јуни 2022 година го осуди Груевски на шест години затвор, додека поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, доби условна казна. Апелацискиот суд во јануари 2024 година ја укина пресудата поради измените на Кривичниот законик и го врати предметот на повторно судење. Делото за кое беше обвинет Божиновски во меѓувреме застари.
Ристоска ја завршува реакцијата со очекување дека Обвинителството ќе поднесе жалба против ослободителната пресуда, со цел, како што наведува, да се обезбеди конзистентност во постапувањето и да се разјаснат отворените правни дилеми.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место