Ерол Ризаов

Ризаов: Гo слушна ли некој лелекот на Ѓоргиев и Тодоров

Застрашувачки глуво помина во јавноста предупредувањето на двајцата историчари и членови на заедничката Комисија со Бугарија за „мрачната сенка на политиката која се уште господари над минатото.“ Кажано со други зборови, продолжува грубата интервенција на политиката врз науката во еден исклучително значаен период кој ја одредува иднината на Македонија. Притисокот да не се дојде до решение кое е резултат на научна и академска расправа која треба да доведе до взаемно прифатливи решенија го изнедри лелекот на двајцата историчари Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров јавно да реагираат против политизацијата и злоупотребата на историјата и во Бугарија и во Македонија.

Во своето обраќање и Ѓоргиев и Тодоров своите јанѕи и страхувања ги насочиле не само кон политиката. Но, сепак биле, многу разбирливо во оваа деликатна ситуација, внимателни и толерантни кон своите колеги историчари и научници од двете страни на границата, кои како естрадни ѕвезди секојдневно  настапуваат на телевизиски дебати, на разни квази научни форуми проповедајќи приказни за патриотизам со допадливост, за широките „народни маси“ продолжувајќи како и низ минатите векови да продуцираат идеологизирана историја поопасна и од интересите на царските дворови, на комунистичките режими и на популистичките  партиски штабови на парламентарната демократија. Сеат ли сеат пустош во главите на луѓето разни инстант-научници на кои очигледно многу им се допаднала популарноста и славата во замена на анонимноста од здодевните и тешки истражувања кога се пишува непристрасно историјата. Со својата гласност и лутина во одбрана на „националните интереси“ често ја прикриваат загриженоста и стравот за обезвреднување на својот минат труд во долгогодишното идеолошко креирање на славното минато, кое и не било секогаш толку славно колку што сакала политиката.

Професор Драги Ѓоргиев, ко-претседател на македонско-бугарската историска комисија
Професор Драги Ѓоргиев, историчар и ко-претседател на македонско-бугарската историска комисија

Мрачната сенка на политиката 

Ве молам прочитајте го внимателно два, три, пет пати, стопати или колку пати е потребно ова јавно обраќање на историчарите  Ѓоргиев и Тодоров, кое мене ми прозвучува како последна опомена до штеточините да не ломотат како празни воденици за конечно да се разбере деликатноста, значењето и штетата која се нанесува на најголемиот губитник во оваа политички режирана драма.

Повеќе од авторот: Е, ова е нова бугарска административна окупација

Еве да повториме уште еднаш што кажаа двајцата храбри историчари: „Кога научни конференции и дебати за минатото се организираат, или се поддржани од политичари, кога на нив тие се главните актери, кога гласот на политичарите е посилен од тој на историчар(к)ите и кога нивните изјави за минатото се најцитираните во медиумите, а историчар(к)ите учествуваат во тоа седејќи покрај нив и давајќи легитимитет на злоупотребата на историјата за политички и партиски цели, тогаш тоа не е ништо друго освен страшен пораз на историографијата и историчар(к)ите. Доколку се променат актерите (не сите) и иконографијата на ваквите политички научни конференции, тогаш пред нас се враќаат сликите и контекстот присутен на овие простори пред повеќе од 30 години, период во кој политичко-идеолошката контрола над историографијата и самоцензурата на историчар(к)ите беа доминантни во толкувањето и презентирањето на минатото. Всушност, битката за минатото меѓу Македонија и Бугарија продолжува на ист начин, само историскиот и идеолошкиoт контекст е различен. Злоупотребата на историјата за политички и партиски цели која ја сведочиме деновиве, има за цел да испрати порака до сопствената јавност, до „своите“, да помогне во политичката борба на оние кои го промовираат овој пристап и злоупотреба на историјата, но, и до другата страна дека „историската објективна вистина“ припаѓа само на „нашата“ страна и секаков разговор и можноста за поинаков пристап и поглед кон минатото претставува фалсификат, предавство и е неприфатливо.

Во оваа политичка борба и злоупотреба на историјата целта не е да се научи од минатото, да се разбере улогата на одредена историска личност, или значењето на одреден историски настан за нас, за нашата држава и за сите оние кои ги сметаат како дел од својот идентитет, туку да се игра и манипулира со чувствата на граѓаните, да се создаде претстава за предавство, за несигурност, за губење на идентитетот, едноставно, да се создаде состојба на страв по која ќе дојдат спасителите, поточно истите оние кои го креираат стравот и несигурноста.

Сето тоа покажува дека македонското и бугарското општество и најголем дел од македонските и бугарските интелектуални елити не се подготвени  за отворен и академски дијалог ослободен од политички влијанија за најчуствителните прашања, а национализмот и партиските интереси не се одвоиле од историјата.

За жал, мрачната сенка на политиката сѐ уште господари над минатото кое останува инструмент во постигнување на политички и партиски цели“.

Петар Тодоров, македонски историчар
Петар Тодоров, македонски историчар

Луда храброст од голема мака 

За ова да се напише и јавно да се приопшти од членови на Комисијата од кој едниот е копреседател мора да е голема маката, но и „луда“ храброст да се работи во амбиент на сатанизација, недоверба и страотен притисок кој нема врска, ни допирни точки со науката, туку на подготвеност за линч со лажни сведоштва за национално предавство. Искажаните оценки за ужасниот амбиент и недоверба во кој работат нашите историчари, многу би сакал да грешам,  ми делуваат како да им е дојдено преку глава и се на работ да се збогуваат од научната мисија која се претвори во минско поле. Најверојатно опстојуваат само поради сознанието колку е значајно за државните интереси на Македонија да се дојде до прифатливо решение.

Повеќе од авторот: Какво изненадување ни подготвил премиерот Петков

Сатисфакцијата да се биде на праведната страна на историјата доаѓа многу подоцна, кога за актерите и за носителите на големиот товар за нивната одговорност и за храброста ќе нема големо значење. Обично таа слава ја приграбува повторно политиката и нивните гласноговорници, вклучувајќи ги и таканаречените „направи сам“ историчари. Колку се опасни „национализмот и партиските интереси кои не се одвоиле од историјата“ и во Бугарија и во Македонија како што велат Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров, одамна е познато во светот на науката, за жал кај мал број на вистински научници кои кои не се во потрага по славно минато, туку по вистината и кои се малкумина што се против обидите на политичарите да пишуваат историја и што знаат што значи пораката „нека одлучат историчарите“. Тие ја разбрале огромната разлика меѓу историјата пишувана за одбрана на едностраните националистички убедувања  и она што треба да биде историја. Дефиницијата е едноставна, историјата е со намера да ја најде вистината за минатото.

Вистинските историчари признаваат дека вистината е илузорна. Тие знаат дека имаат предрасуди кои влијаат на нивната оценка Тие знаат дека никогаш ги немаат сите факти. Сепак тие секогаш се обидуваат да ја најдат вистината, каква и да е таа вистина.

Националистите кои ја користат историјата имаат различна група на цели. Тие ги користат настаните  од минатото како оружје во борбите на нивните нации. Тие имаат за цел триумф на нивната кауза и ќе искористат се за да успеат во нивната цел. Додека историчарот се обидува да ги собере сите релевантни факти  и да ги стави во кохерентна слика, националистот ги селектира овие делови од историјата кои одговараат на неговата цел, игнорирајќи ги другите.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Пославно минато секогаш може да се измисли 

Како и другите луѓе, историчарите имаат политички цели и идеологии, но вистинскиот историчар ги признава грешките кога фактите не го поддржуваат неговото верување. Националистичкиот бранител никогаш не го прави тоа. Ако фактите не одговараат на неговите теории, националистот ги игнорира тие факти и бара други начини да го докаже неговиот случај. Вистинските историчари можат да направат интелектуални грешки. Националните бранители вршат интелектуални злосторства.

Повеќе од авторот: Плачат за Југославија, а вадат бугарски пасоши

Во оваа ситуација, чинам, многу е поучно предупредувањето на мојот омилен историчар, а по многумина и најголемиот историчар на 20 век Ерик Хобсбаум, иконата на Кембриџ, кога пред повеќе години на предавање во Будимпешта кажа: народите на средна и источна Европа и натаму ќе живеат разочарани во минатото, а веројатно уште повеќе разочарани во својата сегашност и несигурни во својата иднина. Тоа е многу опасна ситуација. Луѓето ќе бараат виновници за своите пропусти и несигурност. Движењата и иделогиите кои ќе го искористат тоа расположение веројатно не се, барем за овие генерации,  тие кои би биле некоја верзија на оние денови пред 1989 година. Тоа се веројатно оние иделогии и движења инспирирани со ксенофобичен национали изам и нетолеранција. Историјата е суровина за националистички, или етнички и фундаметалистички  идеологии, како што афионот  е суровина за дрогирање со хероин.

Минатото е битен елемент, можеби оној главен елемент во тие идеологии. Ако нема посакувано минато, тоа секогаш може да се измисли. Навистина, во природата на работите е обично да го  нема целосно посакуваното минато бидејќи феноменот кој тие идеологии настојуваат да го оправдаат  не е древен и старокласичен туку во историска смисла е новост. Минатото се прогласува за законитост бидејќи дава многу пославна подлога на сегашноста иако самата таа нема баш со многу што да се искаже. Во таква ситуација историчари неочекувано се наоѓаат во улога на главни политички личности. Обично мислев дека професијата историчар  не е слична да кажеме на нуклеарен физичар  бидејќи не би требало да нанесува рани. Сега знам дека може. Ние сме одговорни за историските факти и за критиката на политичката идеолошка злоупотреба, особено на историјата.“

Така пишуваат и зборуваат вистинските историчари научници. Секое препознавање на новите и старите  ѕвезди на политичката естрада во Бугарија и во Македонија со изборот од предвидувањето на Ерик Хобсбаум не е случајно, туку сосема намерно. Можеби некого ќе засрами од потрагата за пославно минато во медиумските ток шоуа.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев за неделникот „Фокус“ Извинете, згрешивме!? Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина …