Роденден: 4 години ПУБЛИКУМ

„Ние сме писари на сегашноста. Затоа, со ретки исклучоци, живееме во своето време и исчезнуваме со него. Неповратно, затоа што така треба“.

Александар Тијаниќ

Правото на слобода на изразување, ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи. Правото на слобода на говорот, според чл.19 од Универзалната декларација за човекови права, е признаено како основно човеково право, чија улога во остварувањето и заштитата на другите права е од суштинско значење

Идентично како и човековата слобода, и слободата на говор не се освојува еднаш засекогаш, туку претставува процес кој никогаш не запира. Подолг временски период, состојбата на домашното информативно небо не е ни малку розова. Што најдобро го потврдуваат извештаите на реномираните меѓународни организации како Freedom House и „Репортери без граници“, кои се занимаваат со слободата на медиумите во државите ширум светот.

Сето тоа заедно, правото на слобода на говор, можноста за изразување и искажување мислење, правото на јавноста да располага со објективни информации, како и професионалниот предизвик да не се остане индиферентен на случувањата во потесното и поширокото опкружување, да не се остане во „конфорната зона“ во време кога во државата течат клучните процеси по нејзината иднина, беше основниот мотив за појавата на ПУБЛИКУМ.

Во четирите изминати години не беше ниту лесно, ниту едноставно да се избориме за место под сонцето. А со оглед на неколкуте инциденти поврзани со нашата безбедност, со безбедноста на нашите имоти, може да се каже дека поминавме прилично турбулентен период.

Ама, вистината за новинарскиот „леб со седум кори“ и ризикот на новинарската професијата кога таа се работи професионално и без калкулации, своевремено ја кажа едно од најголемите журналистички пера на балканските простори, Александар Тијаниќ:

„Кога човек веќе има ‘јајца’ да објави некој текст, мора да биде спремен да ги поднесе и последиците на своите зборови. Фигуративно, секој пат кога дигав перо на некој, дигав рака на самиот себе. Не беше едноставно, не беше безболно“. 

Кога е во прашање независното новинарство и безбедноста на професијата, обврска на институциите е во пракса и на дело да го овозможат сето она кое што по тоа прашање го предвидуваат законите и Уставот. Бидејќи тоа е еден од најрелевантните вредносни показатели за демократскиот капацитет на едно општество.

Како понатаму? Бидејќи за вистината нема алтернатива, одговорот е – исто како и досега! Оттаму, запазувајќи ги сите професионални стандарди, а водени од ентузијазмот да го вградиме нашиот скромен придонес во демократизацијата на Република Северна Македонија, ПУБЛИКУМ уште долго ќе биде чинител во креирањето на јавното мислење.

Благодарност до сите досегашни соработници и помагатели, кои беа и се значаен фактор во четиригодишното патешествие.

Вам, почитувани пријатели, ви благодариме на поддршката. На позитивните критики и укажаните пропусти. Се’ додека ги читаме вашите реакции и се’ дури знаеме дека не сте рамнодушни на објавените текстови, ќе не’ биде!

Заедно продолжуваме понатаму!

Редакција ПУБЛИКУМ

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …