Во Република Северна Македонија има 104.035 работоспособно население што е на возраст од 15 до 19 години. Само 4.766 од нив, поточно само 4,6 отсто се активно вработени, а само 10,3 отсто се активни но притоа не се пријавени ниту како вработени ниту како невработени – вака изгледа табеларниот приказ на податоците од последниот попис на населението во земјава.
Момчињата и девојчињата во оваа возрасна група се законски обврзани да посетуваат и завршат средно образование и оттука се појаснува сликата за нивното слабо учество на пазарот на трудот. Меѓутоа, во членот 18 од законот за работни односи стои дека малолетно лице кое не е помало од 15 години може да склучи договор за работа доколку поседува општа здравствена способност, односно истото е оценето како работоспособно.
Оваа рамка е можна само ако детето учествува во активности кои по својот обем и карактер не влијаат штетно врз здравјето, безбедноста, развојот и образованието, и тоа: учество во културни и артистички активности, спортски настани и рекламни активности.
Податоците откриваат дека од вкупното 10,3 отсто активно население, 63,7 отсто односно 6.827 се момчиња, а 36,3 отсто, односно 3.898 се девојчиња. Истиот размер се забележува и кај оние што се активно вработени, дури 64,9 отсто од нив се машки, а само 35,1 отсто се женски. Родовата нееднаквост и по ова прашање и натаму останува да зависи од повеќе општествени фактори.
Од независната истржувачка организација „Реактор“ за Мета.мк велат дека една од главните причини поради што се пројавува ваквата нееднаквост е образованието, тргнувајќи од тоа што младите на оваа возраст се обврзани да завршат задолжително средно образование.
„Покрај образованието, друг фактор кој придонесува за ниската стапка на активност и вработување е товарот за грижата за семејството и неплатената помош во семејните бизниси. Два фактори во родовиот јаз кај сите возрасни категории се клучни, задоцнетиот пристап до пазарот на трудот, како и генералната позиција во која што се ставени жените да ја остваруваат работата која најчесто е неплатена“, објаснуваат од „Реактор“.
Покрај неплатената и непријавена работа на која девојките често се изложени, тука е и недоволниот број на работни можности како и квалитетни соодвтено платени работни места што тие би биле во можност да ги исполнуваат согласно законската регулатива за одредената возрасна група.
Од женската менторска мрежа „Стела“ за влијателен фактор ја нагласуваат и недоволната фамилијарна поддршка за академска и професионална надградба на девојките, а тука се и стереотипите и патријархалните норми во однос на улогата на жената во домот и општеството.
„Потребно е да се дизајнираат и спроведуваат мерки за намалување на постоечки родови разлики особено на пазарот на труд, како во делот на политиките за вработување и учеството на жените во различните активни мерки за вработување, така и во делот на образовната политика, т.е. зголемување на пристапот до образование, намалување на трошоците за образование и слично“, посочуваат оттаму.
Слично оценува и „Реактор“, од каде велат дека овие бројки потекнуваат од општествената поставеност на жените.
„Патријархалноста на општеството каде на некој начин од жените се очекува да го преземат товарот за грижа и неплатените активности, како и неможност на државата да ги промени таквите општествени текови и обезбеди еднаков пристап кон пазарот на трудот во државата директно влијае врз намалената застапеност на девојките“, истакнуваат од „Реактор“.
Девојките на возраст од 15 до 19 години ретко се во позиција на преземање семеен товар и одгледување деца како што тоа е случај во повисоките возрасни категории. Сепак, неодамнешните сознанија на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари-МАГО откриваат дека во 2020 година од вкупниот број на новороденчиња, 4,9 отсто ги родиле мајки токму на возраст од 15 до 19 години.
За стимулирање на животните тешкотии на девојчињата што се наоѓаат во незавидната положба на млади мајки, од „Реактор“ забележуваат дека е потребна промена во рамки на законот за работни односи, односно воведување на споделено родителско отсуство, со што ќе се постигне споделување на грижата за децата помеѓу татковците и мајките.
„Тоа би значело намалување на сегашниот товар кој е исклучително поставен на рамењата на жените, и би овозможило споделување на одговорноста за грижата за децата, а со тоа поголема родова еднаквост во домот, но и на пазарот на труд“, посочуваат оттаму.
Освен тоа, за да се надминат родовите стереотипи, од „Стела“ се со став дека неопходно е да се подигне свеста што покрај јавни кампањи треба да се прави преку образовниот процес и тоа почнувајќи од основно училиште што ќе се влијае на надминување на предрасудите и поврзаните норми.
„Исто така, клучно е приватните, јавните и образовните институции да развијат и спроведуваат кодекс на однесување со цел целосно отстранување на психичкото и сексуалното вознемирување на девојките и жените“, велат од „Стела“.
Според нив, важна е употреба на родов сензитивен јазик во јавните повици за работни места и треба да се воведе и праксата на охрабрување жени да аплицираат. За постигнување на таквиот напредок како што велат, важен е процесот на менторирање на младите девојки.
„Менторството нуди можност на споделување на информации и знаење, но исто така креира и безбеден простор и врски базирани на доверба кои се клучни за поддршка низ бројните пречки со кои се соочуваат девојките и жените. Оваа потреба се зголемува особено кога станува збор за посензитивни проблеми, како мобинг и вознемирување на работното место или во образовните институции“, велат од женската менторска мрежа.
Оттаму потенцираат за да се постигнат наведените барања, неопходно е редовно да се прават интерсекционални анализи што прибираат податоци за родот, социо-економскиот статус, локацијата и етничката припадност на жените и девојките кои се активни и неактивни во образовниот процес и на пазарот на трудот.
Подобрувањето на образовните модели, унапредувањето на женските работни позиции и зголемување на свесноста за едукација на девојките уште на млада возраст ќе придонесе Македонија да се искачи повисоко на скалата на држави со високо застапена родова еднаквост.
Пишува: Ангела Бошкоска
Извор: МЕТА