Рот: Истрагите да продолжат, СЈО да стане дел од Обвинителството

Државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот порача дека мора да продолжат истрагите поврзани со прислушуваните разговори и Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во редовните структури на Обвинителството.

На средбата со премиерот Зоран Заев во Владата, тој бил информиран дека опозицијата била против продолжување на мандатот на СЈО.

– Морам да подвлечам дека двотретинското мнозинство е предуслов за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, но ме информираа дека опозицијата е против продолжување на мандатот и затоа треба СЈО да го интегрирате во редовните структури на обвинителството. Тоа е проблематично решение, но ако функционира, сосема е во ред – рече Рот на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Заев додаде дека во Стратегијата за реформи во правосудството е предвидено СЈО да биде дел од Јавното обвинителство, како посебно одделение кое ќе ги продолжи своите надлежности. Рот порача дека важно за државата е да постигнува конкретни резултати во однос на доброто владеење и владеењето на правото.

– Спроведувањето и конкретните резултати се суштински. Ова е задача на Владата, меѓутоа не е само Владата одговорна за промени, туку сите во земјата имаат задача да придонесуваат за промените, особено опозицијата. Вистински независно судство заедно со органите за спроведување на законот имаат клучна улога во борбата против корупцијата – додаде Рот кој денеска ќе се сретне и со опозицијата и со невладините организации.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …