Излагање на историчарот Рубин Белчески, по повод изработката и откривање на репликата на релјеф во мермерна плоча на орденот „Народен херој“, кој што на 7.мај 1975 година Претседателот на тогашната СФРЈ, Маршалот Јосип Броз Тито, му го додели на Прилеп:

Чест е да се биде жител на Прилеп – градот херој. Гордост е да се биде потомок на борците од Прилеп кои со 11.Октомври 1941, направија пресвртен момент и нова светла страница во поновата историја на Македонија.   Задоволство, но и одговорност е да се зборува за бурната историјата на мојот и ваш Прилеп. Пред 77 години, тука, во Прилеп, се случил првиот востанички истрел. Тој не бил само симболичен чин, туку автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да се истрае на балканската ветрометина и да се биде на страната на антифашистичката коалиција, се до последниот ден на победата над фашизмот.  Со нападот на бугарската полициска станица, на затворот и на телефонско-телеграфската мрежа, од страна на прилепските борци бил означен почетокот на првото победничкото, на првото ослободително востанието. Борците од НОБ го продолжија револуционерниот од на илинденците, а воедно ги реализираа стремежите за слобода на многуте македонски борбени генерации, низ вековите, а изразени преку многубројните буни и востанија, вклучувајќи го првиот Илинден од 1903, па преку вториот Илинден од 1944, АСНОМ, чии одлуки и решенија се со уставотворно значење и основа за таканаречениот “трет Илинден“, односно, референдумот од 8.Септември 1991 година, преку кој се оствари вековниот сон за самостојна, независна и суверена Република Македонија.

Во Втората светска војна, од Прилеп и прилепско, имало 8.000 учесници, од кои 2.700 активни борци со оружје во рака. Од вкупно 66 Народни херои од Македонија, 15 борци од Прилеп и прилепско се прогласени за Народни херои, од кои 10 се загинати. Дозволете да ги споменам нивните свети имиња: Борка Талески, Лазо Филипоски, Орде Чопела, Борка Левата, Рампо Левката, Мирче Ацев, Кузман Јосифоски – Питу, Кире Гаврилоски, Круме Волнароски, Илија Игески – Цветан и на петтемина кои ја преживуваат војната: Вера Ацева, Крсте Црвенкоски, Борко Темелкоски – Лилјакот, Ѓоре Дамески и Атанас Забазноски – Руски.  Прилеп и прилепско се тесно поврзани и со други четворица Народни херои кои загинуваат тука: Киро Фетак, Манчу Матак, Злате Малаковски и Блажо Тодоровски – Чичето, што зборува за жестоките борби кои овде се воделе со непријателот.  Во Втората светска војна Прилеп дал 650 жртви. Меѓу преживеаните биле 154 борци, носители на високото признание „Партизанска споменица 1941“, меѓу кои 33 се жени.  Во тој контекс, би сакал да ја потенцирам и улогата на жената – борец, која рамо до рамо со мажите била вклучена во народноослободителното движење, како во сите форми на отпор во заднина, така и како припадник во единиците на Народноослободителната војска.  Како резултат на гореспоменатото, на 7.мај 1975 година, по повод 30 годишнината од победата над фашизмот,

Претседателот на СФР Југославија, Маршалот Јосип Броз Тито, го одликува градот Прилеп со високо признание, доделувајќи му Орден ,,Народен херој“, заедно со градовите: Загреб, Нови Сад, Приштина и Цетиње. Претходно одликувани биле: Љубљана во 1970,  Дрвар и Белград, во1974. На тој начин, се комплетирала листата на одликувани 8 градови во поранешна СФР Југославија, односно, по еден град од секоја Република и Покраина. Пред востановувањето на Орденот, Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ како звање ,,Народен херој“, го воведува кон крајот на 1941 година. Првата личност која го добила ова звање, е Петар Лековиќ од Ужичка Пожега, борец на Втората пролетерска бригада, уште за време на живот, во март 1942 година. Официјално, орденот ,,Народен херој“  Врховниот штаб го воспоставил на 15 август 1943 година. Истиот се доделувал на поединци, воени единици, политички и други организации за исклучителни или херојски дела во време на војна или мир.   Скица за орденот во 1943 година, направил академскиот сликар Ѓорѓе Андрејевиќ – Кун, а првиот модел на орденот го изработил вајарот, Антон Аугустинчиќ. Орденот најпрво се изработувал само од злато (ковница во Москва), а подоцна од злато, позлатена бронза или позлатен месинг (во ИКОМ-Загреб).

Истиот има овална форма, која ја прават ловорови гранчиња споени со панделка во долниот дел. Во внатрешноста, врз ѕвезда од зраци е прикажан борец во шинел со поглед кон лево, кој држи развиорено знаме со петокрака во левата и пушка во десната рака.

Со овој орден, за заслугите во Народноослободителната војна, одликувани се вкупно 1.384 лица и други субјекти, и тоа: 1.323 борци (1.232 мажи и 91 жена), 903 се посмртно одликувани, а 420 биле живи за време на одликувањето. Одликувани се и 22 странски државјани, 27 воени единици и установи, 8 градови и 4 организации.

Со Орденот ,,Народен херој“, од Македонија се одликувани 66 борци (59 мажи и 7 жени, 44 се загинати во НОВ и 22 се преживеани). На 29 јули 1945 година, орденот ,,Народен херој“ им се доделува на првите 6 борци од Македонија и тоа: Мирче Ацев, Кузман Јосифовски – Питу, Стив Наумов, Орце Николов, Страшо Пинџур и Христијан Тодоровски – Карпош.

Од воените едици од Македонија со овој Орден е одликувана е Првата македонско-косовска ударна бригада, формирана на 11.ноември 1943 година во с.Сливово, охридско. Како што знаете, орденот кој му беше доделен на Прилеп, во 1993 година во неразјаснети околности исчезна од општинските простории. Значи, 25 години го немаме она на што сме горди ние прилепчани.

Бидејќи резултатите од антифашистичката војна не’ обврзуваат сите да ја цениме и да ја браниме скапо платената слобода, ја поздравувам реализацијата на локалната самоуправа на Општина Прилеп, по иницијативите на прилепската Општинска организација на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија и граѓаните продолжувачи 1941 – 1945 и НУ Завод и Музеј – Прилеп, за изработка на две реплики на орденот, по еден за Општина Прилеп и за Меморијалниот музеј ,,11.Октомври 1941“, како и за изработката на релјеф на истиот на мермерна плоча и поставување во општинската зграда, како би сведочел за херојството на Прилеп и прилепчани.

Негувајќи ги традициите од нашето славно минато, преку вакви дела им се поклонуваме, им оддаваме почит, а воедно им се заблагодаруваме на сите оние кои ги дадоа своите животи, како и на останатите кои се вградија себеси во темелите на слободна и независна Република Македонија. Нека ни е честит ,,11. Октомври’’, Денот на народното востание, нека ни е вечен Прилеп и вечна Република Македонија!