Русија со ракети го гранатираше градот Виница во централниот дел на Украина, при што најмалку 20 лица загинаа, јавува Укринформ за последниот биланс на загинати лица. Јуроњуз пренесува дека во страшниот напад има околу 90 повредени лица, а украинскиот претседател Володимир Зеленски го именуваше нападот како отворен акт на тероризам од Русија.
Украинските власти информираат дека три ракети „Калибар“ истрелани од Русија погодиле објект со канцелариски простор, како и станбена зграда која што се наоѓа во непосредна близина. Во ракетниот напад бил погоден и паркингот пред зградата, каде што биле запалени 50 автомобили.
Серхиј Борзов, гувернер на областа Виница, изјави дека украинската противоздушна одбрана соборила четири дополнителни ракети што биле истрелани кон градот, лоциран на околу 260 километри југозападно од Кијив.
Меѓу загинатите лица во рускиот ракетен напад има најмалку три деца. Ужасното ракетирање на градот Виница се случило во 10:50 часот по локално време. Се стравува дека бројот на загинати лица од овој руски ракетен напад може да расте.