Рускиот амбасадор со пропаганда го одбележа Денот на победата над фашизмот во Скопје

Рускиот амбасадор со пропаганда го одбележа Денот на победата над фашизмот во Скопје

Рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин на денешното одбележување на Денот на победата над фашизмот – 9 Мај неосновано ја изедначи борбата против нацизмот во Втората светска војна со актуелната руска воена инвазија на Украина, тврдејќи дека нацизмот се вкоренил на украинската земја.

Во својот пропаганден говор пред руското спомен-обележје позади Универзалната сала, амбасадорот Баздникин рече дека Русија не е агресор, туку ослободувач на Украина и дека „затоа на ослободените територии се подигнува Знамето на Победата“.

„Велат дека ние наводно водиме кампањи за дезинформации и воена пропаганда – тоа исто така не одговара на вистинската состојба на работите: ние не се занимаваме со ширење на „фејкови“, туку користиме само факти и проверени информации“, рече во својот говор Баздникин.

Рускиот амбасадор во својот говор рече дека воjната со споменици се проширила и на македонско тло. Тој обвини дека во текот на ноќта имало сквернавење на руското спомен-обележје позади Универзална сала и обвини дека одговорните лица се кукавици. Баздникин рече оти се надева дека надлежните органи, вклучуваjќи ја и полициjата, ќе ги пронаjдат злосторниците на ова недело и тие ќе бидат соодветно казнети.

Мета.мк денеска во два наврати го контактираше Министерството за внатрешни работи (МВР) за да праша дали е пријавено дека во текот на изминатата ноќ имало сквернавење на рускиот споменик позади Универзална сала и каква штета поточно е направена.

„Во полициска станица до овој момент нема пријава за ваков настан“, информираат од МВР за Мета.мк во однос на тврдењата дека имало сквернавење на рускиот споменик.

Инаку, пред спомен-обележјето денеска имаше полициски службеници за време на одржувањето на настанот организиран од Руската амбасада по повод 9 Мај.

На денешниот настан организиран од Руската амбасада во Скопје пред споменикот присуствуваа пратеникот во Собранието на РСМ Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија која е дел од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, поранешниот ректор на УКИМ, Велимир Стојковски, директорот на ЛУКОИЛ во земјава Андреј Куку и почесниот конзул на Русија во Битола, Сергеј Самсоненко.

Руското спомен-обележје беше подигнато во чест на 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна со средствата обезбедени од Амбасадата на Руската Федерација во земјава на 9 мај 2020 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …