САД и Германија во битка за вакцина за коронавирусот

САД и Германија во битка за вакцина за коронавирусот

Американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да убеди германска лабораторија да развие вакцина ексклузивно за САД, тврди германски весник. Паралелно со фирмата преговара и Берлин.

Владите на Германија и САД се борат за влијание врз германската компанија CureVac (КјурВак) која работи на развој на вакцина за новиот коронавирус, пишува германскиот весник Велт.

Цитирајќи анонимни извори, весникот тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп им понудил огромни суми пари на германските научници кои работат на вакцината. Тој сакал да ги обезбеди ексклузивните права на нивната работа.

Германското министерство за здравство попладнево го потврди извештајот на Велт, и дополнува дека се прават напори вакцината да остане на европско тло. Според Велт, Трамп со сите сили настојувал да ја обезбеди вакцината само за САД, и „единствено за САД“, вели анонимен извор во германската влада.

Од друга страна, германската влада на компанијата и нуди финансиски поволности да остане во земјата.
„Германската влада е многу заинтересирана развојот на вакцините и третманите против новиот коронавирус да се реализираат во Германија и Европа“, вели портпаролот на германското министерство за здравство.

Компанијата CureVac е со седиште во југозападниот германски град Тибинген и соработува со Институтот Паул Ерлих кој пак е поврзан со германското министерство за здравство. Таа има претставништва во Франкфурт и во Бостон, САД.

Во петокот, шефот на производството на CureVac Флоријан фон дер Милбе за Ројтерс изјави дека започнале истражувања за неколку можни вакцини и дека двете најветувачки ќе бидат избрани за клинички тестови. Компанијата се надева дека ќе има експериментална вакцина за тестови врз луѓе до јуни или јули годинава.

Средба со Трамп

Во саботата, тестовите на Трамп за коронавирусот покажаа негативен резултат. Од Ковид-19 вирусот, кој започна во Кина, досега заболеа над 150 илјади луѓе ширум светот, а 5.800 починаа.
На 2 март годинава, тогашниот извршен директор на CureVac Даниел Меничела присуствуваше на состанок во Белата куќа посветен на развој на вакцина за коронавирусот со Трамп и други членови на работната група за коронавирусот. На 11 март, компанијата соопшти дека Меничела е сменет од функцијата и на нејзино чело е поставен основачот Ингмар Хоер, без да наведе причина за одлуката.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Германија: Забрана на АфД? Повикот е сѐ погласен

Германија: Забрана на АфД? Повикот е сѐ погласен

Алтернатива за Германија триумфираше на три покраински избори, предизвикува превирања во парламентот на Тирингија и …