САД и Иран договорија двонеделно примирје

САД и Иран договорија двонеделно примирје

Американскиот претседател Доналд Трамп, според сопствените изјави, е подготвен две недели да ги прекине бомбардирањата и нападите врз Иран, доколку Техеран го отвори Ормускиот Теснец. Станува збор за обострано примирје, соопшти Трамп на својата платформа Трут Соушл.

САД 2026 | Трамп објави двонеделна пауза во нападите врз Иран на Truth Social
Објавата на Трамп за прекинот на огнот на Трут Соушл

Трамп напиша дека пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф го замолил да се воздржи од најавените напади врз иранските електроцентрали и друга инфраструктура. Американскиот претседател претходно се закани дека ќе го нападне енергетскиот сектор на Иран, како и мостовите, доколку раководството на земјата не се согласи на договор или не го отвори морскиот теснец, кој е од клучно значење за глобалниот пазар на нафта и гас.

Според Пакистан, примирјето стапува во сила веднаш. Тоа важи и за Либан и за други региони, напиша Шариф на платформата X.

Од друга страна, кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти: „Двонеделното примирје не важи за Либан.“ Сепак, Израел ја поддржува одлуката на Трамп да ги прекине нападите. Покрај отворањето на Ормускиот Теснец, услов за тоа е Иран веднаш да ги запре сите напади врз САД, Израел и други земји во регионот.

САД Вашингтон 2025 | Мухамед Шехбаз Шариф пред средба со американскиот претседател Доналд Трамп
Пакистанскиот премиер Шариф ги покани делегациите на Иран и САД на понатамошни разговори во петок во пакистанската престолнина Исламабад

Потврда од Техеран

Иранскиот Национален совет за безбедност соопшти дека се согласил со примирјето. Во исто време, иранскиот министер за надворешни работи најави отворање на Ормускиот Теснец.

Во координација со иранските вооружени сили и со земање предвид на техничките ограничувања, ќе се овозможи бродски сообраќај, напиша Абас Арагчи во соопштение. Сепак, почетокот на разговорите за подолгорочен договор сè уште не значи крај на војната, јавија иранските државни медиуми.

Трамп ѝ постави рок на иранската власт до 2:00 часот рано изутринава. Претходно тој веќе трипати постави ултиматум, кој секојпат го одложуваше. Во својата најнова најава, Трамп избегна да постави конкретен рок за договор со Иран. Тој напиша само: „Период од две недели ќе овозможи договорот конечно да биде формулиран и склучен.“

Преговорите треба да започнат во петок

Пакистанскиот премиер Шариф ги покани делегациите на Иран и САД на понатамошни разговори во петок (10.04) во пакистанската престолнина Исламабад, каде што претставници на двете земји треба да преговараат за конечен договор за решавање на конфликтот.

Двете страни во разговорите покажале „извoнредна мудрост и разбирање“ и конструктивно се заложиле за мир и стабилност, изјави Шариф. Пакистан, како соседна земја на Иран, посредува во војната меѓу претставниците од Вашингтон и Техеран.

План од 10 точки како основа за преговори

Во врска со претстојните преговори, Трамп во своето соопштение напиша: „Добивме предлог од десет точки од Иран и убедени сме дека тој претставува одржлива основа за преговори.“ Речиси сите досегашни спорни точки, според него, веќе биле разјаснети. Сепак, колку се блиску двете земји до договор и понатаму останува нејасно. Според медиумски извештаи, нивните позиции неодамна на моменти биле значително оддалечени.

САД Вашингтон 2026 | Доналд Трамп гестикулира за време на прес-конференцијата во Белата куќа
Трамп: Добивме предлог од десет точки од Иран и убедени сме дека тој претставува одржлива основа за преговори

Иранскиот предлог, очигледно, содржи и точки за кои согласност од американската влада е малку веројатна. Според иранските државни медиуми, планот предвидува САД да му дозволат на Иран облагородување на ураниум. Покрај тоа, Техеран и понатаму бара укинување на сите американски санкции против земјата, како и репарации за претрпените воени штети.

Во војната, која трае веќе шест недели, според пресметките на владини извори и организации за човекови права, животот го загубија илјадници луѓе, меѓу кои и повеќе од 1.600 цивили во Иран. Во САД, каде што започнуваат кампањите за среднорочните избори, рејтингот на Трамп е на најниско ниво. Според анкетите, големо мнозинство Американци се против војната и се фрустрирани од растот на цените на бензинот.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Со новиот Закон за високо образование премиерот ќе ги задржува младите дома, студентите со критики

Со новиот Закон за високо образование премиерот ќе ги задржува младите дома, студентите со критики

На прес-конференција за Предлог-законот за високо образование, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека образованието со години …