Американците се исто така длабоко поделени по прашањето дали претседателот Доналд Трамп донел правилна одлука со воената интервенција во Иран.
„Тој е наш претседател и мислам дека сè што прави е правилно“, вели Џефри. Други предупредуваат против ваков начин на дејствување и изразуваат загриженост за последиците од нападот, како што е Лорен: „Не треба да се вклучуваме во војна. Оваа интервенција се случи без одобрение од Конгресот. Тоа е во суштина случај за импичмент“.
Конгресот не беше вклучен
Повеќето членови на американскиот Конгрес не одат толку далеку. Но, постојат критики и меѓу Демократите и меѓу Републиканците во Сенатот и Претставничкиот дом за начинот на кој одлучи Доналд Трамп. Претседателот мора да го вклучи Конгресот во таква фундаментална одлука, изјави демократскиот сенатор Тим Кејн за Ен-Би-Си. „Соединетите Американски Држави не треба да влегуваат во војна против Иран без одлука во Конгресот. Уставот е многу јасен по ова прашање”, истакна Кејн.
„Многу сум разочаран што претседателот дејствуваше избрзано. Не постоеше вонредна состојба што би го принудила да ја донесе одлуката на своја рака“.
Сепак, неговиот колега Линдзи Греам, влијателен републикански експерт за надворешна политика во Сенатот, не гледа уставен проблем. На крајот на краиштата, не може да има 535 врховни команданти, рече тој – американскиот Конгрес има 535 членови.
„Ако не ви се допаѓа она што претседателот го прави воено, можете да му го прекинете финансирањето. Во американската историја, Конгресот објави војна само пет пати. Сите други воени акции беа целосно легални“, истакна Греам.
Дали САД се во војна со Иран?
Дискусијата се врти и околу тоа дали САД воопшто се во војна со Иран. „Ние не сме во војна со Иран, туку сме против нуклеарната програма на Иран“, изјави потпретседателот Џеј Ди Венс во емисијата „Средба со печатот“ на Си-Би-Ес.
Изјава што жестоко ја поби демократот Кејн: Секако, војна е ако бомбардирате друга земја.
Но, потпретседателот гледа разлика: нападите на САД врз трите ирански нуклеарни објекти беа многу успешни. И сега повторно има простор за преговори. „Ако Иранците сега ги остават американските војници на мира и се откажат од својата нуклеарна програма еднаш засекогаш, претседателот многу јасно стави до знаење: можеме да имаме добри односи, можеме да имаме мир во овој регион“, рече Венс.
Трамп не ја исклучува промената на режимот
Трамп повторно фрли сомнеж врз својата јасност кратко потоа со објава на својата интернет платформа Truth Social. Во еден пост, тој не ја исклучи можноста за промена на режимот во Иран, пишувајќи: „Не е политички коректно да се користи терминот промена на режимот, но ако сегашниот ирански режим не е способен да го направи Иран голем, зошто да нема промена на режимот??? MIGA!!!“
Со ова, Трамп алудираше на својот слоган МАГА (MAGA) „Да ја направиме Америка повторно голема“, применувајќи го на Иран.
Извор: DW