Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио го зголемува притисокот врз Украина и Русија брзо да преговараат за мировен договор. „Оваа недела ќе биде многу важна недела, во која ќе треба да одлучиме дали сакаме да продолжиме да учествуваме во овој проект или дали е време да се фокусираме на други прашања кои се исто толку важни, ако не и повеќе“, изјави Рубио за американската телевизија, мислејќи на посредничката улога на САД.
Сепак, Рубио не сакаше да даде конкретен одговор на прашањето колку време им преостанува на Киев и Москва за да се договорат. Би било „глупаво“ да се одреди конкретен датум, смета тој.
Во врска со евентуален договор Рубио изјави дека целта сѐ уште не е остварена. „Блиску сме, но не доволно блиску“, рече министерот. „Постигнавме вистински напредок, но последните неколку чекори на ова патување секогаш се најтешки.“ Соединетите Американски Држави, според него, не би можеле да продолжат да посветуваат време и ресурси на овие напори доколку тие не доведат до успех.
Рубио бара откажување од двете страни
На прашањето за можните отстапки кон Русија, Рубио рече дека треба да се биде „зрел и реален“. „Нема воено решение за оваа војна. Единственото решение е решение преку преговори при што двете страни треба да се откажат од нешто што наводно го сакаат и ќе мора да ѝ дадат на другата страна нешто што не би сакале да го дадат“, рече тој.
САД, според Рубио, чекаа да воведат санкции против Русија за да ги одржат отворени дипломатските канали. Меѓутоа, доколку нема договор, постојат опции да се преземат мерки против оние кои, од перспектива на САД, не сакаат мир. Во моментов, сепак, не сакаат да одат толку далеку, „бидејќи сметаме дека тогаш би ја затвориле вратата на дипломатијата“.
Рубио веќе изјави пред една и пол недела дека САД би можеле да ги прекинат напорите за посредување во рок од неколку дена доколку нема јасни знаци за можен договор. Американскиот претседател Доналд Трамп истиот ден изјави: „Сакаме брзо да го завршиме ова“.
Трамп: „Добар состанок“ со Зеленски
Трамп неодамна изрази сомневање за желбата на шефот на Кремљ, Владимир Путин, за мир. По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на погребот на папата Франциско, тој го обвини Путин дека можеби не е сериозен во врска со завршувањето на војната и ѝ се закани на Русија со нови санкции.
Трамп сега го опиша разговорот со Зеленски како „добар состанок“. Тој мисли дека Зеленски ја разбира ситуацијата и „сака да се договори“. На прашањето дали украинскиот претседател е подготвен да се откаже од црноморскиот полуостров Крим, Трамп, според новинарите кои патуваа со него, оцени: „Мислам дека е така“. Темата била кратко спомената на средбата. Украина досега ја отфрла можноста за отстапување на Крим на Москва како дел од договорот.
Обраќајќи му се на шефот на Кремљ, Владимир Путин, американскиот претседател рече дека тој треба да престане да пука и треба да склучи мировен договор.
Извор: DW