САД: Русија ја подготвува следната анексија

Русија, според проценките на САД, планира наскоро да ги анектира самонаречените „Народни републики“ Доњецк и Луганск во источна Украина.

Русија има намера, најверојатно во средината на мај, да организира манипулирани референдуми за приспојување на двата сепаратистички региони во  Донбас,  изјави вчера американскиот амбасадор во Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), Мајкл Карпентер.

Нешто слично се планира и за во меѓувреме од Русија контролираниот јужноукраински регион  Херсон,  каде Москва веќе се обидува да ја воведе рубљата како парично платежно средство.

Карпентер истакна дека ваквите фалсификувани референдуми нема да се сметаат за легитимни, исто како ни претходно спроведеното режирано изјаснување за анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

Информациите добиени од американските тајни служби во поглед на плановите на Русија, американскиот амбасадор ги класифицира во категоријата многу веродостојни. „За жал, при презентирањето на следните чекори (на Русија) бевме почесто во право отколку што не бевме“, изјави Карпентер.

САД уште со недели пред почетокот на руската инвазија врз Украина, упорно предупредуваа од опасноста од скор претстоен руски напад врз соседната земја, потпирајќи се на разузнавачки сознанија, што кај западните сојузници меѓутоа наидуваше на скепса.

Рускиот претседател Владимир Путин на 21 февруари го објави признавањето од страна на Русија на двете сепаратистички самонаречени „Народни републики“  Доњецк и Луганск, а три дена подоцна стартуваше агресорската војна против Украина. По неуспешниот обид за соборување на владата во Киев, руската армија се концентрира на воени операции во  јужниот и источниот дел од Украина.

Минатата недела, според претставник на американското Министерство за одбрана, во посета на  Донбас бил шефот на Генералштабот на руската војска, Валери Герасимов, кој во регионот се задржал повеќе денови, а во меѓувреме веројатно е вратен во Русија. Претставникот на Пентагон не ги потврдил вестите кои кружеа во јавноста, според кои Герасимов бил ранет во украински напад.

Во извештаи, кои се повикуваа на извори од украински претставници, се тврдеше дека украинската армија во градот Исјум, јужно од Харков бомбардирала руска командна централа, во која Герасимов се сретнал со руски воени команданти. Меѓутоа, се чини дека Герасимов веќе го имал напуштено местото во моментот на украинскиот напад.

Според претставникот на Пентагон, Русија има само минимални напредоци во  Донбас,  руските трупи успеале да освојат неколку села, но украинската армија потоа повторно ја повратиа контролата над нив.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …