Американскиот Стејт департмент ги оцени како неразумни и како обид за дезинформација и пропаганда, обвинувањата на Русија дека САД се инволвирани во неодамнешното гласање во Парламентот на Република Македонија со кое се даде зелено светло за отпочнување со уставните измени во земјата.
„Секое тврдење дека претставници на Американската амбасада биле инволвирани во процесот на гласање во Парламентот се неразумни и лажни. САД ја поздравуваат одлуката на македонскиот Парламент да ги започне уставните промени неопходни за имплементација на Договорот од Преспа со Грција. САД веруваат дека Преспанскиот договор е историска можност за промоција на стабилност, безбедност и просперитет во целиот регион“, изјавил портпарол на Стејт департментот на брифинг во Вашингтон на прашање на грчки новинар, пренесува АНА-МПА.
Стејт департментот им сугерира на оние кои сакаат да истражуваат како македонските пратеници ја донеле нивната одлука, тоа да го сторат во консултација со самите пратеници наместо со користење на руско деинформирање и пропаганда.
Извор: МЕТА