Предлогот на претседателот на САД, Доналд Трамп, од минатиот петок (19 септември), со кој се предлага воведување апликациска такса од 100.000 долари (околу 85.000 евра) за странските работници кои аплицираат за H‑1B виза, ги фрла во неизвесност технолошкиот сектор и универзитетите, кои сега се трудат да ги разберат импликациите.
Соопштението дојде во таканаречена прокламација во која се тврди дека визниот систем бил „намерно злоупотребен за замена, наместо дополнување, на американските работници со ниско платена, ниско квалификувана работна сила“ и дека „системската злоупотреба на програмата го ослабнала и нашиот економски и национален безбедносен систем.“
Од воведувањето на H‑1B визата во 1990 година, оваа програма првенствено се користи за да се обезбедат високо квалификувани странски работници за технолошката индустрија. Годишно се определува ограничен број H‑1B визи.
Тековната квота е 65.000 визи, со дополнителни 20.000 визи за странци кои магистрираат или докторираат на академска институција во САД.
„Компјутерско ориентирани“ професии впрочем сочинуваат околу две третини од сите кои се стекнуваат со вакви визи.
Какви се непосредните ефекти за американската економија?
Мајкл А. Клеменс, професор по економија на Универзитетот Џорџ Мејсон во сојузната држава Вирџинија, вели дека објавата донела „екстремен хаос“, и дека многу аспекти, вклучувајќи ја и законитоста на предлогот, остануваат нејасни.
„Луѓето сè уште се обидуваат да разберат што всушност значи оваа екстремно избрзана и шокантна политика,“ рече тој за ДВ. „Најдобро толкување во овој момент е дека станува збор за плаќање од 100.000 долари по лице што ќе се применува барем за нови, првични вработувања.“
Во почетната изјава на Трамп не беше појаснето дали таксата ќе важи секој пат кога тековен носител на визата ќе влезе повторно во САД, или дали ќе важи за обновување или за понатамошни апликации од постојни носители.
Компании со најмногу визи за технолошки кадар во САД
Иако портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, подоцна изјави дека таксата ќе биде еднократна и нема да важи за сегашните носители, тие изјави се во спротивност со изјавата на секретарот за трговија, Хауард Лутник, кој минатата недела рече дека таксата ќе се наплаќа секоја година.
Без оглед на точните услови, меѓу економистите владее голема загриженост за непосредните последици.
Клеменс смета дека потенцијалниот одлив на таленти би претставувал „огромна економска загуба“ за САД.
Џереми Робинс, извршен директор на непартиската Американска Организација за Имиграција, изјави за ДВ дека очекува големи мултинационални компании веднаш да преместат дел од операциите во други држави доколку овој план стапи на сила.
„Ќе видиме драматично ослабување на нашата способност во клучни економски и национално безбедносни индустрии како вештачка интелигенција (ВИ) и квантно компјутерство,“ рече Робинс, додавајќи дека „многу талентирани луѓе од целиот свет кои сакаат да дојдат тука и да иновираат ќе почнат да бараат други локации.“
Кој ќе биде најпогоден?
Клеменс истакнува дека универзитетите и непрофитните организации претставуваат повеќе од една третина од корисниците на H‑1B визи, и тие во голема мера нема да можат да издвојат такви големи суми за да ангажираат потребен кадар.
Ова би значело „огромен удар врз способноста на универзитетите да ангажираат странски кадар и да ги привлечат најдобрите истражувачи“ и „потполно уништување на способноста на невладини организации да вработуваат таков кадар.“
Други критичари истакнуваат дека ова ќе има штетен ефект врз стартап компаниите и помалите фирми во технолошкиот сектор.
Гари Тан, извршен директор на стартап инкубаторот Y Combinator, напиша на платформата X дека оваа одлука „им ги скршила нозете на стартапите.“
„Среде трката за доминација во ВИ, им велиме на градителите да градат некаде другаде. Ни треба успех на малите американски технолошки компании, а не патарини од 100.000 долари,“ рече тој.
Клеменс се согласува и додава дека за помалите стартапи ќе биде „практично невозможно“ да ангажираат потребен кадар ако мора да платат такви такси. „Тоа ќе ги уништи нивните перспективи,“ додаде тој.
Големи компании како Мета, Гугл и Амазон се едни од најголемите корисници на H‑1B визи. Иако нивните огромни приходи може да им овозможат да платат такви такси, тие може да бараат и ослободувања.
Дали има основана причина за тврдењата на Трамп?
Белата Куќа тврди дека системот за H‑1B се злоупотребува и дека тоа ги фаворизира странските над домашните работници.
Робинс смета дека на системот навистина му треба реформа и потсетува дека планот е дизајниран во доцните 1980-ти кој треба да се адаптира кон современата економија, со внимание кон тоа како фирмите точно го користат и во кои сектори.

Тој тврди дека заштитата на американските работници „веројатно не e на потребното ниво.“
„Затоа мислам дека организациите како нашата се силни поддржувачи за реформирање на системот H‑1B, за да се фокусира на привлекување таленти, а не само на евтина работна сила,“ изјави тој.
Сепак, Робинс додава дека и во сегашната „непотполна состојба“, бројни студии постојано покажуваат дека визниот систем „создава работни места, ја поттикнува иновацијата и значително придонесува за бруто домашниот производ.“
Тој верува дека американските технолошки работници „не се во неволја поради програмата“, бидејќи стапката на невработеноста меѓу високо квалификуваните технолошки работници во САД била „драматично ниска, во распон од околу 2% во голем дел од последните 10‑15 години.“
Мајкл А. Клеменс исто така признава дека злоупотребата на програмата е „реалност“, но додава дека веќе постојат регулативи за контролирање на тоа.
Министерството за труд „често ја истражува“ усогласеноста на компаниите со правилата на програмата и „пронаоѓа прекршоци“, на кои се повикува претседателот, вели Клеменс.
„Да се спроведува законот и казнуваат прекршоците е оправдано, но да се оптоварува целата класа на имигранти со астрономска казна нема никаква врска со тоа,“ додава тој.
Какви може да бидат долгорочните последици?
Додека компаниите, универзитетите, непрофитните организации и други корисници на програмата H‑1B сѐ уште се обидуваат да утврдат какви ќе бидат следните чекори, експертите се согласија дека ако администрацијата на Трамп навистина ја спроведе таксата од 100.000 долари, тоа ќе нанесе штета врз американската иновација и економскиот развој на долг рок.
Клеменс објаснува дека „децении од исклучително ригорозни, рецензирани студии“ за ефектите од H‑1B работниците „постојано укажуваат на еден резултат — придобивки за локалната економија.”
„Каде и да одат, тие поттикнуваат повеќе патенти, создавање на повеќе стартапи поддржани од ризичен капитал и оживување на локалните економии,“ вели тој.
За Робинс, една од „големите сили“ на Америка е тоа што државата е „место каде што повеќето талентирани луѓе од целиот свет сакаат да дојдат отколку во било која друга земја,“ и дека би било „многу ризично“ да се загрози тоа.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место