Автор: Ева Петровска, ученичка во гимназијата „Орце Николов“, од изложбата на ученици „Сајберкултура“ / фото: Мета.мк
Автор: Ева Петровска, ученичка во гимназијата „Орце Николов“, од изложбата на ученици „Сајберкултура“ / фото: Мета.мк

Сајбер насилство кај младите: Иако се појавува во виртуелниот свет, се катализира во оној во кој живееме

Сајбер вознемирувањето сѐ уште е “во сенка”, бидејќи е дигитално и често невоочливо. Не знаејќи како да го адресираме, истото многу често и лесно прераснува во сајбер насилство и добива пост-трауматски размери.

Со овие зборови, психологот и европски акредитиран психотерапевт во „Психотерапика“, Радмила Живановиќ ја дава дефиницијата за процесот на онлајн вознемирување, како една од составните причини за нарушување на менталното здравје кај младите во земјава.

Влијание на сајбер вознемирувањето врз младите во сајбер светот „што не е реален“

Тргнувајќи од својот индивидуален карактер, зависно од индивидуалниот профил на младиот човек во реалниот и виртуелниот свет, вознемирувањето што се пројавува онлајн има различно влијание врз различни индивидуи.

„Кај некој одредено изложување несоодветно на интернет не предизвикува такво вознемирување како кај друг млад човек. Од друга страна сајбер вознемирувањето може и не мора да има основа во реалноста на младиот човек. Од една страна може да го интензивира вознемирувањето кое веќе постои, од друга страна за оние кои не се толку спремни да вознемируваат во физички сетинг, интернетот го наоѓаат како соодветен медиум за вознемирување“, посочува психотерапевтот Живановиќ.

Социјалните медиуми, просторот каде денес младите го поминуваат најголемиот дел од своето време, дозволува можности за создавање на навредлива содржина што понекогаш може да биде упатена од едно кон друго лице со цел да нанесе повреда.

Иако е поставена на Интернет каде со еден клик истата практично и не постои, како што вели Живановиќ, ваквата содржина ја одразува, катализира и сублимира реалноста во која младите живеат.

Освен намерното креирање на навредлива содржина, честопати во дигиталниот свет се случува да се појави и содржина што припаѓа на трето лице, а притоа е објавена без дозвола од некој друг, како и споделување податоци меѓу одредени луѓе на сметка на шега на некој друг, што исто така се смета за форма на онлајн вознемирување.

„Шегата или вистинската навреда лежи во намерата на оној кој ја креира. Од друга страна каков ефект ќе има на нас, зависи од нашата сензитивност, чувството на компетентност, искуство, сила и поддршка да го адресираме она што можеби некогаш нѐ забавува, а некогаш вознемирува. Многу е значајно да размислиме и за другиот кога упатуваме одредени информации преку мрежата, потребно е понекогаш да бараме дозвола, и да проверуваме, па и да бараме дозвола за да артикулираме одредени аспекти кои не се наши, туку се однесуваат на другиот“, вели Живановиќ.

Превентивни мерки пред и доверба на младите каде да се обратат по искуство со онлајн претрпено насилство

Според психологот Живановиќ, најпрво, секој млад човек треба да ја пријави вознемирувачката содржина кај некој на кој му верува. Особено е важно да не наиде на осуда кај луѓето на кои ќе одлучи да им се довери.

Сепак, пред воопшто да се размислува за барање помош, Живановиќ смета дека претходно треба да се знае да се разликува ситуација која младите може да ја решат сами и ситуација во која е потребен возрасен од доверба.

Таа посочува дека сите млади се разликуваат и поради тоа некој млад човек знае како да го адресира и кому да се обрати за заштита кога ќе се случи, додека другите не го знаат тоа, или како што вели, чувствуваат одреден срам од самите себе, затоа што се „вознемириле“ од нешто што како навидум „се случува на сите“.

„Потребни се програми за едукација на младите за стекнување на вештини за препознавање и адекватно адресирање на сајбер вознемирувањето. Исто, потребни се програми за превенција и намалување на самото вознемирување, како и креирање на механизми за решавање и адресирање на пријавените случаи“, укажува психологот.

 

 

Telegram
Принтскрин од разговор од поранешната група „Јавна соба“ / фотографијата е од јануари 2020 година
Системот во кој најчесто живеат младите, Живановиќ го поставува како колектив во кој меѓу врсниците постојат одредени норми и правила што овозможува вмрежување. Според неа, ваквата мрежа треба постојано да се јакне кон оформување став за поддршка во одговор на сајбер вознемирувањето.

„Не постои интерперсоналност во решавање на одредени прашања, туку се поминува низ филтерот на колективното или мнозинското одобрување и неодобрување“, вели Живановиќ и додава дека интернетот ја нема моќта да ја утврди намерата на онлајн содржините, па утврдувањето останува на колективот на млади.

„И да постои сајбер вознемирување, онлајн колективот на млади најчесто утврдува дека не постои затоа што во спротивно би се нарушила наводната „сигурност“ во колективот (тој претендира да одржи совршена форма), а младиот би останал со чувство дека треба да си замине наместо колективот да се менува“, објаснува таа.

Анализа спроведена од страна на „Младите можат“ за пристапот на средношколците до услугите за ментално здравје, во која учествувале 51 средношколци, покажува дека најголем дел или 35 отсто од машките и женските доколку се сомневаат за нарушување на нивното ментално здравје би се обратиле кај родител, додека најмал е процентот кај оние што се изјасниле дека би побарале професионална помош, само 2 отсто.

Во истата анализа, резултатите наведуваат дека од сите институции каде се нуди професионална помош, најмалку од средношколците би се обратиле кај училишниот психолог, само 7 отсто од нив.

Психотерапевтката Живановиќ смета дека ова донекаде е и очекувана пракса што се должи на презафатеноста на стручните служби со други работи, што остава многу малку време да се посветат на прашањата поврзани со менталното здравје кај младите или сајбер вознемирувањето како дел од причините за нарушување на истото.

„Значи како и секогаш, многу малку стручните служби имаат работно време да посветат на вака значајни прашања, и тоа не е поради нив самите, туку и поради условеноста од системот. За да работиш со вакви прашања, потребно е соодветно искуство и едукација во советување на деца во однос на вакви трауматски доживувања“, поентира Живановиќ.

Женската популација е поголема мета на сајбер вознемирување од машката

Случајот „Јавна соба“ е вид на показател дека навистина девојчињата се поголема мета на сајбер насилството од момчињата.

Истражувањето на „Младите можат“ покажува уште еден податок во кој се забележува дека 37 отсто од анкетираните женски лица при сомнеж за нарушување на менталното здравје би побарале професионална помош без знаење на нивните родители, наспроти 28 отсто од машките кои би го сториле истото.

„Сѐ почесто сведочам за млади кои сакаат да ги „заштитат“ своите родители од своите болки, затоа што возрасните во нашето општество исто многу страдаат, и не им е потребно уште ова. Срамот дефинитивно е голем, но тој срам е растен со години за слични вакви прашања“, вели Живановиќ.

Од изложбата „Метаморфозис – Од хаос до уметност“ инспирирана од социјалниот притисок со кој се соочуваат младите денес, од студентите на Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот во Тетово / Фото: Мета.мк

 

Таа, според своето искуство како долгогодишен психолог, смета дека младите сакаат да зборуваат и да работат на сите теми кои се од нивно значење. Важно е да се теми кои ги имаат во искуството. Зборувањето, како што посочува, вмрежувањето и активирањето околу одредени теми, силно придонесува до нивно осамостојување и зајакнување.

Сепак, според неа за да се разговара со нив на теми како што се сајбер вознемирувањето, насилството и траумата потребно е родителот да има вештини и капацитет да го преработи сѐ она што детето е спремно да го каже без притоа да се демонизира настанот, или пак да го обвини за споделувањето на неговото патење.

„Честопати младите се сомневаат во капацитетите на родителите да успеат да направат било што за да го заштитат своето дете. Помислете само колку пати сме ја слушнале реченицата „за жал ништо не може да се направи“ или „џабе е сè сега, откако се случило нема што да се направи“, забележува таа.

Живановиќ додава дека и момчињата, особено младите кои припаѓаат на одредено етничко или родово малцинство подеднакво подлежат на сајбер вознемирување.

Кај нас иако беше поднесена иницијатива за менување на Кривичниот законик и вметнување на процесот онлајн демнење во него како кривично дело и истите поминаа во Владата, тие сѐ уште не се разгледани и усвоени во Собранието.

Пораките и останатите онлајн содржини со навреди што честопати имаат удел во нарушувањето на менталното здравје се вид на дигитален отпечаток, но сепак тие сѐ уште законски не може да се сметаат како доказен материјал за извршено сајбер насилство.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Зарина Првасевда

Зарина Првасевда ја пее „Билбил пее во планина“ на врвот Пелистер (ВИДЕО)

Уживајте во неверојатната изведба на Зарина Првасевда, која ја  пее „Билбил пее во планина“ на …