Сакајте ја Битола повеќе од партијата

Сакајте ја Битола повеќе од партијата

Пишува: Габриела Илиевска

Една година “живот во Битола за сите“. Не мислев дека и по една година од промената на локалната власт, пак ќе ја имам потребата да напишам статус дека ни треба “востание”, дека и денес ќе ми иди да напишам “смрт на фашизмот, слобода на народот“. Не мислев дека и денес, една година потоа, за мене повторно најсилна реченица ќе е “слободата на умот нема цена“.

Ги читам објавите од пред една година, кога отприлика во ова време привршуваше кампањата за изборите и гледам колку многу народот ви верувал. Сфаќам дека можеби никој и не слушал што ветувате, туку само слепо верувал и посакувал злото по секоја цена да си замини. Огромната бројка освоени гласови кажува дека народот безусловно ве поддржал.

Ви ги гледам лицата и се прашувам, дали тогаш бевте посреќни или сега? Оти и тогаш и сега исто лажите. Единствената разлика после една година, е што сега сѐ почесто ги слушам луѓето од власта како велат дека со ваков народ не можело да се оди напред. Дека проблемот бил во народот. Дека требало да се смени менталниот склоп. Господа од власта, другари… дали се слушате? Вратете го “филмот“ една година наназад, кога истиот тој народ кого сега го нарекувате недоветен, ве поддржа. И наместо денеска да ги навредувате битолчани и гласовите од референдумот да ги впишувате на вашето конто, вие досега требаше да го слушните нивниот глас.

Ви кажал ли некој колку вреди гордоста на еден битолчанец? Веројатно не, оти инаку немаше да си поигрувате со неговата гордост, со гордоста на градот која вреди многу повеќе од вашите евтини приказни за идеали. Го погазивте идеалот за чист воздух, за сузбивање на криминалот, го погазивте идеалот за развој на градот, за транспарентност… нѐ погазивте сите кои си го сакаме градот!

Врв на сѐ е понижувањето кое ни го направивте со величењето на скопскиот oтпад, добиен во форма на поклон. Утре можи и ѓубрето од Дрисла ќе го донесите Битола и уште и ќе им се заблагодарите за тоа? И не велете дека ништо не можите да направите за градот, оти на високи државни и партиски функции имате наши сограѓани. Зарем не е жално и срамно истите тие со прст да не мрднат за Битола?

Еве на пример, да издејствуваат на поклон од Владата 5 нови еко автобуси за Битола!? За онаа Битола која ја обезбедува 75% од струјата за Македонија. А не е тешко тоа да се обезбеди, само треба да се сака Битола повеќе од партијата. И не ми важно дали ова ќе го сфатите како популизам. Времето ќе покажи кој се борел за идеали, а кој за пари. Како што тоа уште отсега се  покажува.

И така измина годината во која се трудев добронамерно да ве советувам, да изнесувам сопствени ставови и мислења. Година во која ниту имаше избори, ниту пак некој ви сметаше да работите и истовремено да го слушните гласот на граѓаните на Битола. Сѐ што во изминатата година ви предложив, на најдрзок и највулгарен начин го одбивте. Да ве потсетам, беше тоа година во која ве замолив заедно да побараме ревизија на работата на Двојче, заедно да им помогнеме на бездомните животни, заедно да формираме еколошки фонд за почиста Битола, заедно да најдиме начин битолчани да добијат субвенционирана струја, заедно да им овозможиме економски бенефит.

Од сето, вие, почитувани господа и другари, прифативте едно големо НИШТО! Во истата таа година, освен што со сите се испокара и што не испушта во секоја прилика да се слика, градоначалничката не направи ништо од она што им го вети на своите сограѓани. “Кредитот“ кај битолчани, вклучително и кај мене, го потроши до “грош“. Јас не можам да ви простам што наместо ветениот “живот во Битола за сите“, донесовте очај и разочарување. Нема да ви простам што на битолчани им ја одзедовте надежта и слободната мисла, што му ја згазивте гордоста.

Вие на Двојче му простивте, јас вам нема!

Прочитајте повеќе

Филипче на Сител

Филипче: Додека оперирам специјализантите најмногу учат со мене (ВИДЕО)

Многупати досега д-р Венко Филипче зборувал за поддршката што им ја давал на своите помлади …