Сакав да пишувам за „Вардар“...

Сакав да пишувам за „Вардар“…

Пишува: Зоран Милошески

Ќе пишував колумна за „Вардар“. За големиот „Вардар“ од малата Македонија. За европскиот ракометен шампион „Вардар“.

Ќе пишував колумна за тоа како успехот на еден мал спортски колектив, усреќи толку многу народ. За тоа колку малку на тој народ му треба да биде среќен. За “легијата на странци“ во нашиот ракометен шампион, која направи да бидеме горди Македонци.

Сакав да пишувам за тоа дека, иако не сум навивач на „Вардар“, бев воодушевен од спортскиот подвиг против моќната „Барцелона“ и бескрајно среќен заради победата против фаворизираниот „Веспрем“.

Сакав да пишувам колку е убаво што шампионската титула нѐ обедини како народ, како држава. Што, барем за кратко, ќе се дистанцираме од поделбите по неброени основи и што, макар за миг, шампионскиот пехар ќе делува обединувачки повеќе и посилно од било која партиска идеологија. Арно ама…

Во оваа наша небиднина не можете на раат ни болката да ја одболувате, ни тагата да ја исплачете, ниту пак на среќата да ѝ се нарадувате. Не помина ни черек откако секој нормален љубител на спортот во нашата држава го “нападна“ еуфорија од големиот успех, а фашистичките орди веќе добија налог да ја одработат задачата.

И додека низ Скопје ечеше „Никогаш Северна, само Македонија“ и „Чиста Македонија“, во Келн, боите на „Вардар“, ракометниот клуб од Република Северна Македонија ги бранеа Србинот Милосављев, Хрватот Чупиќ, Бразилецот Мораеш, Летонецот Кристопанс, Русинот Дибиров, Германецот Дисингер, Словенецот Скубе, Шпанецот Парондо…

Не треба ни да потсетуваме дека она стандардното „Смрт за Шиптари“ и овој пат беше дел од вообичаениот декор на навивачката група „Комити“. Но и на една друга (политичка) групација од интерес, која зад нив “храбро“ се затскрива.

И покрај тоа, навистина сакав да пишувам за „Вардар“. Со надеж дека промоцијата која спортските амбасадори ѝ ја направија на државата, е поголема од штетата на инструираните ксенофоби. Сепак, она што “прекрши“, беше односот на дел од спортските херои од Келн, од нивното качување во отворениот “даблдекер“, до симнувањето од бината на плоштадот „Македонија“.

Како и секој друг граѓанин на оваа држава, така и Стојанче Стоилов може да има ваква или онаква политичка опција. Уште повеќе, може и јавно да ги кажува своите симпатии кон одредена партија, па и да ги застапува и брани нејзините интереси. Се разбира, со сиот ризик да го навлече на себе гневот на приврзаниците на спротивниот политички табор, но и на политички неопределените граѓани. Меѓутоа, ниту тој, ниту било која друга јавна личност од сферата на спортот, културата, уметноста… не смее да ги злоупотреби официјалните настапи за пропагирање лични политички ставови. Она што тој го направи на прес конференцијата во Келн, кога го “исправи“ официјалниот претставник на ЕХФ велејќи дека името на неговата држава било Република Македонија, освен што е свесно кажана лага и инволвирање на политиката во спортот, претставува нарушување на меѓународниот углед на нашата држава.

Со оглед на тоа што ова не е прво директно инволвирање на Стоилов во политиката по прашањето на името на нашата држава, се поставува прашањето за неговата принципиелност по однос на искажаните ставови. Доколку тие се консеквентни, што е сосема легитимно, тогаш во најмала рака за очекување е да одбие да прими одреден процент од оние 100.000 евра кои на РК „Вардар“ му ги додели Град Скопје, од другите 100.000 евра кои на контото на ракометниот клуб ќе ги префрли Агенцијата за млади и спорт, а пред сѐ да го “бојкотира“ делот кој заслужено му припаѓа од оние 500.000 евра кои ги вети Владата на Република Северна Македонија. Оти, нели, „Никогаш Северна – само Македонија“. Или искажаниот став, сепак, е за селективна примена?

Уште неколкумина ракометари и членови на стручниот штаб на „Вардар“, синоќа ги замешаа прстите во нашата “домашна манџа“. Пред сите, Хрватот Игор Карачиќ кој не го симна од себе знамето со сонцето од Кутлеш. Доколку хрватскиот ракометар сакаше да ја прикаже својата приврзаност и љубов кон земјата во која 7 години го заработуваше лебот, тогаш тоа можеше да го направи носејќи на себе некој од нејзините официјални државни симболи. Како би се чувствувал тој кога некој странски спортист во неговата татковина, наместо “шаховницата“ би се завиткал со, на пример, знамето на ХДЗ?

Прославата на двете величествени победи на РК „Вардар“ на фајнал форот во Келн, го потврди она што и досега го знаевме: дека граѓаните се “гладни“ за успеси и за победи на сите полиња, но и дека на ова парче земја најуспешно виреат злобата, тагата, несреќата, зависта, омразата, простотилакот…

За крај: Капата долу за врвните спортски квалитети на Стоилов и на останатите ракометни величини од РК „Вардар“, кои втор пат во последните 3 години го освоија ракометниот Олимп. За останатото…

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …