Во две основни училишта во Кочани и Прилеп постои сомнеж дека се прави сегрегација на ромските ученици, вели министерот без ресор Шабан Салиу. Ова доаѓа откако Судот во Стразбур утврди дека две основни училишта, едно во Битола и едно во Штип, го повредиле правото на децата на недискриминација.
Министре, поминаа четири месеци откако седнавте на функционерското столче, колку функционери Роми седнаа во вториот и третиот ешалон на политички функции ?
Сега е уште во постапка доделување на одредени позиции на коалиционите партнери кои учествувале во претходните избори на 8 мај 2024 година. Она што е познато, значи, јас сум во првиот ешалон како министер задолжен за интеграција на Ромите и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2023-2030 година.
Во вториот ешалон има два заменика, во третиот ешалон, имаме неколку директори, имаме советници во кабинетот на премиерот. Секако поради состојбата во буџетот која е затекната, многу повеќе претпоставувам за ромската заедница, за политичките партии кои партиципираат во власта, ќе има повеќе можности за повеќе функционерски места.
Колку советници имате во кабинетот на Премиерот и кои советници доаѓаат од вашата партија?
Во кабинетот на премиерот имаме двајца советници, тоа е Љубица Томиќ и Ајдоган Демири.
Вашиот внук Кашмир Салиу е назначен за заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, каде што вие десетина години директорувавте. Тој беше посочен како непожелна личност од ВМРО- ДПМНЕ, затоа што заминал во коалиција со СДСМ и ДУИ во 2017 година. Како го коментирате тоа?
Можни се одредени несогласувања меѓу ограноците. Јас, она што бев запознат, дека мислам дека беше 2013. или 2014. година, имаше некое недоразбирање во поглед на поделбата на власта во локалната општина Гостивар. Значи, очекувале некои позиции кои се договориле, не успеале да ги реализираат и и се направило нивно незадоволство. Јас сигурен сум и лично зборувам, може да имало некој такво гласање, меѓутоа никогаш не дејствувале заедно со СДСМ.
Ние одговорно, мислам ја тврдам секогаш сме со ВМРО-ДПМНЕ, а некои излети се случуваат и во другите политички партии во тој дел. Меѓутоа, како политичка партија и јас како претседател на таа политичка партија, редовно сум на сите настани на ВМРО-ДПМНЕ.
Дали тоа што вие сте министер, а вашиот внук е заменик директор во дирекцијата, може да се гледа како непотизам?
Апсолутно, не, од прости причини што ние не живееме во иста заедница. Значи не би било во ред и би било срамот и на државата, и тоа би било остра дискриминација, доколку моите, ние сме голема фамилија, имам четири сестри и еден брат, имам повеќе од 23-24 внуци, од кои 12 имаат завршено факултети, магистри се, па и на докторски студии и така натаму, и би било некоректно и нечесно и апсолутно дискриминирачки моите внуци поради мене никаде да не работат, да седат дома.
Таков е случајот со мојот син кој има завршено два факултета и е магистар и има завршено уште една академија за посебно цртање, мислам графика се вика, и е без работа. Нема ниту еден ден работен стаж. Зошто? Затоа што јас што сум бил пратеник и затоа што сум бил директор или затоа што сега сум министер. Нели не е фер?
Но, постои приватниот сектор, не мора да е секогаш тоа да е јавниот сектор?
Но, слободно е и во јавниот сектор. Во Уставот пишува дека секое работно место на секој му е достапно под еднакви услови. Значи не пишува таму дека син ми не сме да работи во јавниот сектор.
За да се исполни вашето барање за воведување на ромски јазик, како е задолжителен јазик во училиште, када мнозинство деца се Роми, потребни се наставници и професори кои ќе можат да предаваат на ромски јазик, а тоа е кадар кој што во моментов недостасува. Како планирате да се изведе настава за кој што реално недостаува кадар во земјава?
Сега се подобри можности. Кога зборуваме за образованието кај Ромите, доста Роми имаат завршено за професори со висока стручна спрема. Има Роми, има кадар и може да се организира таа настава. И на прес конференцијата кажав дека треба да се формира Катедра по ромски јазик тие ќе ги создадат и основните учители кои ќе можат да предаваат во овие градови каде и што има мнозинство на ромски дечиња кои би можеле да ја посетуваат таа настава. И би се формирале и некои групи, така, како кружоци, да може да се направи ромскиот јазик достапен за секој Ром во нашата држава.
Што значи ова ваше барање би можело реално да се исполни за десетина години од сега?
Треба решение, да, треба системско, трајно решение и, би кажал, добра клима и одговорност на сите нас од ромската заедница, потоа и од владата и на сите други институции, заедно да направиме, да дадеме една добра можност, да направиме механизми кои ромскиот јазик ќе го направат достапен на сите Роми и како што кажав, во сите домовите и во училиштата каде имаме мнозинство на Роми.
Покрај пресудата од Стразбур, сегрегацијата во македонските училишта е значителен проблем кој што го констатира и Европската комисија. Децата учат во посебни паралелки, не се мешуваат со деца од другите националности во земјава. Како ова во пракса планирате да се разреши како проблем?
Запознат сум со овие случаи, значи самата сегрегација е еден вид на дискриминација. Одговорност не е само на училиштата, туку и на повисоко ниво. Сами ја прават, да кажаме, самите директори на основните училишта, градоначалниците и други имаат одговорност во создавање на оваа сегрегација.
Тоа не е добро во 21-иот век да имаме такви појави и во Македонија каде што самите Роми на некој начин правиме многу обиди да се интегрираме и во време кога е национализм во светот зазема едни по големи мери, јас сметам дека ова треба многу посериозно да се разледа и во Владата, и во Собранието, и во другите институции. Знаеме дека постои закон за против дискриминација, нели од вакви појави.
Велите да се разгледа во Владата, но вие сте дел од Владата, вие сте министер?
Точно, и комисијата. Јас сум скоро назначен за министер, а Комисијата функционира неколку години.
Дали имате информации за во други општини да постои таква појава на сегрегација?
Јас бев денес во утрото во комуникација со еден од вработените во Комисијата против дискриминација и се слушнавме.
Има нови случаеви, може да се тие веќе подолго време, али денеска сум информиран и дури мислам дека членови од таа комисија отидоа во Кочани, во едно училиште, во Кочани, мислам дека е. Постојат три паралелки од кои две се мешани и една само со Роми. И исто така во Прилеп постои исто таква сегрегација, која не е во ред. Мислам треба сите да се загрижиме, посебно институциите, да ги надминиме овие состојби.
Ќе барате ли одговорност од директорите на училиштата, од градоначалниците?
Колку што сум запознаен, дека имало постапки во граѓанските судови, за да се бранат одредени права во Стразбург, треба да се поминат сите етапи, сите судски инстанци во нашата држава, нели, по жалба и Уставниот суд е запознат, Хелшинскиот комитет, дури имало постапка и пред Уставниот суд, нели, и каде постојат одредени заклучоци и во судовите, посебно граѓанскиот суд.
За Битола е завршен предметот, пресудата во Стразбург е и за битолското училиште. Ќе побарате ли одговорност од директорот во битолското училиште ?
Не сум оној што треба директно да бара. Јас го осудувам тој настан, одговорност треба да побараат и да спроведат институциите. Значи ги осудувам сите овие настани и ќе бидам во тек со Комисијата против дискриминација. Јас веќе имав два состанока во мојот кабинет и секако нема да застанеме тука. Мора сите да се ангажираме, сите добри луѓе, совесни луѓе, под итно овие ненормални ситуации да се елиминираат.
Извор: РСЕ