Самит ЕУ-Западен Балкан: Сите заедно сега?

Самит ЕУ-Западен Балкан: Сите заедно сега?

Кога лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ќе се сретнат денеска во Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан, напредокот во процесот на проширување на ЕУ ќе биде високо на агендата.

По војните кои го опустошија Балканот во 1990-тите години, Европската Унија вети во 2003 година дека ќе ги интегрира седумте земји од Западен Балкан во блокот: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија.

Хрватска се приклучи на ЕУ десет години подоцна.

Освен Косово, кое аплицираше за членство во 2022 година, преостанатите пет земји се признати од ЕУ како официјални кандидати.

Каква е моменталната ситуација?

Повеќе од една деценија откако Хрватска се приклучи на ЕУ, проширувањето во Брисел изгледа поблиску до реалноста отколку што беше со години.

Додека Брисел сигнализира обновена посветеност на проширувањето, прашањето повеќе не е дали, туку кои земји од Западен Балкан се подготвени да продолжат напред, а кои ќе бидат оставени назад.

Црна Гора – најмалата од петте земји кандидатки во регионот – се смета за предводник во процесот на пристапување, а Албанија е веднаш зад неа.

Според комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, Црна Гора технички би можела да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на 2026 година, а Албанија една година подоцна.

„Потоа ни требаат од една до една и пол година за процесот на ратификација. Значи, реално сум оптимистична дека дури и за време на мојот мандат, кој завршува на крајот на 2029 година, Европската Унија може да има најмалку две нови членки“, изјави Кос за ДВ.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос за време на интервју. Зад неа се гледаат маса со чаши на неа, две фотељи и знамето на ЕУ.
Марта Кос е оптимистка дека ЕУ би можела да има најмалку две нови членки до крајот на 2029 година

Во Србија, најголемиот и економски најсилен кандидат во регионот, замавот на реформи очигледно ослабе. Како одговор претседателот на Србија, Александар Вучиќ, минатата недела, пред неговото патување во Брисел на состанок за напредокот на Србија кон ЕУ, предложи сите земји од Западен Балкан заедно да се приклучат кон ЕУ.

Но, дали е тоа изводливо и дали воопшто би било прифатливо за соседите на Србија и за ЕУ?

Црна Гора предводи

Процесот на проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан беше бавен од неколку причини.

Од една страна, постојат нерешени билатерални прашања, недостатоци во владеењето на правото и високо ниво на корупција во регионот. Од друга страна, меѓу членките на ЕУ постои одредена доза на неподготвеност и „замор од проширување“.

По години стагнација, Црна Гора спроведе клучни реформи пред две години и постигна широк политички консензус за членство во ЕУ. И Подгорица и Брисел сега сакаат што поскоро да го завршат процесот на пристапување.

Црна Гора неодамна достигна нова пресвртница со затворање на пет поглавја од преговорите за пристапување, што е предуслов за влез во ЕУ, но преостанатите барања вклучуваат обезбедување правосудни пресуди во случаи на висока корупција и организиран криминал, именување на клучни судски функционери и пополнување на празните раководни позиции во важни институции.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на фотографија во крупен план
Некои го гледаат предлогот на српскиот претседател Александар Вучиќ сите земји од Западен Балкан истовремено да се приклучат кон ЕУ како обид за забавување на целиот процес на интеграција

Локалните критичари тврдат дека реформите се забрзани и можеби немаат доволно содржина.

„Никој сериозно не тврди дека системот може фундаментално да се промени за неколку години“, рече министерката за европски интеграции Гордана Деспотовиќ Ѓекиќ. „Критиката е легитимна ако ги забрзува реформите, но важно е да се нагласи дека денес напредокот се мери со јасни европски индикатори, а не со политички впечатоци, и дека напредокот на Црна Гора е објективно потврден од институциите на ЕУ“, изјави таа за ДВ.

Напредок на Албанија

Во меѓувреме, Албанија, исто така, го забрза темпото на реформите.

Додека Европската комисија укажува на напредок во судските реформи, таа предупредува и дека се потребни дополнителни напори во борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото.

Но, како што истакнува политичкиот аналитичар Флоријан Бибер, исходот е далеку од сигурен и потребни се континуирани реформи.

„Албанија спроведува многу формални реформи, но во контекст во кој имате многу силен лидер, Еди Рама, [земјата] сигурно има сериозни демократски недостатоци. Значи, постојат одредени резерви и не е јасно дали Албанија ќе успее да го затвори тој јаз и навистина да биде подготвена во исто време како и Црна Гора“, вели Бибер за ДВ.

Зошто ЕУ сака проширување?

За Европската Унија, проширувањето е и стратешко и прашање на кредибилитет.

Интеграцијата на Црна Гора би била начин со низок ризик, а со висок ефект да се покаже дека ЕУ може да ги исполни своите ветувања, зајакнувајќи ја довербата во нејзиното лидерство во неизвесни геополитички времиња, се наведува во анализата на Европскиот политички центар.

Проширувањето е поврзано и со безбедноста и геостратешките интереси на Европа.

„Ја плаќаме цената за тоа што не ги интегриравме овие земји кога првпат сакаа да се приклучат, оставајќи регион на нестабилност“, изјави за ДВ комесарката Кос.

Но, проширувањето на ЕУ се смета и за геостратешка инвестиција во безбедноста и просперитетот на Европа, вели Тинатин Ахвледијани, истражувачка во Одделот за надворешна политика на ЕУ при Центарот за студии за европска политика.

Тинатин Ахвледијани, истражувачка во Одделот за надворешна политика на ЕУ при Центарот за студии за европска политика говори на панел дискусија, гестикулирајќи со раката
Тинатин Ахвледијани вели дека ако ЕУ не се прошири за да ги вклучи земјите од Западен Балкан, други сили би можеле да се вмешаат и да го искористат регионот

„Ако Унијата не се прошири кон овие земји, други сили би можеле да влезат и да го искористат регионот, користејќи го како лост против Европската Унија, вклучувајќи ги Русија и Кина“, вели Ахвледијани за ДВ.

Што е со предлогот на Вучиќ?

Значи, ако темпото на напредок кон пристапување кон ЕУ е толку различно во регионот, каде се наоѓа Александар Вучиќ и неговиот предлог сите земји од Западен Балкан заедно да се приклучат кон блокот?

Многу аналитичари го толкуваат предлогот на Вучиќ како обид да се забави целиот процес на интеграција.

Во рамки на Европската комисија, се чини дека нема голем интерес за идејата.

„Пристапувањето е процес базиран на заслуги. Секој кандидат треба да се приклучи кога е подготвен и ги исполнува условите и критериумите утврдени во договорите на ЕУ, вклучително и Копенхашките критериуми. Нема однапред одредени рокови. Процесот се води со спроведување реформи и покажување одржливи резултати“, изјави портпаролот на Европската комисија за ДВ.

Дали сите земји од Западен Балкан треба да се приклучат на ЕУ во исто време, како што предложи српскиот претседател Александар Вучиќ? Кои се предностите и недостатоците? И како се чувствуваат земјите за тоа?

Секоја земја го трасира својот пат

И Тинатин Ахвледиjани и Флоријан Бибер нагласуваат дека процесот на проширување отсекогаш го следел „принципот на регата“, што значи дека земјите кандидати го трасираат сопствениот пат, а интеграцијата зависи од нивните заслуги, реформите и исполнувањето на техничките критериуми.

Бибер, сепак, забележува дека идејата за истовремено пристапување има одредени предности.

„Тоа би спречило создавање на надворешни граници на ЕУ меѓу земјите од Западен Балкан и би спречило билатерални проблеми да се пренесат во Европската унија“, вели тој.

Портрет фотографока на министерката за европски интеграции на Црна Гора, Гордана Деспотовиќ Ѓекиќ. Десно во позадина се гледаат знамињата на ЕУ и на Црна Гора.
„Црна Гора не сака никого да чека, ниту очекува некој да нè чека нас“, вели министерката за европски интеграции на земјата, Гордана Деспотовиќ Ѓекиќ

„Сепак,“ продолжува, „има сериозни недостатоци, бидејќи темпото на најбавниот кандидат, би ја диктирало брзината за сите. Така, ако Црна Гора е подготвена да се приклучи на Европската унија во наредните години, тоа би можело да биде одложено поради земји како Босна и Херцеговина или Косово, на кои можеби ќе им требаат уште десет години.“

Црна Гора не сака да чека

Канцеларијата на албанскиот премиер немаше коментар за предлогот на Вучиќ во моментот на објавување.

Црна Гора, пак, реагираше веднаш, јасно ставајќи до знаење дека сака да продолжи напред.

„Црна Гора не сака да чека никого, ниту очекува некој да не чека нас,“ рече министерката Деспотовиќ Ѓекиќ. „Ние сме лидери во процесот и сакаме да се приклучиме на Европската унија кога нашите резултати ќе покажат дека сме подготвени и заслужуваме членство.“

Доцна во вторникот беше објавено дека Србија нема да учествува на самитот во Брисел во среда.

Вучиќ сам ја објави одлуката, велејќи дека постапува за да ги заштити интересите на Србија и додаде оти тој ја донел одлуката „за никој друг да не биде обвинет и владата да не биде изложена на притисок.“

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Минималната плата е под прагот на сиромаштија: Сојузот на сидикати најавува протести, штрајкови и блокади

Минималната плата е под прагот на сиромаштија: Сојузот на сидикати најавува протести, штрајкови и блокади

Минималната плата во Македонија и понатаму е под прагот на сиромаштија, покажуваат податоците на Државниот …