Владите на ЕУ се согласни да и дадат кандидатски статус на Украина. Но има разлики околу статусот на земјите од Западен Балкан кои се на клупата за чекање, како и околу формата на процесот на пристапување.
Европарламентот се обиде на крај да им даде им помогне на шефовите на влади со уште неколку аргументи. Објави анкета според која 58% од граѓаните на ЕУ се изјасниле за забрзан процес на зачленување за нови земји членки. Иако претстојниот самит ќе се фокусира на доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија, некои земји членки посочуваат дека тој процес може да трае „15 до 20“ години, како што неодамна појасни францускиот министер за Европа, Клеман Бон. Всушност вака погледнато претстојниот договор во Брисел би бил сосем симболичен чин.
Западен Балкан – „слонот во стаклената соба“
Неодамна се случи нова драма околу самитот ЕУ – Западен Балкан. Во фокусот на оваа средба треба да се перспективите за земјите, од кои некои со години седат на клупата за чекање. Албанија и Северна Македонија се земји кандидати, но почетокот на преговорите е блокиран. Србија и Црна Гора ги имаат започнато преговорите, но тие се практично во мирување. Босна и Херцеговина и Косово не се ни близу до кандидатски статус.
Во знак на протест поради тој практично замрзнат процес, претседателот на Србија, Александар Вучиќ пред некој ден најави дека тој и неговите колеги од Албанија и Северна Македонија сакаат да го блокираат самитот. На крајот сепак е постигнат договор дека е подобро да учествуваат. Критичарите се против ваквата стратегија, оценувајќи дека малку добро може да се очекува ако кандидатите уште сега применуваат вакви блокади. Албанскиот премиер Еди Рама во порака на Твитер го потврди учеството на средбата:
„За нас нема да се чуе нешто многу, но сакаме да не слушнат кога станува збор за новата европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира европскиот дух и за тоа дека сме заложници на Бугарија која го уништува тој дух.“
Со ова мисли на проблемот околу пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија која пак има кандидатски статус веќе 17 години и речиси е „замрзната“ во таа состојба. Земјата го промени името за да се реши претходната блокада од Грција, за потоа претходната бугарска влада да ги осуети плановите за членство поради навидум апсурдните проблеми во врска со историјата и националниот идентитет.
Новата влада во Софија, претежно проевропска и прогресивна сакаше да го одврзе јазолот, но тоа доведе до распад на коалицијата на премиерот Кирил Петков кому му беше изгласана недоверба во парламентот во Софија. Поради ваквата заплетканост, дел од постарите земји членки на ЕУ до сега секогаш го успоруваа процесот на приклучување – иако скептиците во Холандија и Данска на пример, сега експлицитно го поддржуваат кандидатскиот статус на Украина и Молдавија.
На ЕУ и неопходно решение за Западен Балкан
Сепак мора да има решение, вели пратеничката од Либералите во Европскиот Парламент, Софи Инт Велд. „Ја разбирам и ја делам фрустрацијата (н.з на балканските земји),“ изјави таа. Иако го поздравува сигналот кој и се испраќа на Украина, таа смета дека занемарувањето на Западниот Балкан го зголемува ризикот за ЕУ.
„Во опасност сме да ги изгубиме овие луѓе. Веќе сега гледаме како Русија и Кина таму си прават упоришта и влијаат на луѓето и расположението.“ Брисел со посебна загриженост го следи се посилниот проруски курс во Србија.
Либералите, како и Зелените во Европскиот парламент затоа бараат со земјите од Западен Балкан да се договори реален план во предвидлива временска рамка. „Не можете од земјите, без разлика дали станува збор за Украина или Западниот Балкан да барате да се реформираат а потоа да гласате за евентуален пристап дури генерација подоцна. Наместо тоа мора да постои план за интегрирање бидејќи проблемите како што се владеење на правото или борба против корупцијата може подобро да се решат внатре во ЕУ, отколку надвор од Унијата“, смета Софи Инт Велд.
Со ваквиот став таа е блиску до барањата на Австрија која стана главниот застапник за земјите од Западен Балкан. Министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг на земјите членки во ЕУ им испрати нон-пејпер со барање процесот на приклучување да биде изменет. Тој смета дека би требало да постои „постепена интеграција, без промена на самиот процес“. Тоа значи дека земјите веќе треба да се третираат како членки на ЕУ во оние области во кои ги исполнуваат критериумите – на пример, во енергетскиот сектор, но и во транспорт или наука, предлага Шаленберг. За земјите кандидати тоа би било некој вид „продирање“ во ЕУ. Но, сите земји членки на ЕУ и понатаму би требало едногласно да одлучуваат за напредокот на било кој од кандидатите, што би можело брзо да ја поткопа ваквата „вежба“.
Шефовите на влади на ЕУ се согласни дека не би требало да има забрзан процес на пристапување на Украина и Молдавија. Како што наведе во својата препорака минатата недела Европската Комисија, процесот се заснова на понатамошни сериозни реформи, кои вклучуваат и мерки за борба против корупција, јакнење на владеењето на правото и судството, за да може украинските институции да се издигнат на ниво на ЕУ.
Дебати за поинакво поврзување со ЕУ
Идејата за алтернативно решение која ја предложи францускиот претседател Емануел Макрон во мај, се уште е предмет на дискусија во ЕУ. Тој ја заживеа старата идеа на источните соседи да им се понуди нешто што е помалку од целосно членство, а сепак доволно атрактивно, цврсто да ги закотви на периферијата на ЕУ.
Но, таква политичка унија не може да го замени членството, смета Тинатин Алвеџијан од Центарот за европски и политички студии. Според неа тоа не би било привлечно за земјите кои веќе тесно соработуваат со ЕУ во рамки на Договорот за асоцијација.
„Ако нема силна политичка волја, тогаш нема ни цел,“ вели оваа експертка за ЕУ. На крајот на краиштата, таквата понуда е само израз на „стратешка двосмисленост“ и ЕУ всушност треба да се ослободи од тоа.
„На Европската унија и е потребна поголема јаснотија околу тоа што сака да постигне во соседството, до каде сака да се проширува и кои земји може да бидат нови членки и кандидати. Значи потребна ни е поголема јаснотија, а не поголем конфузија,“ вели таа.
Па сепак ЕУ на овој самит ќе им понуди политичко зближување најпрвин на Украина и Молдавија, а важните одлуки за тоа како и кога повторно ќе ги одложи за некои идни денови.