На денешниот (16.05) самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Тирана се поканети 47 шефови на држави или влади. Форумот настана во 2022 година, како реакција на руската инвазија на Украина. Тој треба да покаже дека Русија и нејзиниот сојузник Белорусија се изолирани, иако некои членки на ЕПЗ, како Унгарија, Словачка или Грузија сѐ повеќе отстапуваат од тоа.
Британскиот премиер Кир Стармер во предвечерјето на денешниот самит на ЕПЗ побара консеквенции за рускиот претседател Владимир Путин поради „одбивање на мирот“. „Ако Русија не сака да дојде на маса за преговори, Путин мора да ја плати цената за тоа“, изјави Стармер во Тирана. „Путиновата тактика на колебање и одложување“ е неподнослива, вели британскиот премиер со поглед кон Истанбул, каде денеска на маса за разговори треба да седнат руска и украинска делегација. Но, на тие разговори нема да присуствуваат ниту рускиот претседател Путин ниту украинскиот претседател Зеленски. Поради тоа, американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио не очекува пробив на средбата во Турција.
На самитот на ЕПЗ во Тирана учествува и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој вчеравечер на Фејсбук објави дека денешниот ден ќе биде „убав и голем ден за Македонија, за нејзиниот развој и безбедност“:
Идејата за основање Европска политичка заедница од 27 земји членки на ЕУ и 20 партнерски држави е на францускиот претседател Емануел Макрон, кој во 2022 година зборуваше за „нов простор за политичка соработка, безбедност и кооперација“. За разлика од Советот на Европа, кој има 46 „цврсти“ членки, ЕПЗ се подразбира себеси како неформална платформа за геостратешки прашања, дигитализација, енергија и клима. Голема улога на самитите на ЕПЗ играат разговорите во мал круг. За наесен е планиран самит на ЕПЗ во Данска.
Извор: DW