Самит во Берлин: Македонија се бори за јуни, Меркел и Макрон туркаат кон септември

Самит во Берлин: Македонија се бори за јуни, Меркел и Макрон туркаат кон септември

Прва цел на Западнобалканскиот самит во Берлин е да ги постави на нови основи преговорите меѓу Белград и Приштина. Македонија се надева на потврда на ланското ветување за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ.

Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев патува на самитот во Берлин со надеж дека ќе добие потврда на ланското ветување за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни годинава. Дали ветувањето ќе биде реализирано е големо прашање. Овојпат не е проблем земјата, туку соседите и регионот во целост. Клучна точка на разговорите во Берлин, на кои неформални домаќини се германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, не е проширувањето, туку обидот да се постават на нов колосек преговорите меѓу Белград и Приштина за статусот на Косово.

Проблем за надежите на Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори на јунскиот самит на ЕУ е и Албанија, каде состојбата последниве месеци ескалира во длабока политичка криза со неизвесен крај, барем до јунските парламентарни избори. Водечките членки на ЕУ се на став дека е подобро Северна Македонија и Албанија да одат во „пакет“, па сметаат дека одлуката за одредување датум за почеток на преговорите треба да се одложи до септември годинава.

Одвојување или одложување?

Властите во Скопје, благо речено, не се одушевени од таквата идеја. Владини извори велат дека немаат ништо против земјата да биде во пакет со Албанија на патот кон ЕУ, но сметаат дека не е фер на некој начин сега да бидат „казнувани“ поради тоа што Тирана заостанува.

Северна Македонија во најголем дел ги реализираше реформите кои се бараат од нас во четирите клучни сектори, вели за ДВ владин функционер кој инсистираше на анонимност. „Во делот на антикорупциските мерки, реформата на безбедносните служби, владеењето на правото и правосудството, државната администрација она што се бараше од нас е исполнето. Останува уште Законот за СЈО,” велат за ДВ владини извори. Дополнително, наведува истиот извор, „за разлика од другите земји во регионот, кај нас реформите се прават во соработка со опозицијата”.

Официјален Париз веќе се изјасни дека Макрон во Берлин нема намера да разговара за проширување на ЕУ, ниту пак за одредувањето датум за преговори за Албанија и Северна Македонија. Германската влада во петокот, преку својот портпарол, само штуро соопшти дека на средбите „ќе се разменуваат мислења”.

Форматот, но и агендата на состаноците, го испровоцираа еврокомесарот за проширувањето Јоханес Хан, кој не е поканет на самитот, во петокот да потсети дека „одложувањето на почетокот на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ” би можело да донесе „драматични последици” за целиот регион.

Косово во фокусот

Според планот, канцеларката Меркел прво ќе одржи одвоени средби со македонскиот и со албанскиот премиер Зоран Заев и Еди Рама, потоа Заев е планирано да се сретне со Макрон, а работниот состанок на сите поканети започнува вечерта.

Токму од поканите може да се насети и каде ќе биде фокусот на разговорите. Во Берлин доаѓаат делегации од сите западнобалкански држави, плус Словенија и Хрватска, но Србија и Косово се застапени на две нивоа на власта: и премиерско и претседателско. Берлин веќе извесно време отворено се противи на плановите за размена на територии или корекција на границите меѓу Србија и Косово како дел од конечното решение на спорот меѓу двете држави. Западнобалканскиот самит во Берлин ќе биде првиот директен обид од највисоко ниво да се стави крај на таквите разговори и тие да се пренасочат во правец кој ќе води кон меѓусебно признавање без ризици за регионот.

Во прилог на тоа говори и фактот што високопозиционирани претставници на Кабинетот на Меркел, на германското МНР, како и пратеници во Бундестагот веќе со недели ги обиколуваат Србија и Косово опипувајќи го пулсот и подготвувајќи терен за самитот, но и за напуштање на идејата за менување на границите.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …