Домашните медиуми генерално известуваа користејќи западни извори, но бидејќи голем фокус беше ставен и на темите БРИКС-Западен Балкан, имаше не мал број примери каде се користеа и регионални извори, кои пак, во немал број ги користат како извор руските државни медиуми
Во фокусот на известување од надворешно политичките теми поврзани со светската геополитика и безбедноста во изминатите недели доминираа две теми – самитот на БРИКС и присуството на војници од Северна Кореја во Русија. БРИКС сепак ги рушеше рекордите во медиумската сфера. Притоа, домашните медиуми генерално известуваа користејќи западни извори, но бидејќи голем фокус беше ставен и на темите БРИКС-Западен Балкан, имаше не мал број примери каде се користеа и регионални извори, кои пак, во немал број ги користат како извор руските државни медиуми, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме интегрално:
Самитот на земјите членки на БРИКС (Бразил Русија, Индија, Кина и Јужно Африканска Република, и од оваа година новите членки Иран, Египет, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати) во рускиот град Казан, очекувано беше доминантна надворешно-политичка тема на известување на македонските медиуми во изминатите недели. Дотолку повеќе што на самитот присуствуваа и уште петнаесетина други лидери или високи претставници на земји заинтересирани за соработка со БРИКС (вкупно 36 земји), вклучувајќи го и Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш.
Со тоа, домашните медиуми не се разликуваат од светските трендови, иако се разбира има разлики во насловите што се употребуваат, во текстовите, во аголот на известување, итн., елементи кои не ретко беа закитени со многу пофални зборови за успехот на БРИКС (Иако, на пример, и релевантниот британски јавен сервис Би-Би-Си го регистрира напредокот и развојот на оваа меѓувладина организација за соработка која се смета за пандан на Западот генерално).
На пример, во овдешното известување имаше добар дел од онлајн медиумите што го користеа речникот на руската државна агенција ТАСС, која цитира австралиски колумнист дека со учество на 36 земји и плус на Гутереш, БРИКС самитот ги надминал по број на земји самитите на Г7 и Г20 (најразвиените земји во светот). Иако, ТАСС во македонските медиуми нема да го сретнете често како извор, освен посредно. Или преку западните или преку регионалните извори што се употребуваат кај домашниве медиуми, при што доминираат српските или од Србија или од Република Српска.
Да заклучиме, забележливо беше доминантно информирање за оваа тема бидејќи тоа почна уште со денови пред 16. редовен самит на БРИКС, кој се одржуваше минатата недела од 22-24 октомври во Казан, Русија, што го покажува и интересот на јавноста. Но, и покрај генералниот впечаток дека се пласираа професионални вести со нужна дистанца и наведување извори, во известувањето не мал беше бројот и пласирањето пропагандни пораки од Москва и од Казан околу БРИКС, кои по различни канали стигаа до македонскиот медиумски простор.
Вестите за БРИКС доминантни пред, за време, но и по самитот
Медиумите на македонски јазик двата дена додека траеше самитот известуваа континуирано за случувањата на самитот. На пример, еве како изгледаше сликата од еден од домашните агрегатори на вести Тајм.мк на 24.06., денот кога завршуваше официјалниот дел од самитот:
Дури и неколку дена после завршувањето на самитот, на самиот крај од октомври, медиумите на македонски јазик продолжија со следењето на вестите за собирот во Казан. На пример, повеќе медиуми ја пренесоа изјавата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека самитот ја покажал неуспешноста на Западот во неговите напори да ја изолира Русија. Всушност, тоа беше и основната пропагандна порака што сакаше да ја постигне и рускиот претседател Владимир Путин внимателно и упорно подготвувајќи го овој самит што на крајот резултираше со дваесетина лидери на држави и уште петнаесетина претставници на високо ниво:
Резултатите од самитот на БРИКС во Казан ја покажуваат неспособноста на западните земји да ја изолираат Русија на меѓународната сцена, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Земјите од светското мнозинство не го следат примерот на Западот, тие ги зајакнуваат односите со нас во разни формати и области. За тоа сведочат резултатите од самитот на БРИКС во Казан под руско претседателство, изјави Лавров на отворањето на осмиот светски конгрес на Русите што живеат во странство, пишува весникот „Известија“, пренесуваат дел од медиумите иста вест чиј извор е српската агенција Танјуг.
Други пак, ја пренесоа изјавата на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој исто така имаше пофални зборови за резултатите од Самитот, но ги повика и земјите од проширениот БРИКС или т.н. „Брикс плус“ да работат и на превенција на конфликтите:
Кинескиот претседател Си Џинпинг во четвртокот ги повика земјите од „БРИКС плус“ да се стремат кон заедничка безбедност, заеднички развој и хармонија меѓу цивилизациите. Тој ги даде забелешките и се осврна на дијалогот на лидерите „БРИКС плус“.
Истакнувајќи дека колективниот подем на глобалниот југ е особена карактеристика на големата трансформација низ светот, претседателот на Кина, Си Џинпинг, рече дека тоа што земјите од глобалниот југ заедно маршираат кон модернизација е монументално во светската историја и без преседан во човечката цивилизација, пренесува друг медиум, повикувајќи се на онлајн медиумот „Нова Македонија“, која текстот го објавила 4 дена порано.
Известувањето беше за речиси секоја ситница поврзана со БРИКС и самитот, вклучувајќи го и она дека Лавров, откако бил згазнат врз ногата почнал да пцуе некого.
Посебен интерес пак предизвика и известувањето за посетата на Казан на првиот човек на ООН Антонио Гутереш.
Гутереш – БРИКС
Посетата на Гутереш на самитот БРИКС беше повод Генералниот секретар на Обединетите Нации да прими сериозни критики од повеќе страни, за на крај, три дена подоцна официјален Киев да потврди дека бил одбиен за средба од украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавија дел од македонските медиуми.
По Казан, тој сакаше да дојде во Украина, но претседателот не ја потврди неговата посета поради понижувањето на меѓународното право во Казан, рече функционерот, кој сакаше да остане анонимен.
Антонио Гутереш дојде во Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин на маргините на самитот на БРИКС, на кој, меѓу другите, присуствуваа и лидерите на Индија и Кина. Во разговорот со Путин, генералниот секретар на ОН му го повторил „неговиот став дека руската инвазија на Украина“ го прекршува меѓународното право, се вели во соопштението од кабинетот на неговиот портпарол (на Гутереш).
Кремљ се уште не објави никакви информации за содржината на нивните разговори. Пред средбата, Гутереш повторно повика пред учесниците на самитот за „праведен мир“ во Украина. Уште пред разговорите Путин-Гутереш, Киев го критикуваше „погрешниот избор“ на генералниот секретар на ОН да оди во Казан, што само „го наруши угледот на ОН“.
Медиумите ја истакнуваа и големината на Путин и политиката на Србија и на Република Српска
Со денови пред самитот и по него, во медиумите доминираа наслови кои укажуваат на зголеменото влијание на Русија преку оваа организација, при што рускиот претседател Путин се обидува да му покаже на светот дека неговата земја не само што не е изолирана, туку собира сè повеќе светски лидери. Токму такви наслови се сретнаа кај некои од медиумите (тука, тука и тука). Истовремено, дел од медиумите го пуштија и видеото од церемонијата вечерта пред отворањето, пренесувајќи опширен прилог на Ал Џезеира.
Речиси три години откако руската инвазија на Украина беше осудена од земјите ширум светот, рускиот претседател Владимир Путин организира самит со повеќе од десетина светски лидери. Тоа е јасен сигнал од рускиот претседател дека не само што не е изолиран, туку зад него стои моќна коалиција на земји, пишува CNN, пренесува еден од медиумите, се вели во анализата на тие информации од пред самитот што ја објави „Вистиномер“.
Дел од медиумите беа фокусирани и на Србија и на претходниот телефонски разговор меѓу Путин и Александар Вучиќ. Притоа се истакнува изјавата на Вучиќ дека нема да присуствува на самитот од причини за кои верува му се јасни и на Путин, дури и да не бил зафатен со приемот на полскиот претседател на 23 октомври во Белград. Но, притоа медиумите и во насловите истакнуваат дека Србија ќе биде претставена преку четиричлена министерска делегација предводена од вицепремиерот Александар Вулин. Дел од медиумите ја пренесоа и изјавата на Вулин со критика за политиката на ЕУ, наведувајќи дека „најбрзиот пат за зачленување се чинело е да војувате со Русија“.
Друг дел од медиумите пак, се фокусираа и на изјавата на претседателот на Република Српска Милорад Додик, дека „е голема чест за РС да присуствува на настанот“:
Укажана ни е голема чест да можеме да се појавиме на Самитот на БРИКС во Казањ“ во Русија, каде самитот на таа група се одржува следната недела… Сакаме да бидеме таму каде што се зборува за растот, развојот и новите можности за соработка“, кажа тој… „Сега постојат некои притисоци, па дури и закани, условувања, но изборите во Америка ќе покажат колку Европа наивно ги следеше сите нивни условувања и како некои политики се менуваат, додаде Додик истакнувајќи дека РС ќе ја продолжи политиката на неутралност
Дека ова прашање им е интерсно на медиумите покажуваат вестите за изјавите на Вучиќ по самитот но и по средбата со претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лаен, но и повторното известување за тоа што рекол Додик, односно дека имал намера да добие финансии од БРИКС.
Социјалните мрежи во егзалатација од БРИКС
Покрај сè може да се заклучи дека медиумите на македонски јазик, барем поголемиот дел, се обидуваа да одржат релативна професионалност и релативна урамнотеженост во известувањето, дотолку повеќе што обратни примери за „кликбејт“ наслови со хвалоспеви, беа секојдневие при пласирањето вести и извештаи во медиумите на македонски јазик.
Затоа пак, на социјалните мрежи беше забележана вистинска егзалтација од „учинокот“ на 16. Самит на БРИКС во Казан, односно од неговото проширување и бројните други потпишани документи меѓу организацијата и нејзините членки и поддржувачи или аспиранти за членство.
„Вистиномер“ направи сериозна анализа посветена и на рефлексиите на БРИКС на социјалните мрежи, во која меѓу другото се наведува:
Рефлексиите од самитот на БРИКС кај неговите македонски фанови во објавите на социјалните мрежи се движат од егзалтацијата дека Западот ќе добие силен противник кој ќе го укине американскиот долар, ќе се воведе нова валута меѓу земјите-членки на оваа групација, која ќе биде доминантна на светската геополитичка мапа, до потребата С. Македонија ултимативно да се приклучи кон овој блок.
И, конечно и најбитно за нив, БРИКС нема да ги уценува новите партнери – меѓу кои благонадежно се гледа и С. Македонија – како Западот, па не ќе мора да се коленичи пред него, туку ќе имаме шанса да се приклучиме во „новиот постзападен свет“. За шансата да „не коленичиме пред вратата на ЕУ за влез во царството на фашистите и ЛГБТ болесниците“ и во видео објавата во која се тврди дека во БРИКС „никого не уценуваат со име, идентитет, јазик, култура“.
Збогум на доларот!?
Во анализата беа регистрирани и објавите на социјалните мрежи со кои се велича Русија, но и се потенцира скорешното наводно „умирање“ на доларот:
Меѓу објавите кои го глорификуваат БРИКС се и онаа на јутјуб каналот „Слободен свет“, во која се тврди дека само на овој самит Македонците можат да бидат „чистокрвни Македонци“ и дека „треба да бидеме ненормални и како народ и како поединци“ ако не го сакаме БРИКС. Објавата вели дека иднината на Македонија е во рамките на БРИКС, и не ни треба глобалистичката политика која ги „продава македонските национални интереси“….
… Посакуваната супремација на БРИКС се рефлектира и во објавата која го величи рускиот претседател Путин, пред кого наводно се поклонува и Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Меѓу објавите кои циркулираат во „слава на БРИКС“ се и оние за единствената банкнота за земјите-членки, која „ќе стане замена за доларот“, кому веќе му се порачува „збогум“, претставена од претседателот на Русија.
Иако, се нагласува во анализата, вакви дезинформации кружат и покрај тоа што и самиот Путин лично изјави дека тоа за доларот не е вистина:
Рускиот претседател Владимир Путин јасно стави до знаење на самитот дека земјите од БРИКС не го отфрлаат целосно американскиот долар, туку подготвуваат алтернативи доколку пристапот до него продолжи да биде ограничен. Истражувајќи ги алтернативните валути за трговија, БРИКС настојува да ги ублажи ризиците од таквите политички мерки, пишува „Фајненшл експрес“., се наведува во анализата на „Вистиномер“.
Сè на сè, комплетна доминација на медиумскиот и просторот на социјалните мрежи со Русија, БРИКС, иднината на светот, а низ морето информации забележливи беа и навивачките елементи и пропагандата, но и дезинформациите.
Извор: МЕТА