Sapere aude!

Sapere aude!

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Просветителството е општ духовен и мисионерски покрет на европското граѓанство, посебно интелегенцијата, кој се одвива во XVIII век како борба против догматските авторитети. Преку развојот на просветителството се преиспитуваат и на нов начин се согледуваат и концепираат поимите човек, природа, ум и бог; со тоа се оспоруваат дотогашните размислувања и начин на живеење. Овој период придонесува човекот да се ослободи од предрасудите и разните дотогашни верувања и го поттикнува да се интересира за човечките реални општествени проблеми. Просветителството има за идеал човекот да стане господар на својата судбина. Целта е да човекот ја освои својата среќа по пат на слобода и разум.

Добата на просветителството не може точно да се поистовети со XVIII век, со оглед на тоа што започнува кон крајот на XVII век по класичната доба која се нарекува „криза на европската свест“. Тоа е периодот 1680-1715, односно англиската револуција Glorious revolution 1688, а завршува пред крајот на векот со Француската револуција во 1789. Американската револуција од 1776 исто така е дел од епохата на просветителството, што придонесува одредени мислители да го сметаат XVIII век како век на наднационална, западна, демократска револуција! Просветителството започнува најпрво во Англија, а оттаму значајно се шири во Франција, Холандија, Швајцарија, Шкотска, Германија, со извесно задоцнување во Русија, Полска, Италија, а преку Пиринејскиот полуостров стигнува и до нашите краишта.

Просветителството е побуна против принуда од страна на авторитетите, залагање за духовна слобода, за одбрана на автономијата и почит кон волјата на човекот. Емануел Кант ја создава една од најпознатите дефиниции за просветителство „Просветеност е излегување од состојбата на самоскриена незрелост. Незрелост е немоќ да се употребува својот разум без да биде под водство од некој друг. Таа незрелост е самоскриена бидејќи причината за неупотреба на сопствениот разум не лежи во недостаток на капацитет, туку во недостаток на храброст и одлучност да се служи сопствениот разум без раководење од страна на некој друг. Sapere aude! Имај храброст да се служиш со сопствениот разум! Тоа е, всушност, лозинката на просветителството”.

Во периодот на просветлување, на разни начини се водат борби против сите облици на религиско, политичко и интелектуално угнетување. Во овој период владее уверување дека просветените луѓе, нивното усовршување по пат на воспитување и едукација ќе создаде основа за позитивна промена во светот.  Како што рекол Сен Жист: „Свет во кој ќе биде можно освојување на сопствена среќа, таа нова идеја за Европа“. Пишувањето во периодот на просветителството, не е цел сама по себе. Тоа се користи како средство за критика и акција преку која ќе се воспостават нови норми и нови односи помеѓу луѓето. Просветителството дава придонес во создавањето услови за воспоставување на нов политички систем кој ќе се базира на универзалност, еднаквост и праведност. Бројни се мислителите кои даваат значаен просветителски и духовен придонес за развојот и просветлување на свеста, но противречностите постојат и се објаснети во Дијалектика на просветителството (1947) каде авторите се прашуваат: „Зошто човештвото наместо премин во граѓанска состојба тоне во варварство?”.

Денот на просветителите Св. Кирил и Методиј треба да не’ потсети за значењето на отвореноста на умот за нови знаења и сознанија. Да нѐ поттикне за поинаков пристап кон воспитувањето, образованието и меѓусебното однесување.

Преку едноставни примери тоа укажува на фактот дека високиот социјален статус не значи диплома, титула, материјално богатство, ако човек не е во состојба да развие општествена корист, емпатија, почит кон другиот, разбирање на различностите, сфаќање на квалитетот на другиот како предизвик за подобрување на себеси, духовна состојба во која малодушноста не е основа за карактерот на човекот.

Sapere aude! Образованието и социјализацијата мора да постигнат кај учениците и студентите поттикнување на храброст за да се служат со сопствениот разум, но не врз база на егоизам, непотизам и хипокризија, туку врз база на почит, дијалог, поттикнување на размисла и подигнување на свеста за значењето на развојот на духот и умот!

За многу години!

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …