Сарацин порача да не се потценува временскиот рок за уставни измени

Да не се потценува временскиот период за донесување на уставните измени, порачал денеска во Скопје специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин на средбата со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

Сарацин, како што соопшти собраниската прес-служба, ја поздравил одличната соработка со германскиот Бундестаг, а особено размената на искуства за собраниското обезбедување.

„Во рамки на својата функција, ја понуди помошта и поддршката за унапредување на процесот на евроинтеграции, истакнувајќи дека Сојузна Република Германија посакува процесот на уставни измени да се заокружи што е можно поскоро. Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на нашата земја од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен. Од тие причини, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважн е да не се потценува временскиот период за нивно донесување. Негово видување е дека многу време е изгубено во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти“, се наведува во соопштението од Собранието.

Претседателот на Собранието, Џафери изразил особена благодарност за личниот ангажман на соговорникот, како и на посветената и континуирана поддршка на Сојузна Република Германија за реализацијата на двете стратешки цели на земјата: претходно членството во НАТО и сега актуелно, пристапувањето кон полноправно членство во Европската Унија.

На средбата присуствуваше амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер и генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова.

Сарацин се среќава и со премиерот Димитар Ковачевски, со министерот за надворешни работи Бујар Османи, а планирана е и средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, со кого, како што е најавено, ќе се состане во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

За утре е планирана средба на специјалниот германски пратеник за Западен Балкан со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и негово учество на конференција на тема „Подобрување на Берлинскиот процес, преку парламентарна демократија“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Почина американскиот дипломат Кисинџер

Познатиот американски дипломат и научник Хенри Кисинџер, кој остави неизбришлива трага во надворешната политика на …