Сашко Коцев: Публиката сака само едно – добра претстава

Сашко Коцев, актер во НУ Македонски народен театар – Скопје. На актуелниот 53.Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, во претставата „Ничија земја“ го толкуваше ликот на босанскиот војник Чики. Веднаш после завршувањето на претставата, со Сашко Коцев разговаравме за театарот, за Чики и Нино, главните ликови од претставата, за жирито…

Разговараше: Зоран Милошески

 

За изведбата на „Ничија земја“ на театарскиот фестивал во Прилеп…

Коцев: МНТ е голема, скапа и значајна театарска куќа и очекувањата на публиката од неа беа големи. И тоа е наш голем притисок, како актери, како цела куќа. Верувам дека вечерва ги оправдавме очекувањата. Ова е напорна претстава за целата екипа, почнувајќи од реквизитерот па до главната улога. Никогаш досега не сме рекле дека сме имале лоша претстава, туку дека сме имале ваква или онаква изведба. Нашата најстресна изведба досега беше во Зеница, во Босна, бидејќи ние на едни луѓе кои во буквална смисла на зборот биле вклучени во оваа приказна, требаше да им одиграме претстава за нивната приказна…што беше многу потресно за нас. Овде имавме жестока изведба. Публиката сака само едно – добра претстава. Таа сака да се насмее и да се расплаче. Тоа е основната дејност на секој театар, бидејќи тој излегол од сите обредни ритуали на човекот, за раѓање и за умирање. Мислам дека вечерва ние тоа го направивме.

За наградите, жирито, публиката…

Коцев: Наградите воопшто не се битни, тие се став на едно жири. Оваа година има жири од…Па да ви кажам, оваа година има жири од едно еминентно, реномирано тело, актери од кои што сите ние кои игравме во претставата, сме многу помлади од нив. Сакам да кажам дека, што и да одлучат, ќе веруваме во нивниот став, затоа што тоа се актери кои многу ги почитуваме. Професори и актери. Ова е публика која секогаш кога ќе дојдеме, театарот го става под една лупа и секогаш бара нешто повеќе. Публика која не се задоволува со малку, со евтин хумор, со евтино одработена работа, е единствен движечки момент за еден театар. Таа сака многу и вечерва тоа се случи. Оваа претстава е многу смешна и многу тажна, верувам дека денеска публиката тоа точно го разбра. Тоа го покажа аплаузот, тоа го покажаа реакциите.

За соживувањето со ликот кој го толкува…

Коцев: Претставата почнува во 20 часот, а јас, верувајте, во 18.30 не сум повеќе Сашко Коцев. Јас сум Чики, ликот од претставата. Додека работевме со режисерот Александар Морфов, јас и другите колеги сами си ги смислувавме имињата. Така што, од тој момент, од 18.30 часот јас сум Халид Чикановиќ Чики. Оттогаш станувам друг човек, кој е вклучен во војната, во својата кауза, никогаш да не се помири со ништо друго освен со неговата кауза која ја наметнува политиката, национализмот и сето останато што го носи една војна.

За ризикот да се игра претстава која претходно била филмувана и добила Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје…

Коцев: Кога дојде режисерот, ние ја имавме истата дилема – зошто овој текст? Сме го виделе, сме го чуле. Дали овој текст треба да се работи, зошто оваа војна, дали нас нѐ засега оваа војна? Ама режисерот дојде со едно ново читање кое го нема во филмот. Целиот театар се “налепи“ на оваа идеја, дека ова може да се случува во Ангола, Мадагаскар, Малезија, Кина, Туркменистан… секаде каде што има двајца или тројца луѓе убедени во различна идеја, а тоа се, всушност, истите луѓе. И тоа во истиот момент станува многу смешно и многу тажно. Многу трагично. Додека ја работевме претставата, ние филмот не го гледавме. Намерно не го гледавме. Кога јас претходно го гледав филмот, мене ми изгледаше како некоја лимонада. Имаше таму некои моменти да се насмееш, но не и да се расплачеш, што според мене треба да биде рецепт за една добра претстава. Како што реков, ние филмот не го гледавме, туку го гледавме филмот на режисерот. Гледавме еден видео клип од Јутјуб. Многу тажен клип, би ве замолил и вас да го погледнете. Млад војник на ЈНА, со шлем на главата и со шума на шлемот, го прашуваат: Вие за кој сте? За Босна, за Србија, за Хрватска? Војникот, кој има 18-19 години, вели: Апсолутно не ме интересира, мене ми е важно да останам жив!

За Чики и Нино…

Коцев: Халид Чикановиќ Чики, е еден бескрупулозен и до крај издржан лик во својата кауза. Својот национализам, својата убеденост во работите кои му ги носи политиката… тој не допушти тоа него да го обземе. Неговиот единствен излез беше смртта. И така и заврши.

Овде, во претставата, главната идеја на режисерот му беше Србинот Нино, кој што во 1/3 од претставата е млад човек кој прв пат фаќа пушка во раце. До крајот на претставата се претвора во убиец, а на самиот крај на претставата тој, за својата кауза, реши да се самоубие. Тоа е една трагедија, една мина на Балканот која што никогаш никој нема да ја тргне. Мина која што секогаш ќе остане тука за оние кои што добиваат политички поени за да останат на власт, да се збогатат, да имаат поголеми материјални добра и кои ги подгреваат тие чувства. Јас сум левичар по убедување, но ние сме исти. Човекот е едно исто и оваа претстава посебно ги побуди тие чувства во мене, ми помогна уште повеќе да ги зацврстам. Тој човек имаше 19 години и реши да се самоубие. Мојот лик, Чики, за момент му прости нему, 15 минути беа другари, беа многу блиски. За момент тој го заборави тоа и реши да го убие. Не го уби, го рани. Само затоа што беше помлад од него.

За режисерот Александар Морфов…

Коцев: Додека ја работевме претставата, дојде режисерот Александар Морфов и првото што ни рече беше да не го гледаме филмот. И ние не го гледавме. Кога ја раскажа главната улога, тоа е Нино, младиот војник на ЈНА, одма реков – тој што ќе ја игра улогата, не може да оди на фестивал а да не земе награда! На аудиција бевме месец и пол, само читавме, не се знаеше кој што ќе игра. Ние имавме среќа што го имаме овој режисер. Да ја режираше македонски режисер, ќе имаше доза на една патетика која ќе нѐ однесеше во друг правец. Морфов вози по работ. Секогаш кога ќе се насмееш, тебе те здоболува. Секогаш кога ќе се расплачеш, се насмеваш. Верувам дека претставата ќе живее уште долго и дека публиката секогаш ќе го препознае тоа што режисерот сакаше да го прикаже.

Прочитајте повеќе

Владата му го одзеде државјанството на украинецот Онишченко

Владата на денешната седница одлучи да се поништи одлуката за прием на Олександр Онишченко во …