Сашо Ристовски, Театар Комедија: Жедни сме за театарот

Сашо Ристовски, Театар Комедија: Жедни сме за театарот

Интервју со актерот и директор на Театар Комедија, Сашо Ристовски

  • Театарска завеса сè уште е спуштена. Како го оценувате изминатиот период за театарот?

Ристовски: Театарот, но и целиот свет, го минува најтешкиот период. Тежок период во секоја смисла, но морам да истакнам дека во нас сè уште постои надеж дека многу наскоро ќе се крене завесата, ќе светнат рефлекторите и повторно ќе сме онаму каде што припаѓаме на сцената во театарот. Многу е тешко кога сте постојано на сцена и одненадеж имате „стоп“ предизвикан од опасен непријател. Тешко е сè уште, бидејќи уште го чекаме денот кога ќе можеме да го вратиме флуидот помеѓу нас и публиката. Убеден сум дека ќе го победиме опасниот непријател.

  • Соседните држави веќе ги отворија вратите на театрите. Што нè спречува да е така и кај нас?

Ристовски: Да, точно. Во соседството се отворија вратите на театрите, но кај нас сè уште не. Знаете, ние веќе шест месеци во театар не работиме. Премногу е специфична целата ситуација и навистина треба да сме претпазливи. Ние како Театар Комедија веќе детално го разработуваме предлог-протоколот за играње претстави во затворен простор, кој сакаме да го доставиме уште еднаш до Комисијата за заразни болести. Како што знаете, ситуацијата се следи од ден во ден и јас сум оптимист дека набрзо ќе почнеме со претстави и ќе застанеме на нашата сцена во Театар Комедија. Која премногу ми недостасува.

  • Театар Комедија најавуваше летна сцена. Што се случи, зошто не започнавте?

Ристовски: Отворањето на летната сцена го одложивме за крајот на летото. Протокол за работа на отворено, односно за во надворешни услови имаме, но одлуката на мојот тим, а поддржана од мене, се промени и решивме тоа да се случи кон крајот на септември. Знам дека публиката е желна за нашите претстави, но ете, кај и да е ќе започнеме. Во моментов течат проби за претставата ,,Си беше еднаш“, која требаше да има премиера на 27 март. Премиерата ќе ја биде наскоро и публиката ќе може да ужива во неа на сцената на отворено.

  • Дали Театар Комедија ќе ја реализира целата програма која беше планирана за оваа година? Или поточно, колкав дел од неа ќе успеете да реализирате?

Ристовски: Навистина би сакал целосно да ја реализираме, но невозможно е. Ќе реализираме само дел, а дел ја префрламе за следната година.

  • Што се случува со вашиот фестивал ,,Гола месечина“? Дали ќе го одложите за наредната година?

Ристовски: Не. Фестивалот само го одложивме за крајот на септември, бидејќи моравме да изготвиме предлог-протокол, а и да ја измениме програмата. Знаете, секоја година имаме претстави од соседството, покрај нашите, а оваа година тоа е невозможно поради пандемијата. Годинава ќе имаме само претстави од нашите театри, како и учество на некои приватни продукции. Фестивалот ќе се одржи во согласност со протоколите, така што и учесниците и публиката ќе бидат заштитени и безбедни. Тимот на Фестивалот веќе е спремен и се работи на финалните подготовки, па се надевам дека тоа што го имаме зацртано ќе се реализира.

Сашо Ристовски, Театар Комедија: Жедни сме за театарот

  • Како го поминавте периодот на вонредна состојба и, секако, летниот период?

Ристовски: Работно. Јас и управата на театарот бевме постојано на работа, како во периодот на вонредната состојба, така и во летниот период. Постојано бевме во разговори, консултации и носевме одлуки на дневна основа. Ние како театар имавме и вклучувања во живо со содржини во кои беше вклучен поголем дел од ансамблот. Сакам искрено да им се заблагодарам на сите колеги-актери од театарот, како и на членовите на оперативно-техничката екипа кои учествуваа во реализацијата на тие содржини.

  • Театар Комедија учествуваше на фестивалот „Охридско лето“ со последната ваша премиера ,,Човек, ѕвер и доблест“. Какви импресии понесовте од фестивалот?

Ристовски: Беше прекрасно. По шест месеци, повторно на сцена, пред публика… Преголема возбуда, убава енергија, желба и крик на душите за театар. Мислам дека ќе ја паметам таа вечер цел живот. Многу работи ми станаа јасни таа ноќ кога игравме. Публиката дишеше со нас, само овој пат на дистанца. Жедни сме за сцена, а публиката за сите нас, за театарот и за комедијата. Сите сме жедни за театарот.

  • Дали сметате дека со пандемијата, повеќе или помалку, ги научивме лекциите за животот?

Ристовски: Да, се надевам дека е така. Јас лично можам да кажам за себе. Научив многу, имав моменти кога долго размислував за сите мои постапки, за семејството, театарот, пријателите, колегите… Се преиспитав, направив ретроспектива скоро за сè. Преиспитувањето е многу добра работа, не треба да се срамиме од тој чин. Сите грешиме во животот, во работата, во љубовта… но грешките не треба да се повторуваат. Треба да се трудиме секој ден да стануваме подобри личности, да научиме да си простуваме, уште повеќе да си помагаме еден на друг и, секако, да се почитуваме. Никој не може сам да функционира, мора заедно и мора да сфатиме дека еден без друг не можеме. Во ова време-невреме многу е важно да се биде човек. Животот знае да биде некогаш и груб со нас, но ние треба со позитивна енергија да дојдеме до неговата убава страна. Сè, па и животот за мене има убави страници. Тој е како книга полна со бели и чисти страници, а ние сме писателите. Секој ден ново писание, секоја ситуација нова драма напишана на тој лист.

  • Ќе ве видиме ли наскоро во некоја од новите претстави во Театар Комедија или пак на друга сцена, во нова претстава со нова улога?

Ристовски: Тешко дека оваа година ќе играм во нова претстава, бидејќи имам уште поголема одговорност како директор во ова време-невреме предизвикано од пандемијата. Фокусот ми е апсолутно насочен во работата, која носи многу должности и обврски, кога состојбите знаат да се менуваат од ден во ден. Сметам дека е неопходно целата енергија да ми биде насочена кон раководењето на институцијата. Важно ми е да испливаме од ова кризно време со што помалку последици за сите нас. Одговорноста е голема.

Прочитајте повеќе

СДСМ лого

СДСМ: Во новиот мандат европски систем за правда и целосен ветинг во новиот мандат

Соопштение за јавност на СДСМ Клучна определба во новиот мандат на СДСМ е европски систем …