Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) преку својата потпретседателка Стефанија Кузмановска упати жестоки критики до владејачката партија и министерката за образование Весна Јаневска поради политиките кои удираат директно врз студентскиот стандард.
Откако студентите го кренаа својот глас преку писмо упатено до министерката, од СДММ велат дека власта панично се обидува да го минимизира проблемот со празни бирократски фрази.
Намалени стипендиите за социјално ранливите
Според Кузмановска, зад наводната „подобра прераспределба“ и прилагодување кон „потребите на пазарот на трудот“, всушност се крие сурово кратење на можностите за најранливите студенти на кои поддршката им е најпотребна.
„Од вкупниот број на стипендии наместо како досега 49%, сега 40% ќе бидат за студентите од социјално ранливи категории“, истакна таа.
Од подмладокот на опозициската партија обвинуваат дека со законските измени се крати и од поддршката за сместување и исхрана, со што свесно се создава двокласен систем во високото образование – поделен на студенти од привилегирани семејства и студенти кои ќе мора да се снаоѓаат сами.
Арогантна власт која го поттикнува иселувањето
СДММ ги оцени реакциите на студентите како целосно оправдани, нарекувајќи ја актуелната власт криминална, арогантна, одлепена од реалноста и неспособна да ги слушне младите луѓе – освен кога тие ѝ се потребни за политички маркетинг.
Со ваквиот игнорантски однос се уништуваат студентските соништа, се деградира квалитетот на образованието и директно се демотивираат најуспешните млади луѓе, што пак го поттикнува нивното иселување од државата.
На крајот од обраќањето, Кузмановска порача дека СДММ ќе продолжи гласно да се бори за достоинствен студентски стандард и дека младите се приклучуваат на Фронтот за вистина и правда, бидејќи тие сакаат членство во Европската Унија кое ќе донесе еднакви услови и вистинска поддршка.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место