Прес конференција на Методија Илиевски
Почитувани граѓани,
Се соочуваме со еден од најсериозните скандали кои го поткопуваат безбедносниот систем во нашата земја – незаконското поставување на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност. Криминалното поставување на Христовски од страна на партискиот шеф Мицкоски е преседан и упад во безбедносниот систем на државата. Откако се потврди она што СДСМ го кажуваше, дека Христовски ги нема потребните сертификати за да биде директор, се докажа дека тој прави грубо кршење на законите. Институциите кои се столб на нашата безбедност се злоупотребуваат во интерес на политичката агенда на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ова не смее да се дозволи.
Почитувани,
Бојан Христовски не ги исполнува законските услови за позицијата директор на АНБ. Свесното кршење на законите и принципот на „владеење на правото“ е показател за начинот на кој оваа Влада се однесува кон правната држава. Сведоци сме на фрапантен пример каде Мицкоски и неговите соработници прават „превласт“ над институциите, поставувајќи луѓе без квалификации на клучни позиции.
Користење на фалсификуван документ е криминал, а не само законски пропуст. Христовски нема соодветен меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик, туку се користел со фалсификуван документ за да ја добие функцијата. Ова претставува кршење на законот и кривично дело за кое мора да одговара. Повикувам ЈО да отвори постапка.
Скандалозно е што лицето кое извршило кривично дело било Државен советник за криминалистички работи во МВР. Ова поставување ги загрозува сите принципи на безбедност и интегритет во институциите. Како е можно личност со таква историја и нарушен интегритет да се најде на врвот на АНБ? Ова е крајно опасно и создава ризици за националната безбедност.
Поради овие сериозни прекршувања на законите и процедурите, СДСМ остро бара:
Итна оставка на Бојан Христовски од функцијата директор на АНБ и одговорност за прекршувањето на законот.
Итна реакција на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која треба да ги потврди информациите и да се изјасни по ова прашање. Повикуваме на транспарентна истрага, која ќе утврди кој го овозможил ова кривично дело и кој е одговорен за неговото назначување.
Одговорност и оставка од Мицкоски, кој свесно ги партизира институциите со поставување на лица без квалификации и нарушен интегритет.
Почитувани граѓани, ова е сериозен аларм за сите нас. Владата покажува дека не постои почит кон правото, а уште помалку кон јавниот интерес.
Повикуваме на обединување на сите политички и општествени сили кои веруваат во правната држава и институциите. Не смееме да дозволиме АНБ да биде заложник на лични интереси и незаконски дејствија. Ова не е само политичко прашање – ова е прашање на безбедноста на државата и на довербата во правната држава.