Прес-конференција на Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп
ВМРО-ДПМНЕ во опозиција и ВМРО-ДПМНЕ на власт, се две различни партии.
Она што за опозициската ДПМНЕ до вчера беа „криминални проекти во режија на Владата на СДСМ“, денес за владејачката ДПМНЕ истите тие проекти имаат „историска важност“ за Македонија. Таков беше случајот со изградбата на Коридорите 8 и 10, исто како и договорот со „Бехтел и Енка“.
Опозициската ДПМНЕ, со инсинуации, лаги и клевети, до недоглед ги опструираше сите проекти на Владата на СДСМ кои имаа стратешка важност за нашата држава.
Сепак, врв на лицемерието на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ е нивниот став кон договорот кој Владата на СДСМ го склучи со компанијата „Бехтел и Енка“ за изградба на автопати.
Откако опозиционерот Мицкоски овој договор го прогласи за „историски криминал“ кој требало да биде поништен оти бил „спорен по сите основи“, деновиве премиерот Мицкоски со неговата свита, без срам и перде, излезе да изврши увид на работите на автопатот Прилеп-Битола.
Доследни во својата недоследност и хипокризија, лицемерите од ДПМНЕ го величеа изведувачот на работите, додека пак изградбата на автопатот го прогласија за „столб на економскиот развој на регионот“.
Во целата фарса свои улоги имаа и прилепските функционери на ДПМНЕ, на чело со градоначалникот Борче Јовчески. Оние кои во 4-годишното владеење со Прилеп потрошија над 100 милиони евра а не успеаја да ги закрпат ни дупките по улиците, без око да им трепни застанаа пред камерите да се сликаат китејќи се со туѓо перје.
Господа од ДПМНЕ, колку и да се обидувате да ја извртите вистината, таа е една и од неа бегање нема.
Факт е дека со потпишаниот договор со „Бехтел и Енка“, СДСМ го започна најголемиот инфраструктурен проект од осамостојувањето на Македонија. И тоа никој не може да го оспори.
Автопатот Прилеп-Битола како дел од тој проект, има витално значење за повеќе од 200.000 жители на Пелагониско-преспанскиот регион.
Во услови на тотална стагнација на економијата, растечка инфлација и катастрофална реализација на капиталните инвестиции од само 26% за првата половина од 2025-та година, економските експерти се едногласни во оценката дека единствено нешто што се движи во економијата, е токму изградбата на 110-те километри автопат од Коридорите 8 и 10.
Во таа насока, ја охрабруваме актуелната Влада да продолжи со реализација на сите инфраструктурни и други проекти започнати од Владата на СДСМ, бидејќи тоа е од приоритетна важност за сите граѓани на нашата држава.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место