Соопштение за јавност на ОО СДСМ – Прилеп
Вчера се одржа 20-тата седница на Совет на општина Прилеп, на која опозициските советници предложија проширување на Дневниот ред со дополнителни прашања кои се од интерес и исклучително значење за граѓаните на Прилеп.
Советниците на СДСМ и коалицијата побараа на седницата да се зборува за состојбата со уличното осветлување во градот. Бидејќи, иако преку сметките за електрична енергија граѓаните плаќаат за таква услуга, заради неспособноста на Општината да избере фирма која ќе го одржува уличното осветлување или заради некои бизнис интереси, Прилеп 10 месеци е потонат во темница.
Опозициските советници предложија Советот да расправа и за состојбата во општинските јавни претпријатија кои неколку години наназад бележат катастрофални финансиски резултати, поради што е доведена во прашање и исплатата на плати за вработените. Беше побарано на седницата да бидат повикани директорите на јавните претпријатија кои пред советниците и пред прилепската јавност ќе кажат колкави се загубите, колку средства добиле од општинскиот буџет и дали имаат конкретен план за надминување на ваквата состојба.
Исто така, предлог на опозицијата беше Советот да донесе Одлука за воведување мерки за енергетска ефикасност, односно субвенции за инвертер клима уреди и соларни панели.
Опозициските советници побараа на седницата да се зборува и за причините поради кои со месеци доцни изградбата на кружниот тек Табана. Да потсетиме, Договорот на Општина Прилеп со Министерството за транспорт и врски беше потпишан пред 2 години, на 28.10.2024 година, со ветување на Градоначалникот дека мостот на кружниот тек ќе биде готов најдоцна до јули оваа година. Јули помина пред 3 месеци, а од она коешто граѓаните со свои очи можат да го видат, завршувањето на градежните работи на мостот не се ниту на повидок.
Покрај овие предлози, опозициските советници предложија уште 10-ина други точки за проширување на Дневниот ред, кои советниците од владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, сите до една, ги одбија.
Наместо расправа за суштинските проблеми и за реалните потреби на прилепчани, советниците на ДПМНЕ и градоначалникот Дејан Проданоски, кој патем речено вчера повторно избега и од советниците и од граѓаните, предложија точка за поставување на 5 нови, како што тие ги нарекуваат, спомен-обележја, меѓу кои и споменик на мајмун!
И додека градот со месеци е потонат во темница, улиците се како швајцарско сирење, јавните претпријатија пред банкрот, додека прилепчани се’ уште чекаат Градоначалникот да реализира барем едно ветување од неговата изборна програма, Проданоски и ДПМНЕ ќе поставуваат споменик на мајмун!
Прашањето е, со што прилепчани заслужија ваква неодговорна локална власт?
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место