СДСМ Прилеп: За да вработат 45 партиски војници, градоначалникот Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ ги укинаа парите за исхрана на децата со посебни потреби

СДСМ Прилеп: За да вработат 45 партиски војници, градоначалникот Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ ги укинаа парите за исхрана на децата со посебни потреби

Прес-конференција на Дарко Герамитчиоски, член на Советот на општина Прилеп од редовите на СДСМ

Почитувани,

Вчерашната седница на Советот на општина Прилеп, беше „шлагот на тортата“ кога е во прашање лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески.

Вчера, Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ и на дело покажаа дека се’ што им ветуваа на граѓаните, било лага! Голема и безобразна изборна лага!

Со начинот на кој ги распределија средствата од ребалансот на буџетот, Јовчески и советничката група на ДПМНЕ покажаа дека во нивната сфера на интерес не се ниту нашите најмлади сограѓани, ниту спортските клубови, ниту пак занаетчиите.

Она што уште повеќе револтира, е тоа што откако ги даде инструкциите да бидат одбиени сите предлози на опозицијата, градоначалникот Јовчески кукавички замина надвор од државата!

Советниците од владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, по втор пат го одбија предлогот на СДСМ и коалицијата за доделување еднократна помош во висина од 4.000 денари за секое семејство кое има запишано ученик во прво одделение во некое од прилепските училишта.

Со тоа што не прифатија да одделат повеќе средства за спортските клубови од општина Прилеп, со неприфаќањето да се зголеми финансиската поддршка за фудбалот и ракометот, Јовчески и ДПМНЕ покажаа дека спортската гордост на прилепчани, „Победа“ и ракометниот клуб „Прилеп“, не им значат ама баш ништо!

Одбивајќи го амандманот на опозициските советници за еднократна помош на занаетчиите, паднаа во вода декларативните заложби на градоначалникот и на ВМРО-ДПМНЕ за финансиска поддршка на локалниот бизнис во време на актуелна економска криза.

Без никакво чувство на одговорност, одбиени беа предлозите за издвојување средства за набавка на теренски возила за Територијалната противпожарна единица и за реконструкција на некој од објектите во сопственост на Општина Прилеп и негова пренамена во Младински културен центар.

Сепак, веројатно најсрамната одлука која ја донел било кој досегашен состав на Советот на општина Прилеп, е онаа со која ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески ги укинаа парите за исхрана на децата со посебни потреби, во висина од 300.000 денари.

Срамот е уште поголем ако се знае дека во најголем случај, овие деца потекнуваат од семејства кои живеат на работ на егзистенцијата и за кои секој денар е од непроценлива важност.

Меѓутоа, за Јовчески и за ДПМНЕ срамот и емпатијата се непознати именки.

Без никаква грижа на совест, наместо таму каде што е неопходно, Јовчески и неговите сопартијци парите на граѓаните ги трошат за партиски вработувања.

Така, само во 2022 година, за времено вработување на 45 партиски војници на ДПМНЕ во Општина Прилеп, односно за паралелната општинска администрација која ја инсталира Јовчески, потрошени се фрапантни 310.000 евра народни пари!

Нема пари за првачињата, нема пари за децата со посебни потреби, ама затоа има 300.000 евра за партиската војска на ВМРО-ДПМНЕ!

Ваков безобразлук, ваква нехуманост и вакво неодговорно трошење на општинскиот буџет, прилепчани не паметат.

Заради сето ова, заради колку-толку зачувување на неговото достоинство, а се’ во интерес на неговите сограѓани, го повикуваме и очекуваме веднаш после враќањето во државата и во Прилеп, Борче Јовчески да поднесе итна и неотповиклива оставка од градоначалничката функција.

Прочитајте повеќе

Изјава за медиуми, Миле Талевски, пратеник на СДСМ

Талевски: Се остварува сомнежот дека на ДПМНЕ и’ одговараат тензиите за да ги избегнат темите за кои ги лажеа граѓаните

„СДСМ ги осудува настаните кои се случија на Денот на албанското знаме, но она што …