Прес-конференција на Кети Стевананџија, членка на ЦО на СДСМ
Почитувани,
Прилеп, градот на културата и на театарската уметност кој изнедрил десетици уметници, актери, режисери, драмски автори и театарски работници чии имиња се изговараат стоечкум и со должен пиетет, го допре дното.
Инспекторите на Дирекцијата за заштита и спасување ги затворија Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“, а катанци доби и киното „Мис Стон“.
Тоа е резултатот од негрижата и четиригодишното срамно менаџирање на културата од страна на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Да биде срамот уште поголем, и театарот и салата во Центарот за култура се затворени заради, како што констатирала инспекцијата, опасност по безбедноста на уметниците и посетителите во двете институции.
Ништо помала вина за настанатата ситуација нема ни Владата на ДПМНЕ, која ветуваше изградба на нов театар во градот под Марковите Кули.
Имено, иако проектот за новата театарска зграда од поодамна е готов, тој не се најде во Програмата на Владата за изградба на нови и реконструкција, санација и адаптација на постоечките објекти од областа на културата за 2025 година.
Ова е “подарокот“ со кој локалната и централната власт на ДПМНЕ на прилепскиот театар му ја честитаа 75-годишнината од неговото постоење. Период во кој на „штиците што живот значат“ биле одиграни над 7.000 претстави, кои ги виделе близу 2 милиони гледачи.
Скандалот во режија на ДПМНЕ уште повеќе добива на тежина, ако се знае дека сето ова се случува на само два месеца пред почетокот на 59-тото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Факт е дека на локално и на централно ниво ги имаме најнеспособните власти кои било кога раководеле со општина Прилеп и Македонија.
Но, за да не се доведе во прашање одржувањето на престижниот и етаблиран театарски фестивал, апелираме до градоначалникот Борче Јовчески и до Владата на ДПМНЕ, да ги ангажираат сите расположливи ресурси, да ги издвојат потребните финансиски средства и да овозможат услови за продолжување на 6-децениската традиција на „Војдан Чернодрински“.
Од ваква неспособна локална и централна власт, ништо повеќе и не може да се бара.