СДСМ со 10.000 амандмани ќе го блокира Изборниот законик

СДСМ со 10.000 амандмани ќе го блокира Изборниот законик

Додека власта брза да го фати последниот рок за исполнување на обврските од реформската агенда до 30 јуни, опозицијата со 10 илјади амандмани најави дека ќе го блокира носењето на Изборниот законик.

СДСМ тврди дека измените отвораат простор за злоупотреби, додека ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека се кочи европската иднина. Во расправата се вклучија и од партијата Левица, која исто така најави блокада поради „политичка дискриминација“ со државното финасирање на изборите.

Клучни забелешки на СДСМ за законските решенија

СДСМ најави дека нивната пратеничка група подготвува 10.000 амандмани со кои ќе го блокира носењето на предложениот Изборен законик. Аргументите на првиот човек на СДСМ, Венко Филипче, се дека тој содржи решенија кои не се европски и демократски и отвораат простор за злоупотреби на изборниот процес.

„Ваков закон ова Собрание не смее да донесе. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат да имаат фер, демократски изборен процес…“, рече Филипче.

Филипче посочи три спорни точки:

  • Електронско гласање без доволни механизми за контрола
  • Промена во начинот на означување на гласачкото ливче
  • Ограничување на приговорите само ако се внесени во записниците

„Тоа отвора ризик за масовно и неконтролирано гласање…“, рече Филипче. Тој предупреди и на можност за изборни манипулации и злоупотреби.

И Левица најави блокада

И партијата Левица исто така најави блокада. Координаторот Борислав Крмов реагираше на процедурата: „Не е точно дека сте имале каков било консензус од партијата Левица за овој документ. Сето тоа се лаги. Ние сме доведени да прифатиме којзнае што, само за да фрлите неколку ситни трошки и потоа да тврдите дека има согласност. Исправањето на неуставните решенија не е услуга кон Левица, туку ваша обврска“.

Крмов наведува дека еден член „магично се појавил заедно со предлогот, а во него се набројани десетици наводни вербални прекршоци, со кои буквално се отвора можност за воведување цензура за време на изборите.

„Ако нешто кажеме или напишеме на социјалните мрежи, тоа може да биде прогласено за прекршок и да биде казнето со глоба до 8.000 евра“, наведува Крмов.

Претходно реагираше и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој рече дека останува на ставот дека државното финансирање на изборните кампањи мора да важи еднакво за сите политички субјекти или воопшто да не постои:

„Нашиот став беше јасен – или да има за сите или да нема за никој државно финансирање! Наместо државно финансирање, може да има само телевизиски дебати. Но, повторно остануваат истите законски решенија кои и ОБСЕ ги оцени како спорни – за сите има, само за Левица нема. Тоа е класична политичка дискриминација!”, порача тој.

Мицкоски: Опозицијата ја блокира земјата

На ваквата најава реагираше премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека опозицијата има шанса да ја поддржи европската иднина преку реформи.

„Блокираат закон кој со месеци го договараа. Закон во кој им прифативме сѐ што предложија. Единственото нешто што побаравме е дијаспората да може да гласа по електронски пат уште на следните претседателски избори. Прво го прифатија, а денес го блокираат и бараат бледи алиби-аргументи“, оцени Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски ги повика пратениците да поднесат конкретни амандмани и да не го блокираат носењето на Изборниот законик

Тој ги повика пратениците да поднесат конкретни амандмани. „Ајде вака: предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ви ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик. Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори, во време кога во светот вештачката интелигенција ќе има клучна улога“, порача премиерот на социјалните мрежи.

Собранието веќе ја започна постапката

Собранието со 59 гласа „за“, три „против“ и без воздржани во понеделникот попладне (29 јуни) ја изгласа потребата за носење на законот по скратена постапка.

Предлогот е поднесен од група пратеници – Антонијо Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска. Со измените, меѓу другото, се предвидува електронско гласање на дијаспората, а има промени и во делот на државното финансирање на партиите.

Во однос на изборниот модел, Милошоски укажа дека најголем број од политичките партии биле за една изборна единица, но две биле за осум и за три, но бидејќи не се постигнал консензус, се остана на сегашното решение со шест изборни единици.  Во однос на гласањето од дијаспората, се предлага по примерот на Франција и Естонија да има електронско, безбедно и заштитено гласање.

Извор: DW