Изјава за медиуми на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Почитувани,
Секогаш кога земјава се наоѓа во исклучително важен момент за интеграциите, за иднината, Христијан Мицкоски излегува со груби невистини и ги поткопува државните позиции.
Наместо да застане на иста страна, на страната на граѓаните, на страната на државните интереси, Мицкоски шири невистини, шпекулации, си поигрува со чувствата на граѓаните правејќи штета на процесите.
Денеска во име на Мицкоски невистини зборуваше Антонио Милошоски, докажан извор на лажни вести, осуден во Германија, против кого се водат предмети и пред македонските судови. И тоа кажува доволно за нивните нечесни намери.
Вистината е различна. Апсолутно се неточни изјавите на Мицкоски кажани и преку Милошоски.
Ниту има нешто тајно, ниту се разговара за македонски јазик и македонски идентитет.
До решение може да се дојде само преку дијалог. Но, македонскиот јазик и македонскиот идентитет не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат на маса за преговори.
Овој наш став е јасен, разбран и поддржан од граѓаните, но и од пошироката меѓународна заедница.
Само Христијан Мицкоски делува деструктивно, само од Мицкоски нема поддршка никаква.
Ако мисли дека рушејќи ги државните позиции, минирајќи дипломатски процеси ќе добие политички поени се лаже. Граѓаните сакаат напред, не сакаат назад.
Ако се плаши дека успехот на татковината е негов неуспех, тоа е негов проблем.
Оттука, Мицкоски треба да престане со антидржавните дејствија, граѓаните тоа не го заслужуваат.