СДСМ: Срамна партизација, хаос и културна деградација во режија на ДПМНЕ

СДСМ: Срамна партизација, хаос и културна деградација во режија на ДПМНЕ

Соопштение за јавност на Комисијата за култура на СДСМ

Прес-конференцијата на министерот за култура и туризам Зоран Љутков, одржана во Медија-центарот на Владата, наместо отчет пред јавноста, се претвори во уште еден доказ за целосната неспособност, нетранспарентност и брутална партизација на културата под власта на ДПМНЕ.
Наместо јасни критериуми, детални финансиски податоци и образложенија за резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес за 2026 година, министерот понуди конфузна и празна презентација, без суштински информации. Аплаузот на крајот на прес-конференцијата беше партиски перформанс, а не институционален отчет.
Реакциите од културната јавност се масовни и оправдани. Уметници, писатели, издавачи и културни работници реагираат поради селективната и понижувачка распределба на средствата. Во издавачката дејност повторно се одбиваат автори со децениско творештво, меѓународни награди и преводи низ светот, без никакво стручно образложение. Се поставува легитимното прашање, дали ДПМНЕ воведува црни листи и „неподобни“ автори во македонската култура?
Особено загрижува фактот што комисиите за избор, кои треба да гарантираат стручност, независност и интегритет, очигледно се составени од партиски полтрони и лојални кадри на ДПМНЕ и коалицијата, а не од релевантни професионалци. Таквите комисии не носат стручни одлуки, туку политички пресуди врз културната сцена.
Недоличните јавни реакции, навредите и очајничките изјави на одбиени автори се директна последица на нетранспарентниот, хаотичен и неправеден процес што го спроведе Министерството. Кога нема јасни правила, бодирање и образложенија, се создава револт и чувство на понижување кај целата културна фела.

Но, најскандалозниот и најопасниот момент е следниов:

Министерот јавно ги објави резултатите од конкурсите на интернет, додека поединечните решенија сè уште не се доставени до апликантите преку системот uslugi.gov.mk, како што налага законската и административната постапка.

Со ова е направено сериозно прекршување на постапката. Апликантите немаат формално врачени решенија, немаат правна поука, ниту можност навремено да ги остварат своите законски права за жалба и приговор. Ова претставува основ за оспорување на целиот конкурс во пакет, бидејќи постапката е компромитирана уште во самиот чин на објавување.

Дополнително, и понатаму не се објавени резултатите за Националните установи од културата, што отвора сериозен сомнеж за намерно криење информации и можни злоупотреби на јавните средства.

Во музејската дејност, од околу 500 доставени апликации, одобрени се само 80 проекти, без јавно објаснување по кои критериуми, со какви оценки и со каква стручна аргументација. Ова не е културна политика, туку институционален хаос.

Дополнително, т.н. „делегиран буџет“, кој министерот се обидува да го прикаже како пилот-проект, е спротивен на Законот за култура и претставува опасен механизам за директна политичка контрола и клиентелизам.

За потсетување, во време на СДСМ, Годишните програми за култура беа целосно транспарентни,јавно се објавуваше кој аплицирал, колку средства побарал, колку добил и зошто, со јасни критериуми и можност за образложение. Денес, тоа е заменето со тајност, партиска селекција и правна несигурност.

Фактот што Годишната програма се најавува со задоцнување и спротивно на утврдените рокови е уште една потврда дека културата под ДПМНЕ е доведена во целосен распад.

СДСМ јасно и недвосмислено порачува: културата не е партиски плен. Бараме итно поништување на спорните постапки, целосно објавување на сите резултати, доставување на решенијата до апликантите согласно законот, јавно објавување на составот и одговорноста на комисиите и политичка одговорност од министерот Зоран Љутков.

Ова не е реформа. Ова е срамна партизација, правен хаос и културна деградација во режија на ДПМНЕ.

Прочитајте повеќе

Израел започнува нови напади врз Иран

Израел започнува нови напади врз Иран

Израел започна уште еден „широк“ бран напади врз цели во западен Иран, соопштија израелските одбранбени …