Пишува: Сотир Габелоски
СДСМ е носител на големиот план за Македонија. Од осамостојувањето до денес оваа партија носи одлуки кои на долг рок го гарантираат најпрво опстанокот, а потоа и развојот на државата.
СДСМ ја понесе државата во периодот по референдумот за независност. Во периодот на блокадите од Грција, па употребата на привремената референца. Потоа доаѓа периодот по воениот конфликт во 2001. СДСМ повторно е партијата која добива најголема доверба и ја носи државата во еден процес на помирување и возобновување. По овој период, доаѓаме до овој современ период. Од Преспа договорот кој го поплочи патот кон НАТО и стабилноста.
Повозрасните многу подобро од мене би го опишале периодот на самостојност и независност. Како човек роден 1993 година, не можам доволно сликовито и веродостојно да ги опишам процесите кои се случувале, со исклучок на периодот од 2011 до денес.
Поентата на овој текст не е да ги убедувам читателите дека СДСМ е подобар од ДПМНЕ. Луѓето сами си знаат. Но, горенаведените процеси ги користам за да потврдам дека СДСМ ќе опстои, ќе се возобнови и повторно ќе биде власт и веројатно по којзнае кој пат ќе ја оправа штетата нанесена од власта во доаѓање. Попатно, со многу грешки, но со стратешки одлуки и концепти кои ги зајакнуваат темелите на државноста.
И покрај желбите СДСМ да го снема, неодговорното однесување на одредени инстанци од раководството, народните избраници и поделеноста помеѓу членовите и симпатизерите – СДСМ, сепак, ќе ја биде. Државотворноста која ја носи во себе и смислата за носење одлуки кои се про-иднината на државата, зборуваат зошто партијата ќе продолжи да биде еден од двата најсилни фактора во државата.
Друго прашање е колку време сето тоа ќе одземе. Внатрешните битки само што не започнале, а во СДСМ се гледа голема поделеност. Трето прашање е, каде се погреши и четврто, како и зошто ДПМНЕ успева повеќе да го зграпчи вниманието на граѓаните.
СДСМ останува, тоа е факт и не е многу тешко да се предвиди што ќе се случува на долг рок. Од осамостојувањето до Преспанскиот договор, оваа партија покажа зошто на Македонија и’ е потребна и како власт, и како опозиција. Државотворна, чувствителна за периоди низ историјата во кои се наоѓа државата и носење на одлуки врз основа на отвореност и транспарентност, кога се работи за големите прашања.
До реализацијата на моите очекувања ќе се случуваат многу работи и СДСМ ќе се занимава повеќе со себе, отколку со власта. Како и да е, партијата ќе се врати на голема врата затоа што суштината на државата е дел од неа.