Се асфалтира мостот во населбата „Сточен пазар“, до крајот на месецот ќе биде пуштен во употреба

Со поставување на асфалт, денеска продолжуваат градежните активности околу изградбата на мостот на Градската река, во населбата „Сточен пазар“.

По тој повод, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски изврши увид во градежните, притоа истакнувајќи дека со реализацијата на овој проект покрај граѓаните кои живеат во овој дел од градот, голем бенефет ќе имаат и стопанските субјекти и компаниите кои го користат мостот за транзит на стоки и услуги, особено заради фактот дека преку улицата „Трајко Николоски“ се одвива најголемиот дел од товарниот сообраќај во Прилеп.

„Во тек е финалната фаза од изградбата на мостот на Градската река во населбата „Сточен пазар“. За прв пат во последните педесетина години, се гради ваков современ мост. Големината на мостот ги задоволува сите неопходни стандарди за товарниот и велосипдескиот сообраќај, како и сите потребни услови за безбедно движење на пешаците. Да напоменам дека во најтесниот дел, широчината на мостот е 22 метри, каде се предвидени четири коловозни ленти , од кои две во едниот и две во другиот правец, а од двете страни на овие коловозни ленти ќе има по една велосипедска и една пешачка патека. Граѓаните кои што живеат во оваа урбана заедница ќе имаат бенефит од изградбата на мостот“, изјави градоначалникот Јованоски.

Од компанијата „Стентон – Битола“ која е изведувач на мостот, истакнаа дека мостот е изработен според сите важечки стандарди и прописи за денешно време, со посебно
внимание од статичка гледна точка, затоа што мостот треба да го издржи долгогодишниот процес на експлатација .

„Од самиот почеток на изградбата на мостот, паралелно се одвиваа повеќе активности: ископи, фундирања и понатамошни работи кои го следеа целокупното работење на објектот. Земени се квалитетни материјали, направени се лабораториски испитувања и конечно како што гледате дојде денот за да се асфалтира. До крајот на денов ќе го асфалтираме мостот. Во следните денови, согласно договорот за изградба, планираме да бидат завршени и останатите пропратни работи и до крајот на месецот, односно пред новогодишните празници мостот ќе биде ставен во функција“, изјави Љупчо Димовски, технички раководител на компанијата „Стентон – Битола“.

Градоначалникот Јованоски додаде дека во наредниот период, односно после месец март ќе биде реконструирана и улицата „Трајко Николоски“, од потегот на мостот до улицата „Александар Македонски“ со што комплетно ќе биде реконструиран овој дел од градот и значително ќе се подобрат условите за одвивање на транспортниот сообраќај.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …