Се демонтира мобилната болница до Инфективна клиника

Се демонтира мобилната болница до Инфективна клиника

Министерството за здравство информираше дека вчера почна демонтирањето на шаторите од мобилната болница која беше поставена како надополнување на капацитетите на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во случај на зголемување на бројот на пациенти за хоспитализација.

Мобилната болница „Role 2“, добиена како донација од Норвешка, имаше капацитет од 130 кревети и комплетна опрема, а беше поврзана со топла врска со Клиниката за инфективни болести и фебрилни заболувања. Таа беше поставена во соработка со Министерството за одбрана и Армијата во март.

– Ова е голем успех што немавме потреба од дополнителни капацитети за згрижување на пациенти од Ковид-19, бидејќи од почетокот на епидемијата во земјата постоечките болнички капацитети за хоспитализација на овие пациенти се стабилни и исполнети само 10 проценти. Успешно го амортизиравме ударот врз нашиот здравствен систем, но покажавме подготвеност да се справиме и со полоши сценарија – вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Во меѓувреме со донација од Швајцарската амбасада се постави монтажната болница како дел од системот за понатамошното справување со Ковид-19 во земјата.

Таа ќе се користи како Ковид центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат, согласно нивната здравствена состојба.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …