Багерите ангажирани од Македонски енергетски ресурси (МЕР) денеска интензивно работеа на пробивање на трасата на гасоводот преку Водно на потегот над селото Шишево, информираат активистите на „Го сакам Водно“, кои беа присутни на лице место.
– Соочени сме со очигледно самоволно донесена одлука на власта да ја продолжи изградбата на гасоводот преку Водно по секоја цена – велат од „Го сакам Водно“.
И покрај нивните напори, тие велат дека се малубројни и немоќни да ја спречат работата на багерите, кои, според нивни информации, се уште работат без да бидат обезбедени потребните дозволи за работа во заштитеното подрачје на Водно, во услови на истечена дозвола за сеча на дрвјата, како и без видливо обезбедено и обележено градилиште, што се задолжителни за сите локации на градежни зафати.
Денес на лице место биле и претставници на „Паркови и зеленило“, но тие само ја мониторирале состојбата на терен и не презеле ништо.
Од „Го сакам Водно“, исто така велат дека нивните обиди да дознаат како надлежните инспекции во овој случај си ги извршуваат своите обврски, завршиле со префрлање на одговорноста од една на друга инспекција и без конкретен одговор.
Повеќе од еден месец откако градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов издаде времена забрана за работите околу изградбата на гасоводната делница 5 Скопје – Тетово – Гостивар преку падините на Водно, со цел да се преиспита оправданоста на гасоводната траса преку заштитеното подрачје на парк шумата Водно, МЕР продолжија со изградба на гасоводот на 11 Октомври, на празник и во неработен ден. Притоа ја известија јавноста дека бил постигнат договор со екологистите околу трасата, нешто што од групацијата „Го сакам Водно“ решително го демантираа.
Извор: МЕТА